Нуркање под ѕвезди

Овојпат, на првата вечер од летото, ПРКОС ве води на импресивно филмско патување низ животот на актуелниот и трикратен светски шампион во адаптирано сурфање. Сепак, пред да почне да ги победува другите, Бруно Хансен успева да научи да се справува со својата параплегија. Овој документарец ги раскажува личните падови, мрачни мигови, искушенија, но, и наоѓањето нова и повторна смисла во постоењето преку страсното поврзување со океанот. Филмот е искрена, топла и приемлива човечка сторија, чија траекторија прво ќе ве спушти на дното, па, со челичната воља на главниот лик, ќе ве крене на површината на светлината. Еднакво фасцинантен за сите возрасти, „Океанска терапија“ a.k.a „Devocean“ е сниман 2010 – 2015 г. на Бали, на плажите и во водите на Индискиот океан, со камерата на Патрис Рамос и буџет од 1.000 долари. Прикажуван е и наградуван на повеќе фестивали за океанска документаристика.

Ако по проекцијата се чувствувате мотивирано да коментирате и инспирирано да ја споделите гласно вашата импресија или можеби приказна, со задоволство ќе ви го овозможиме тоа. Или едноставно, ќе и` оставиме на спонтаноста на мигот да не` носи низ насоките на дружењата.

Настанот ќе се одржи на 21 јуни, во 20:30 часот, на терасата на Green House (Илинденска 94), која е пространа и пристапна за корисници на колички. Дојдете, ќе нуркаме заедно во океанот наречен живот!