За пристапноста во Канада

Со задоволство го објавуваме третиот од серијата написи за пристапноста во хуманите и инклузивни општества. Прикажан е толку сликовито, што изгледа бајковидно. За ПРКОС го напиша нашата пријателка Сузана Чаловска, економистка лоцирана во Сент Џон, Канада.

Канада е земјата која сигурно ќе ја најдете во првите 10 на разноразни листи од типот „кои се најдобрите земји за живеење во светот” ако побарате на интернет. Таа и е земјата која е мој дом во последниве три и пол години. И со право го заслужува тој епитет бидејќи е држава која вложува многу во кавалитетот на животот на сите свои граѓани, во секој смисол на зборот „квалитет“. Многу работи тука се дефинитивно различни од она на што сме навикнати во Македонија, а една од тие работи е грижата за лицата со посебни потреби. И тоа е видливо на секој чекор.

Јас живеам во Сент Џон, во провинцијата Њу Брунсвик – Источна или Атланска Канада како ја нарекуваат овде. Прилично далеку од познатите канадски метрополи Торонто, Монтреал или Ванкувер. Една од најмалку развиените провинции во Канада, што секако не е причина за непочитување на основните човекови права, а едното од нив –  слободата и можноста за движење и недскириминација по никој основ.

Ќе почнам од паркинзите за лица со посебни потреби и пристапот до сите јавни објекти. Паркинг местата се видливо обележани, наблиску до влезот на објектот и во број (процентуално) во зависност од големината на целиот паркинг. Тротоарите се прилагодени за пристап со количка, како и посебна накосена платформа која води до влезот во случај ако има скали до главниот влез. Ако влезната врата во објектот не е автоматска, тогаш има копче кое е поставено на висина која одговара на лицето во количка да може да ја отвори вратата. Сите згради, без разлика дали се за живеење или се од јавен карактер имаат ваков пристап. НЕ постои објект во земјава кој нема пристап за лица со посебни потреби.

Нешто што мене ми направи голем впечаток од самиот почеток на живеењето овде е дека сите супер маркети и поголеми продавници, покрај вообичаените шопинг колички имаат и електрични колички за лица со отежнато движење, како и шопинг колички кои имаат седиште за деца со посебни потреби.

Јавниот превоз е апсолутно прилагоден за пристап со колички со посебни рампи кои се подвижни и се спуштаат до тротоарот за да лицето може да пристапи со количката во автобусот.

Децата на училиште одат со посебни автобуси кои се во жолта боја, и кои се препознатливи од многу далеку. И тие се исто така опремени со овие подвижни рампи за пристап на децата со посебни потреби.

Во населбата во која живеам, има неколку куќи кои имаат знаци што личат на сообраќајни, за да означат дека во таа куќа живее лице со посебни потреби. Тие секако имаат за цел да ги направат учесниците во сообраќајот свесни на тој момент и да обрнат поголемо внимание при возењето. Иако, морам да кажам дека ограничувањето на брзината на возењето исклучително се почитува овде, посебно во резидентните делови.

Друго нешто кое е исто веднаш забележливо е ТВ програмата, која е  прилагодена и за лица со оштетен вид и слух со две опции AD И CC:

Опцијата CC (closed captioning) ги прави програмите достапни за лицата со оштетен слух преку текст кој оди на екранот. Нешто слично како превод на филм, но со додатни објаснувања како што се кој зборува во моментот, а вклучува и икони со појаснување ако оди музика во позадината.

Опцијата AD е пак наменета за лица со оштетен вид и е всушност гласовно објаснување за тоа што се случува на екранот.

Канада е исто така државата која има за цел да ја направи земјата „слободна од секакви бариери” до 1 јануари 2040 година, што е предвидено во актот наречен “Accessible Canada” или „Пристапна Канада.“

Владата на Канада, во периодот од јуни 2016 до февруари 2017 се консултирала со своите граѓани за да разбере подобро што „Пристапна Канада” би значела за нив. Била лансирана и веб страница каде Канаѓаните биле прашани да го изнесат своето мислење што пристапноста значи за нив. Преку 6.000 Канаѓани и преку 90 организации ги споделиле своите идеи, креирајќи го најголемото и најдостапното испитување на јавното мнение за пристапноста што Канада некогаш го има спроведено.

Врз основа на ова истражување, на 20 јуни 2018 година, Владата го поднесува Законот Ц-81 до Парламентот на Канада и истиот стапува на сила на 11 Јули 2019.

Накусо, Актот се заснова на веќе постоечките рамки за остварување на човековите права:

1.         Канадската повелба на права и слободи

2.         Канадската повелба за човекови права и

3.         Обврските на Канада како една од државите основачи на Конвенцијата на правата на лицата со попреченост при Обединете Нации.

Како што напоменав, целта на овој Акт е да ја направи Канада земја без бариери до 1 јануари 2040 год. преку активен и системски пристап за идентификување, отстранување и превенирање на било какви бариери кои оневозможуваат пристапност. И тоа првенствено во следниве области:

–           Вработување

–           Згради и јавен простор

–           Информативните и комунакациските технологии

–           Набавка на добра и услуги

–           Транспорт во сите облици.

Заради сѐ ова, Канада е пример од кој може да се учи како земјата треба да се грижи за своите граѓани!

За авторката

Сузана Чаловска е родена во Скопје, Македонија. Таа е економистка, која имаше успешен приватен бизнис во родната земја. Веќе четврта година со сопругот живее во Сент Џон, Канада, каде работи во одделот за сметководство на Cooke Aquaculture Inc.

Објавен : јуни 22, 2021