Ирена Апостолова: За попреченоста и духовноста

Порано, додека се возев во градски автобус, омилена забава ми беше да влезам во кожата на некое лице што седи или стои пред мене и фантазирајќи, да му го ре-креирам животот. Од изгледот, стилот, хигиената, манирите извлекував заклучоци и продолжував да замислувам каде живее, со кого, што работи, каков глас има, какви избори прави. Ако беше подолго возењето, продолжував да одам во неговото минато, се прашував дали спие на стомак или грб, дали ‘рчи, дали знае да готви, да кажува вицови… Ако имаше нечисто под ноктите или на облеката, гледав како ја зема истата кошула на излегување секој ден. А ако беше постар човек кому му се тресе раката со која се држи на шипката, почнував и јас да чувствувам растрепереност и се прашував како му е внатре во телото.

Сте се прашале ли некогаш како изгледа да си во кожата на хендикепирано лице, лице со сериозна физичка попреченост? На пример, ви текнало ли некогаш да седнете во празна инвалидска количка и да видите како би ви изгледал животот кога не би можеле да ги движите нозете? Секое преместување, за потреба или задоволство е зафат. Или треба некој да ви помогне, или да вложите сами многу напор и прилагодување.

Мислите ли дека кога трајно би требале да останете врзани за таа количка, вредностите и ставовите би ви останале исти? Како би размислувале за судбината? Кој би бил виновен што другите можат да истрчаат на две минути да си купат сладолед, а за вас тој подвиг вклучува или замолување (достоинство!?), или, во услови на пристапност, доста маневри. Направен грев, тешка карма? Би верувале ли тогаш во повисока интелигенција, во совршенство?

Мислите ли дека би имало простор во вашиот живот за духовност? И, што мислите, кому му е духовноста попотребна – на здравите или на тие со посебни потреби? Во современото општество, “survival of the fittest”, каде конкурентноста е најголема вештина, тие што не се „фит“ најчесто немаат голем избор на можности, па си седат дома и можат да филозофираат и да се продуховуваат до илјада и една и назад.

Ирена Поповска од ПРКОС ми предложи да напишам текст за духовноста и лицата со попреченост. Оправдано и очекувано познавање на материјата од инструктор по јога со парализа на десната страна на телото. Да, имам прочитано илјадници страници за душата, духот, умот; да, имам вежбано десетици техники за дишење, стотици телесни положби и поминато многу саати со затворени очи за да ја видам, со внатрешното око, вистината. И, да, го примив советот од физиотерапевтот кога прашав како да си го почешам десното рамо: „Ќе се истриеш од ѕ’дот како кравите“. А времето ми помогна да прифатам дека никогаш повеќе нема да можам да пишувам со десет прсти „слепо“ на тастатура, гледајќи само во екранот. 

Би требало да знам да кажам нешто за духовноста кај лицата со попреченост под основаната претпоставка дека имам референци на двете полиња. Сепак, не го знам одговорот. Духовноста ја промашив, зашто во првите дваесет години од животот единствената понуда беше „дијалектички материјализам“ – се раѓаш, живееш, умираш и точка. Нема криви, нема должни. После таа возраст, насилно браздање на вијуга на некаква нова верба во мозокот беше невозможна. Верувам во тоа што го гледам пред мене и чувствувам во моментов. Вистината е флуидна категорија. Инвалидноста, исто така, ја промашив, повторно поради недостиг на избор – направив преквалификација на моите физички вештини за да се приспособам да си ја заработам живејачката. На моја среќа, сојузник во одржувањето на добрата и силна волја ми е љубопитноста – да изнајдам кои ми се способностите и границите во новонастанатата здравствена психофизичка состојба.

Од мое искуство, сите сме духовни, тоа секој од нас внатрешно си го знае, а на добар пат сме и со гаџети и апликации да го докажеме и научно. Битна е само добра хигиена, во смисла на некаква редовна пракса на себепосматрање, за да не се забетонираме живи.

И несомнено сите ние сме хендикепирани, во најмала рака емотивно или ментално, така што е арогантно и окупаторски да поставуваме приоритети на хендикепираност. Физичкото тело е највидливо и најмерливо, па оттаму и разликите се највоочливи.

„Длабоко сум маѓепсан од сложеноста што тече во тебе“, ѝ напишал Џон Китс на Фани Браун. Јас истото му го кажувам на животот секој ден: успеси, падови; плачење, смеење, лутење, смирување; периоди на очај проследени со зраци на надеж – се н.з.с. за сите нас. Н.з.д. се разликите, кои нè прават луѓе и го исполнуваат духот ако ги почитуваме. Трансцеденцијата е најлесна кога не даваме отпор. Тогаш сите димензии се претопуваат и само тогаш разлики нема.

За авторката

Ирена Апостолова е родена на 16 февруари, 1970 година. Сака јазици, јадење и јога. Најсилна и најслаба страна ѝ се љубопитност, желба за ново и за учење. Сака да ги допира луѓето по душа. Од неодамна е член на ПРКОС.

Објавен : август 8, 2022