За ПРКОС

Почни Реши Кажи Откриј Смени!

ПРКОС постои во повеќе облици и во секој од нас. ПРКОС е и цвет и акроним. Овој специфичен вид, кој конкретно ние посветено го негуваме и одгледуваме со децении, почна толку упорно да боцка однатре, така што во 2018 година ја пукна мембраната на внатрешните светови и кругови, па изби на површината на надворешната реалност. Токму тој здружен ПРКОС има една и единствена цел: Да прави мали добрини за популацијата со големи проблеми наметнати од нејзините специфични потреби.

Нашата мисија е да ѝ помогнеме во борбата за достоинствен, активен и квалитетен живот. Со ублажување на негативните последици на попреченоста од било кој вид и степен, да им се овозможи на овие лица да се вклучуваат рамноправно во тековното општествено живеење, и со тоа да придонесуваат за добросостојбата на целата заедница. Работиме на штитење на нивните права, на услужување и на обезбедување информации за нив, за најблиските и за професионалците. Воедно, ја јакнеме и потпората на најважните во животот на лицата со попреченост – нивните семејства, згрижувачите и старателите.

Заложбата ни е да делуваме во создавање на општество без буквални и стереотипни препреки, во кое сите граѓани ќе уживаат еднакви права и можности. И ќе постоиме сѐ дотогаш.

Затоа: Почни Реши Кажи Откриј Смени!

Тим

Ирена

Со мојата многугодишна емпирија и теорија од областа на попреченоста, ПРКОСот се наметна како сопствено прибежиште, ама и колективно тежиште. Па, така, личната именка Ирена Поповска можам слободно да ја едначам со општата, пркосната. Притоа, искрено верувам дека ова равенство ќе даде солидни резултати.

Кате

Просветен работник сум јас,

Различностите меѓу децата се мојот училишен час.

Катерина Данилоска Поповска е моето име.

Општественото живеење да стане рамноправно за сите,

Со пркосење и подигање на свеста кај најмалите ми минуваат дните.

Драги

Јас сум Драги Неделчевски. Тие што ме знаат, велат дека им Пркосам на Проблемите. Всушност, зборот Проблем, во мојот речник не постои и тој е заменет со зборот Предизвик. Можеби звучи Препотентно, но јас сум Посебен. Заради мојот син Мане и сите други како него. Љубов.