Промоција на „Еден мој ден“

Драги пријатели,

Среќни сме што во оваа мрачна година внесуваме зрак светлина во македонскиот општествен простор со издавањето на книгата „Еден мој ден“. Тоа е збирка од 30 автобиографски приказни и 50-ина фотографии поместени на околу 300 страници, дизајнирана од студиото „Кома“. Преку нарации напишани во прво лице еднина, секој автор – лице со различна попреченост (параплегија, церебрална парализа, ампутација, Даунов и Вилијамсонов синдром, слепило, аутизам, слабовидност, неколку ретки болести и генетски нарушувања) прикажува како тече еден негов обичен ден како единица мерка за запознавање со текот и модусот на живеачката; со сите маки, смеи, солзи, надежи, копнежи, стремежи, подеми и падови.

Преку овие автентични сториии се доловува не само личната туку и колективна рамка на не/функционалност. Се шири култура кон различностите, се поттикнува милосрдие и грижа кон инаквоста, со што се олеснува вклучување во исклучувачките општествени патеки. Секој приказ има и информативен, едукативен и исповеден, но и уметнички, мотивирачки и терапевтски карактер. Тие се индивидуални творби со масовен домет за зголемување на свесноста за социјалните, семејните и системските теми кои се најчести за овие луѓе. За нивно вмрежување, што носи размена на информации за начини на справување со проблемите и сугестии за подобар живот.

Прва од ваков тип во Македонија, оваа збирка ги скицира овдешните детерминанти на попреченоста, и како таква помага во нејзино разбирање од социолошки, културолошки, психолошки, па и економски и политички аспекти.

Промотор е писателката Оливера Ќорвезироска, која го напиша и поговорот за книгата, а во настанот ќе бидат вклучени и самите автори, секој на свој уникатен начин. Промоцијата ќе се случи на терасата на кафетеријата „Грин Хаус“ (Бул. Илинден 94Б), на 4 октомври во 12 часот, со заштитни мерки од ковид-19.

Повелете!

Ваш,
ПРКОС

Објавен : октомври 1, 2020