Генерален е заклучокот дека од сите општествени маргиналци, лицата со попреченост се најдлабоко изолирани, неинформирани, дискриминирани, исплашени и бескорисни. И дека талкаат низ институциите на системот, и не знаат или нема кому да се обратат за било каков совет, информација и помош.
Преку овој портал сакаме да допреме до сите вас, кои од било каква причина сте натоварени со проблемите на попреченоста, и, следствено, да ги олесниме. Тоа значи дека покрај салонски и теренски, силно ќе ве поддржуваме и електронски. Овде ќе може да ги испишувате вашите животни (и)стории, да ги споделувате вашите таги и радости, да разменувате искуства, да се дружите, да се (само)организирате, да се борите за својата кауза, да дознаете нешто корисно, да се распрашувате и информирате, да се (до)едуцирате, да добивате без да молите. Нека овој пркосен Центар стане вашата сигурна база, која ќе ви го врати изгубеното чувство на припадност кон оваа заедница!
