Личната рефлексија на Ирена Поповска

Ќерка, сестра, тетка, другарка, (поранешна) новинарка, повремена преведувачка, вечна критикувачка, магистер по опшествена и културна теорија и лице со попреченост.

Драги пријатели,

Ви посакувам добредојде на овој пркосен портал. Јас сум Ирена Поповска и актуелната додавка до моето име е негова уредничка. Другите зборови кои ме (до)опишуваат се ќерка, сестра, другарка, (поранешна) новинарка, повремена преведувачка, постојана критичарка, магистар по опшествена и културна теорија и лице со попреченост. Последното обележје го стекнав пред две децении како последица на ретка хронична болест.

Луѓето од моето опкружување велат дека сум силна и бунтовна личност. Тоа е веројатно така затоа што заедно со моите родители носам тежок товар на плеќите. Го нарекуваат попреченост. Долго време верував дека тоа што ми се случува е мој личен проблем, со кој треба јас да се справувам. Додека мускулите изчезнуваа некаде таму, додека секој самостоен чекор беше мал подвиг, додека говорот стануваше назален, и додека стисокот на дланките слабееше да задржи чаша вода, чувствував како бесот зрееше во мене. Можев фино да го препознаам; бес, што произлегуваше од увидувањето дека мора да се прифатат фактите како неминовност, бес од детерминираноста на нештата во универзумот… Сепак, не му дозволив да ме совлада. Успеав да го скротам.

Треба да помине време, велат.

За тоа време искусував, учев, читав, размислував и конечно сфатив дека феноменот на попреченоста не е ниту само индивидуална, ни семејна мака. Прашањето на попреченоста со сета своја комплексност и чувствителност е пред се` одговорност на целото општество, кое е едноставно должно да го третира и ситуира како антиципирана човечка инаквост. Парадоксално, од сите општествени маргиналци, лицата со попреченост се најдлабоко изолирани, неинформирани, дискриминирани, исплашени и бескорисни. Инертните системски политики како само да ги мултиплицираат нивните тешкотии во маѓепсаниот круг во кој се веќе затекнати.

Иронично, луѓето не се попречени само од своите тела, туку и од своето општество.

ПРКОС растеше. Тој се развиваше во повеќе облици, и во секој од нас, основачите, созреа да се фати во костец со предизвиците на реалноста. Состојбите дефинитивно мора и ние самите ги менуваме, не само да обвинуваме или очекуваме. Баш тој здружен ПРКОС има за цел да им помогне на лицата со попреченост и на нивните блиски да живеат активно, квалитетно и достоинствено. Како електронски – преку овој портал, така и теренски, со конкретни акции.

Нашата заложба е да делуваме во создавање на општество без препреки, во кое сите граѓани ќе уживаат еднакви права и можности. Секако, имаме огромен јаз што постои меѓу овие два слични и различни света. Следствено, имаме широко и прилично неистражено (да не речам необработено) поле за обемен граѓански активизам. Но, имаме и низа планови, идеи и замисли за негово облагодорување. Притоа, сосема ни е јасно дека пред нас е долг, бавен и мачен пат од исклучителен напор, труд, посветеност и истрајност. Затоа, придружете ни се заедно да пробиеме нови хумани патеки кои ќе ги поврзуваат сличниот и различниот ученик, студент, работник, сосед, роднина, другар, партнер, родител. За општото добро. За среќата на сите. Ајде заедно да:

Почнеме Решиме Кажеме Откриеме Смениме!

Објавен : март 31, 2019