Дебата: Дали попреченоста резигнира или мотивира?

Со задоволство ве покануваме на нашата пркосна дебата со провокативна и вечна тема „Дали попреченоста резигнира или мотивира?“. Честопати подвизите и успесите на лицата со попреченост се инспирација и за „стандардната“ популација. Иако нивните потенцијали се фасцинантни, тие сепак живеат на маргините. Колку силна мотивација е потребна за да се победи колективната, но и личната резигнација; колку пот, солзи, смеи, неспиени ноќи, мудрост и храброст изискува да се изоди нивниот пат, ќе дознаете од тројцата говорници, извонредни особи со различни попречености. Покрај тоа што имаат свои професии, тројцата се и активисти за правата на лицата со попреченост.

Гере Трипков е докторант на Варшавскиот универзитет, работи life-style coaching пренесувајќи сопствено искуство како параплегичар и го води здружението Equality. Беира Салифоска е вработена физиотерапевтка и вонредна студентка со целосно оштетен вид на Институтот за специјална едукација и рехабилитација. А, Александар Матовски – Цако е танчер, поет, радио-водител и прв дипломиран педагог со Даунов синдром во земјата.

Дискусијата ќе биде во интеракција со публиката и ќе ја модерира Ристо Чулев, омилен професор по Етика, Филозофија и Логика во „Георги Димитров“, и наш пријател и поддржувач.

Настанот ќе се случи во релаксирана, неделна, предновогодишна атмофера на Green House кафетерија (Илинденска 94), на 15ти декември во 12 часот. Повелете, дојдете, ќе се дружиме, мотивираме и дебатираме!