Стиви Вондер: Човекот со сонца во очите

Музичка икона која во сите 30 албуми го стави печатот на својата вибрантна и живописна музика, дури и кога адресираше социјални, расни и духовни теми. Гениј кој никогаш не се врза за еден музички жанр, па мешајќи соул, рок, џез, поп, електроника, фанк и реге, создаде уникатна, лична форма на експресија. Човек-бенд кој со пионерската употреба на синтисајзери го смени ликот на R & B.

Стивленд Морис е роден на 13 мај, 1950 година, во Мичиген, САД, два месеци пред време. Затоа, Стиви бил ставен во инкубатор. Но вишокот кислород предизвикал лузни и одлепување на неговата ретина што довело до состојбата наречена ретинопатија на предвремено родените.

Во 1963, на тринаесетгодишна возраст тој го снимил својот прв Број 1 хит сингл и албум со првите живи снимки што некогаш се искачиле на топ листите. Тој сè уште е најмладиот изведувач што се искачил на првото место.

Низ шеесеттите, под контрола на Мотаун формулата, Стиви прераснал од дете гениј во вистинска музичка супер ѕвезда. Со низа хитови што прогресивно сè повеќе ги вклучувале неговите авторски песни, музичка изведба и продукциски вештини, тој навлегол во седумдесеттите врз солидни темели за да ја создаде една од најтрајните музики на векот.

На дваесет и едногодшна возраст, Стиви ја напуштил хит машината на Мотаун и побарал полна уметничка контрола врз создавањето и продуцирањето на својата музика. Ова резултираше со импресивен збир албуми кои сe сметаат за револуционерни постигања.

Со оваа новопронајдена слобода во седумдесеттите, Стиви станува пионер во употребата на синтисајзери, амалгамски вклопувајќи ги електронските звуци со акустичните на еден беспрекорен начин. Овој потфат влијаел врз лицето на популарната музика и развојот на електронските музички жанрови.

Во 1973 година, тој бил првиот црнец што ја освоил наградата Греми за најдобар албум на годината, подвиг што го повторил со трите следни албуми. Оттогаш има освоено 24 Греми награди и доделена му и Греми награда за животно дело во 1996 година. Тој исто така има добиено и Оскар и Златен Глобус за филмска музика.

Стиви беше воведен во Рокенрол Салата на Славните во 1989 година, најмладиот соло уметник  што го постигнал тоа, а и исто така најмладиот поединец што бил награден со Одликувањето на Кенеди Центарот во 1999 година.

Резултатите од слевањето ма електронската и акустичната музика со уникатни ритми и мелодии придружени со значајни стихови што ги покриваат најразличните ситуации од животот го направија апсолутно клучна фигура во модерната музика.

Долговечноста на неговата музика е очигледна во толку многу аспекти на нашите животи, при што неговите мелодии и стихови се често семплувани/преработувани на плочи и во филмови, што пак му ја донесе почитта на неговите колеги од естрадата.

Сепак, надвор од музичката сцена, тој е посветен на многу хуманитарни активности како Националниот празник Денот на Доктор Кинг Јуниор, борбата против Апартхејдот во Јужна Африка, собирањето средства за истражувањата на СИДА-та, бројни детски добротворни здруженија и здруженија за рак, а исто така секогаш е достапен при собирањето помош при катастрофи. Стиви исто така го одржува својот годишен добротворен концерт Куќа полна играчки уште од 1995 година за собирање средства за сиромашните и обесправените деца за време на Божиќните празници.

Во поскоро време играше клучна улога при изборот на Барак Обама за претседател на САД, со изведби и говори на многу собири. Тој исто така ја понуди својата песна Потпишано Запечатено Испорачано за тема на изборната кампања.

Во 2009 година, на Стиви му беше доделена наградата Гершвин за популарна музика од страна на Библиотеката на Конгресот на САД, и повторно беше најмладата личност што некогаш ја добила оваа награда, а таа му беше врачена во Белата Куќа од страба на претседателот Обама. Покрај ова, Конгресната библиотека му порача на Стиви да напише класично дело, почест што обично не им се прави на уметници од популарната музика.

Во моментов, како Амбасадор на мирот на УН, Стиви успеа да ги освои правата да објавува дела со авторски права во формат достапен за визуелно попречените низ целиот свет. Стиви Вондер е беспоговорно една од најголемите личности во музичката историја. Неговото моќно гласовно присуство, заедно со неговата музичка елеганција, изградуваат дел од широкиот личен спектар на неодолива музика и убедливи емоции коишто се негов личен заштитен знак.

Извор: steviewonder.net

Превод: Марија Џонс

Објавен : мај 25, 2023