Тимот водители на психо-социјалните инклузивни работилници на ПРКОС и РЕД Центар

Поради големиот интерес за нашите работилници, учениците од 11 до 14 години, со и без попреченост ги поделивме во три групи, а тимот го зголемивме трипати. Запознајте ги луѓето коишто ги водат овие сесии волонтерски во име на општото добро.

   Маја Цветаноска е психолог и гешталт терапевтка под супервизија. Има работено на различни програми за деца и млади кои ги истражуваат инклузијата, правата на децата, комуникацијата со деца, разрешувањето конфликти и менталното здравје на младите. Обожава да соработува и креира заедно со деца и млади.  
   Кирил Тројачанец е психолог и гешталт терапевт под супервизија. Го инспирираат различностите меѓу луѓето и комуникацијата со деца и млади, како и музиката и неговиот саксофон. Работел на линија за поддршка на родители, а сега и како образовен асистент на две млади момчиња.   
   Марија Штерјовска е гешталт терапевтка која работи психотерапија со клиенти во индивидуален и групен сетинг. Предавала психологија на факултет, а во период од пет години има работено и како психолог во основно училиште каде редовно има спроведувано психосоцијални работилници и индивидуални советувања на родители и деца од различна училишна возраст. Покрај психологијата, еднаква љубов има и кон музиката која ја негува преку пеење на свирки.  
   Иван Христов е психолог  и гешталт психотерапевт под супервизија. Има долгогодишно искуство како училиштен психолог во работа со деца од училишна и предучилишна возраст. Има работено на домашни и странски проекти од областа на образованието, раниот детски развој, менторирање и инклузија. Исто така, тој е и обучувач од областа на психологијата и психолошката поддршка. Верува дека преку свесност, одговорност и поддршка можеме да го менуваме нашето однесување и да имаме поисполнето секојдневие.  
   Владо Караев е лиценциран обучувач од МОН за деца и возрасни. Од 1999г активен обучувач во здружение Рубикон преку неформално обраование со ученици и наставен кадар низ цела држава. 25 годишно искуство во детската социјална заштита преку едукативна и консултантска поддршка во сите Установи за згрижување деца и млади и деца во конфликт со законот. Активна едукативна поддршка на персонал кој работи со деца и млади во ризик – воспитувачи, стручни служби, технички персонал и затворска полиција. Најзастапени теми на обуките се: комуникациски вештини, тимска работа, лидерство, разбирање и разрешување конфликти, заштита од врсничко и било кој вид на насилство, употреба на креативни методи во образовен процес… Во бизнис секторот, од 2007 г. организатор и реализатор на тим билдинг настани и обуки за личен и професионален развој на компаниите во државата и надвор од неа.  
   Божидар Трпевски е дипломиран психолог и гешталт психотерапевт под супервизија. Има работено на линијата за поддршка на родители  и го интересира развојот на една личност низ текот на различните животни циклуси. Обожава да чита и да го истражува начинот на кој човекот се поврзува со другите и како тоа се променува низ текот на животот.
Објавен : март 11, 2024