Со задоволство ве покануваме на промовирањето на првата публикација на ПРКОС. Станува збор за прирачник со совети за убаво однесување кон лицата со попреченост прифатени во цивилизираниот свет и прилагодени на македонските прилики. Во време кога кај нас почна толку интензивно да се зборува на тема „попреченост“, објавувањето на еден ваков водич со практични упатства за бон-тон во обични, секојдневни ситуации се наметна како неопходност. Ако идејата е да навистина градиме инклузивно општество, тогаш, да почнеме од основата т.е. да се научиме да комуницираме едни со други.
Јазот меѓу световите на сличните и различните е се` уште длабок. Стравот „како“ тие да се доближат е се` уште голем. Добриот збор, топлата насмевка, хуманиот гест, малата помош, должното внимание се, всушност, патеките кои поврзуваат. Ова едноставно четиво низ 50тина страни нуди токму такви, корисни инструкции за секој што сака (по)соодветно да се однесува кон својот сосед, соученик, соработник, соговорник или сограѓанин со некаква попреченост. Прирачникот е поделен на кратки текстуални секции наменети за секој вид на попреченост, кои се надополнуваат со 12те илустрации, нацртани од наши врвни млади уметници и графички дизајнери.
Промотор на изданието е Искра Гешоска. Таа е наша драга пријателка, особа со красни човечки и професионални атрибути, долгогодишна граѓанска активистка која одлично го познава културниот код на ова поднебје и силно тежнее кон негово рафинирање. Настанот ќе се случи на 15ти декември, во 12 часот, во Јавна соба. Повелете, дојдете, да се охрабриме, имаме толку многу за споделување!
