Промотивна трибина

Деновиве, во орбитата на македонскиот општествен простор, лансираме ново непрофитно и непартиско тело, формирано со слободно здружување заради вршење дејности поврзани со поддршка на лицата со попреченост, која ќе поттикне максимално независно функционирање на секоја засегната индивидуа во секој значаен сегмент од животот. Го нарековме ПРКОС. Тоа не сака класично да се промовира во јавноста, туку почнува со првата акција и организира трибина на тема „На што мислам кога велам попреченост“. Ќе се зборува за трите клучни аспекти на појавата – општествен / социолошки, психолошки и културолошки. Говорници се Огнен Спасовски, Никола Гелевски и Мариглен Демири. Модератор на дискусијата е Синоличка Трпкова. Сите учесници се стручњаци во своите области, добро познати на јавноста. Огнен е професор на Факулетот за психологија на УКИМ, а негов потесен научен интерес е инклузивното образование на лица со посебни потреби. Коља е книжевник и уредник на Окно, и предводник на овдешните прогресивни културни текови. Мариглен е професор по филозофија, учесник на иницијативи и движења кои се однесуваат на социјалната правда и вклучување на малцинствата во општеството. Ноли колку што е голема актерка и професорка, толку е и значајна хуманистка. Место на одржување на настанот е кино Култура. Бидете таму на 10ти март, 2018 година, во 12 часот, за да отвориме едно поинакво поглавје на оваа чувствителна тема!