За малите нешта

Пред некој ден ми беше роденден. Обично им се радувам на тие лични, приватни празници на постоењето. И ги осмислувам за да направам мало задоволство, и лично и семејно. Последните две-три години некако го изгубив ентузијазмот за правење креативни роденденски забави, но тоа го препишувам на масовна општествена апатија. И на фактот што стареам, добога.

Баш кога моите ме прашуваа што планирам за роденден и јас немав одговор, на фејсбук ме контактираше моја имењачка. Се претстави дека е воспитувачка во градинка, дека слушнала убави нешта за мене и дека ме поканува да им бидам деновиве гостинка на децата од нејзината група за да се дружиме и разговараме.

Се збунив. Ретко имам контакт со петгодишници и не знаев како тоа би изгледало. Се заблагодарив и одговорив ќе дојдам наскоро. Но, да бидам искрена, не мислев да биде така брзо оти едноставно не се чувствував подготвена. Сепак, следниот ден решив да и препуштам на спонтаноста да ја изрежира мојата средба со новите пријатели и потврдив дека утре во 11 сум таму.

Не сум сигурна кој беше повозбуден: дали тие 11 главчиња кои љубопитно ме ѕиркаа низ прозорите додека пристигав или мојата, трепетливата. Кога влегов во занималната жагорот се стиша. Настана тишина. Осетив како 11 пара очиња се вперија во новодојдената им различност. Ги поздравив со широка насмевка. Тие полека се ослободија од тремата откако ми се претставија. Следуваше првото прашање: што ме прави среќна? Па, што ме растажува? Потоа, палава случка од детството, дали имав трема кога пеев на Златно славејче и кое ми е омилено јадење?

Матеј, Зафир, Лана, Бен, Милан, Маргарита, Марко, Дуња, Матеј, Коко и Бори го следеа со внимание секој мој гест и збор. Нивните сетила ги впиваа сите мои објаснувања; за наоѓањето среќа во добрите дела кои треба да ги правиме за другите, за поврзаноста на тагата со неправдата, за шпагетите со бел сос. Со посредство на нивните посветени воспитувачки Ирена и Маја, дечињата дискутираа и споделуваа свои искуства на темите со толку жар, елан, полет. Од тие навидум мали човечки суштества бликаше толку голема љубов кон мене и кон светот, воопшто. Тие беа толку минијатурни по раст, а толку габаритни во душата.

Потоа, се фатија за рачиња и ми ја испеаја мојата фестивалска песна, нивната омилена и секако среќнороденденската. И на крај, ми подарија едно големо сонце со зраци отпечатоци од нивните дланки.

Враќајќи се кон дома, блесната и раздрагана, по не знам кој пат си го поставувам прашањето: колку е потребно за среќа? Се разбира, тоа е реторичко бидејќи одговорот добро го знам. Всушност, сите ние сме совршено свесни колку малку „кошта“ да ја зголемиме и одржиме ведрината во нас на завидно ниво. И колку многу тоа значи. Сепак, се чини дека треба често да повторуваме за да применуваме. Дека чувството на задоволство доаѓа од малите нешта. Од ситните постапки. Од дребните настани, кои имено живот значат.

Па, ако среќата е активност, како што не учеше стариот мудар Аристотел, да правиме добро за и да бидеме добро, тогаш слободно можев да си посакам среќен роденден!

Ирена Поповска

Објавен : април 18, 2019