Жед за живот

Блескав генијалец, мрачен депресивец, вонсериски креативец... Може ли едно без друго или трето да го опише профилот на сликарскиот маг Винсент Ван Гог?

Замисли за миг дека си успешен човек, исполнет, приватно, но и професионално. Потоа соочи се со фактот дека си сторил само една успешна работа, односно од таа единствена креација, само еден мал дел бил успешен. Но, и покрај тоа твориш со љубов, внимание и страст, а на моменти и бес и разочарување. И никогаш не си се откажал, напротив си продолжил, затоа што црвсто си верувал дека тоа искуство е нешто вистинско за тебе, го сакаш неизмерно, целиот свој потенцијал го вложуваш исклучиво во тоа. После твојата смрт креацијата добива полно внимание, непоимлива слава, препознатливост и успех. Ти си конечно признаен, канонизиран како еден од големците во дејноста, лидер и генијалец во своето поле на интерес и работа. 

Винсент Ван Гог (1853-1890), холандски пост-импресионистички сликар и еден од најзначајните уметници во историјата на Западната уметност и (не)редок пример и жртва на институцијата „уметник“. 

Последните сознанија за неговото творештво и живот навестуваат дека впрочем Ван Гог пател од делириум, состојба од прекумерното конзумирање алкохол (најчесто апсент), од епилепсија, од хиперграфија… Небанално, ова било заклучено по анализа на 900тина писма, од кои 800тина биле испратени до неговиот брат и врз основа на стручното мислење на докторките кои се грижеле за неговото здравје.

Винсент заминува од овој свет по своја желба на 37-годишна возраст, по долго ментално боледување, со потсечено уво, кое го поткаструва со помош на жилет во далечната 1888 година, самоволно!

Но, наспроти сите мислења за него, наводните дијагнози кои му биле поставени нема да ги споменуваме… Впрочем за сите од нив се вели „службено непотврдени“, „не докрај испитани“, „неустановени“. Она за што дефинитивно се сигурни е дека се изложувал на прекумерна злоупотреба на алкохолот, што резултирало до нарушена диета, несоници, исцрпеност.

Ама овој напис е за да се потсетиме, спознаеме, навратиме на неговата генијалност, уметничката големина која токму тој – Винсент Ван Гог – ја поседувал. 

Точно е дека тој продал само една слика за време на неговиот 37 годишен живот, но остава огромна архива од 2100 уметнички дела кои критичарите и публиката ги воодушевуваат повеќе од еден век. Неговите творби красат бројни музеи, дел од нив се во приватни колекции на гордите газди на уметнички дела. Неговото дело „Портрет на доктор Гашет“ е продадено за 3 минути на аукција во 1990 година за вртоглави 82 милиони долари. 

Иронично, винсентовите дела ги краси убавина, емоција и колоритност. Наспроти неговиот приватен и љубовен живот, доживувајќи постојани предизвици. Додека живеел во Хаг се запознава со девојка, која ја бара за сопатничка, па по отрфлањето доживува нервен слом. Неможејќи да го поднесе осамениот живот одлучува да се врати дома. Во 1880 година се сели во Брисел со цел да се развива како уметник. Неговиот плоден период на уметнички план е прекинат од повторно отфрлање од неговата братучедка, по што се врзува со проститутка во бременост, од која се заразува со венерична болест. Ова искуство го натерало да се пресели во Антверпен, каде сака да студира сликарство, но неговата работна техника не добива признание од професорите. Од таму се сели во Арлес, каде ги создава своите најпознати дела „Ноќно кафуле“, „Сончогледи“ или „Тераса на кафулето во ноќта“. Неговата животна приказна навршува во 1890 година во Авер-Сур-Оа, каде си го одзема животот, најверојатно со стрелба од револвер во гради. 

Кратка биографија за една уметничка величина!

Каква земска иронија, човек кој се справува и соочува со постојани отрфлања, приватни разочарувања и професионални неуспеси, станува еден од најпознатите сликари на 20-от век, уметник кој се прославува по техниката за деформација на сликарските визуелизации. Станува инспиратор на експресионистите и фовистите. 

Постои и „Ван Гог под импресии од јапонската уметност“, што му е инспирација за неговите дела – портрети на таткото на Тангуи, парискиот продавач од локалната продавница за уметнички алатки и потребштини, кај кого се снабдува со материјали за работа, како и многу други уметници, Реноа, Тулус-Лотрек, Гоген, Моне, за возврат нудејќи свои дела.

Уметник, жртва, по примерот на неговото дело, насликано и во колекцијата на таткото на Тангуи, кој го продал делото „Ириси“ во 1892 година за 300 франци. Истото тоа дело по 100 години е продадено на аукција во Њујорк за 58 милиони долари. 

Денес мајсторските дела на Ван Гог можете да ги сретнете во најголемите и најпрестижните музеи низ светот. На пример, Орсеј во Париз, Амстердамскиот музеј на Ван Гог, Институтот за уметност во Чикаго ги поседуваат трите речиси идентични дела „Спална соба“ (Собата на Гог во Арлес) насликани 1888-1889 година, дела кое се обожувани од сите љубители на сликарството, а кои ја прикажуваат најпознатата спална соба во историјата на уметноста, дела познати и по тоа што имаат интересни скриени детали. 

Запознавањето на Винсент и неговото творештво несомнено е пропратено со чувство за почит. Тој прави креативен исчекор со сликањето на луѓе во движење, нешто што неговите претходници го избегнувале, додека пак неговите колеги, современи уметници го критикувале: „Дали навистина си толку неталентиран, Винсент, што не можеш да отсликаш верно ни една линија?“

Познатиот писател Емил Зола велел: секоја вистина е прекрасна, без оглед на тоа колку грда форма има. Тоа е нешто што Ван Гог го претставува во делата со обични луѓе, работници. Како на пример во делото „Луѓе кои јадат компири“.

Посебно внимание во неговиот краток, но интензивен живот, заслужува односот со неговиот брат Тео Ван Гог, што го потврдува нивната богата комуникација преку писма. Нешто што Винсент го одржува свесен за својот талент и го мотивира да продолжи со она што навистина го сака, сликарството. Единствено тој вистински ги препознава неговиот труд и дарба. Токму со него во 1886 година започнуваат заеднички живот во Париз, што е и најзначајниот период, кога Винсент почнува да негува сопствен уметнички стил. 

Неговиот уметнички живот е соочен со реалноста, оптимизмот полека но сигурно се заменува со епилепсијата и психички состојби. Наместо да ја развива уметничката колонија во Арлес, заедно со Гоген, оставен е сам на себе. Но, продолжува со креирањето нови дела. Започнуваат да му се отвораат вратите, неговите дела се избрани за изложба на независните уметници Societe des artistes, а критичарите започнуваат со објавување на текстови за неговата работа. 

Во 1890 година се сели во Аувер-сур-Оа, рустикално село близу Париз, каде продолжува со напорното работење, создавајќи десетици дела, но животот станува преголем товар.

Неговиот брат починува 6 месеци по неговото самоубиство, а неговата снаа Јоана започнува со промоција на неговото творештво, како и издавање на преписките меѓу браќата во 1914 година. Оттогаш Ван Гог станува икона на уметничкото богатство и наследство со потекло од оваа планета.

„Некој може да има разгорено срце во душата, но никој никогаш не дошол да седне покрај него. Минувачите воочуваат само облаче чад од оџакот и продолжуваат да одат понатаму.“ – Винсент Ван Гог.

Гере Трипков 

Објавен : ноември 20, 2020