Радица Стојкоска: Задоволството кое го изразуваат корисниците од личните асистенти и моментите што ги прават да им го подобрат животот за мене се бесценети

Радица Стојкоска е дел од тимот три социјални работници кој од 2018-та го водат Сервисот за лична асистенција на лица со попреченост при Црвениот крст на град Скопје. Се запознавме пред една година, а пред 6 месеци таа ми „одбра“ соодветна асистентка. Поттикната од нејзината одговорност, интуитивност и посветеност, разговаравме на оваа важна тема.

Радица, најнапред, објаснете за неупатените, а заинтересирани сограѓани: Што е всушност лична асистенција? Какви услуги обезбедува вашиот Сервис и колку лица опслужува? Кој сѐ може да побара личен асистент и по кој пат се стигнува до ваква особа?

Личната асистенција на лица со попреченост има за цел да придонесе за независно и самостојно живеење на лицата со попреченост и нивно активно и рамноправно учество во заедницата и во општеството во целина. Личната асистенција придонесува во поддршка на корисниците во секојдневното функционирање во поглед на активности кои што корисникот ги обавува дома (поддршка во одржување на лична хигиена, облекување, хранење, мобилност во домот, купување продукти, готвење..), поддршка на работно место, образовна установа, центар за рехабилитација и поддршка во заедницата во која што корисникот живее односно поддршка при користење на сите видови на јавен превоз, поддршка за присуство на општестевни и јавни настани, поддршка во користење на социјални и здравствени услуги, социјализација, посета на роднини и културни настани…

Сервисот за лична асистенција на лица со попреченост при Црвен крст на град Скопје е давател на услугата лична асистенција на лица со попреченост, односно обучува лични асистенти кои по завршување на обуката се стекнуваат со лиценциран сертификат за лична асистенција. Понатаму, за корисниците кои што имаат аплицирано за личен асистент бараме соодветен асистент од базата на веќе обучени асистенти.

Личен асистент можат да добијат лица кои се категоризирани со потешка и најтешка телесна попреченост, лица кои што се со потполно оштетување на видот и лица кои што се со комбинирани пречки во развој.

За едно лице да добие личен асистент најпрво треба да е категоризирано со наведените попречености и да аплицира во ЈУ Меѓуопштински центар за социјална работа – Оддел за лица со пречки, со соодветна целокупна документација која што се бара. Како што напоменав најклучен докумет е Наод и мислење за степенот и видот на попреченост. Откако лицето ќе аплицира, Центарот ја проверува важноста на документите и констатира дали барателот има право да користи лична асистенција. Доколку е сѐ во ред и барателот ги исполнува условите, Центарот нѐ известува нас како давател на услугата дека одредено лице има аплицирано за користење на услугата. Потоа, следи постапка на барање на соодветен личен асистент, како и проценка. Кога ќе се најде соодветен асистент, се прави поврзување помеѓу корисникот и асистентот. Доколку е сѐ во ред помеѓу корисникот и асистентот и се сложни за отпочнување на услугата, се склучува договор помеѓу корисникот, личниот асистент и Црвен крст на град Скопје и може да отпочне користењето на услугата.

Во моментот, во Сервиост лична асистенција на лица со попреченост при Црвен крст на град Скопје услугата ја користат 120 корисници и се опслужени од 87 лични асистенти.

Раскажете ни го процесот како се станува (добар) личен асистент. Каков е профилот на луѓето кои се стекнуваат со ова звање? Што најмногу ги мотивира да се пријават, да се обучат и да ја работат оваа исклучително хумана професија?

Најпрво, за да станете добар личен асистент, треба да сакате да го работите истото и да имате желба, мотивација и емпатија. Треба да знаете дека личен асистент не е професија во која што нема да има динамика, туку напротив и дека станува збор за професија која што бара внимание, трпение, посветеност, разбирање, толеранција, смиреност… Исто така, треба и успешно да поминете обука од 2 месеци која што е заснована на теоретски и практичен дел. Доколку успешно ја помиенте обуката и положите на писмениот и усниот дел, ќе се стекнете со сертификат кој подоцна служи за доказ дека можете да работите како личен асистент. Според мене, повеќе мотивирани да завршат обука и да бидат лични асистенти се луѓето кои што имаат роднина, пријател, близок со попреченост или пак луѓето кои што веќе работеле и имаат искуство со луѓето со попречености.

Фото: Ели Ѓеровска

Вашата работа е извонредно комплексна и се состои од повеќе фази. Но, се чини дека есенцијална е крајната, онаа на „спојување“ на вистинскиот асистент и корисник. Со ова вие практично влијаете директно врз квалитетот на живот на двете страни; и ова го поткрепувам со моето лично искуство. На што најмногу се потпирате кога одлучувате кој кому да асистира?

Добра проценка кај двете страни; односно и за корисникот и асистентот, долгогодишната работа со луѓе и долгогодишното искуство во полето на социјалната заштита. Но и добро осознавање и проценување на карактерот од двете страни, како и интуиција се клучните моменти за добро поврзување.

Бидејќи работите со многу луѓе што се во тешка состојба, сигурно секојдневно ви се случуваат згоди и незгоди, пријатности и непријатности… Кои мигови се побројни? И кои случки би ги издвоиле како највпечатливи за вас и за читателите?

Би издвоила дека пријатните мигови се побројни и ги надминуваат незгодите и непријатностите. Од многуте мигови, за мене се посебно значајни миговите на среќа и радоста која што ја гледам во корисниците кога ќе добијат личен асистен кој што ќе им го олесни секојдневното функционирање. Од особена значење за мене се долгогодишните врски кои се создааваат помеѓу асистентот и корисникот и траат повеќе години. Тоа значи дека сме направиле добро поврзување и дека  во ниту еден сегмент од нашите фази на работење не сме погрешиле. Во Сервисот имаме корисници и асистенти кои што функционираат од самото посотоење од 2018 година.

Задоволството кое што го изразуваат корисниците од асистентите и моментите кои што асистентите ги прават за нив со цел да им го подобрат или сменат животот на подобро, за мене се бесценети.

Секако дека има и непријатни моменти. Сепак, тоа е така понекогаш бидејќи Сервисот работи со луѓе и сите ние сме различни и со различни карактери.

Дали вашата досегашна пракса укажува дека некои нешта во услугите коишто ги нудите треба да се сменат и во која насока?

Секојдневно, како што се шири Сервисот, луѓето кои што имаат потреба од асистенција се повеќе го препознаваат истиот. Од тој аспект и бројот на корисници секојдневно расте за што ни се потребни и повеќе асистенти. Меѓутоа еден од најголемите проблеми со кои се соочуваме како Сервис во последните години е недоволен број на луѓе кои што би сакале да се обучат за личен асистент и да го работат истото. Или пак се обучуваат и подоцна никогаш не се одлучуваат да работат како личен асистент.

Во поглед на корисниците би издвоила дека некои корисници имаат за жал потреба од повеќе од 80 часа на месечно ниво на користење на  услугата лична асистенција. За жал, во моментов бројот на користење на часови на месечно ниво не може да надмине повеќе од 80 часа.

Ирена Поповска

Објавен : март 14, 2024