За пристапноста во Германија

Привршуваме со објавувањето на серијата написи за пристапноста во цивилизираните општества. Седмиот по ред текст е прагматичен и емпатичен како и самата авторка – лекарка. За ПРКОС го напиша нашата пријателка Искра Стефанова-Бростек, лоцирана во Минхен, Германија.

Die Würde des Menschen ist unantastbar или достоинството на човекот е неприкосновено. Овој принцип е дел од Уставот на Германија. Земјата со својата инфрастуктура, политика и организација на здравствениот и социјалниот систем прави големи напори да се овозможи што посамостоен и подостоинствен живот на лицата со посебни потреби; без разлика дали се тоа лица во количка, лица со оштетен вид или слух или на пример лица со изразено нарушување од аутистичниот спектар. Целта е да се овозможат услови во секојдневниот живот, во кои лицата со посебни потреби не би морале да бидат зависни од помошта од други доколку нивната состојба навистина не го наложува тоа, а истовремено неопходната помош да е лесно пристапна.

Примери од секојдневието има многу и голем дел од нив се веќе спомнати во предходните текстови на оваа тема. Од спуштените тротоари на пешачките премини за непречен пат на лицата во колички, широките тротоари на кои дури и кога е дозволено странично паркирање секогаш мора да има доволно простор за количките, до соодветно широките лифтови кон подземните железници во кои секогаш има копчиња на две нивоа со Брајова азбука. Посебните патеки со нерамна површина кои им овозможуваат помош на лицата со оштетен вид да препознаат во која насока е излезот или на пример крајот на една улица. Звучните и визуелни информации за името на наредната станица на трамвајската или подземната железничка линија со кои лицата со оштетен вид или слух би можеле да се снајдат. Посебно означени места за паркинг за лица со инвалидска идентификација и соодветно високите казни за нивно непочитување. Рампите поставени паралено до скалите овозможуваат секој да стигне до потребната дестинација.

Информации за планинарските патеки кои се пристапни и со количка, адаптираноста на музеите, галериите или рестораните и кон потребите на лица со посебни потреби. Сето тоа овозможува што поголема интеракција во секојдневниот живот, нешто што во принцип би требало да се подразбира. Но, за жал, на многу места сето ова е третирано како привилегија за која инволвираните лица или нивните семејства со тешки напори мора да се борат.

Она кое навистина би сакала да го споделам е моето лично искуство како лекар во Германија. Како специјалист по неврологија, поминав еден дел од мојата обука на оддел за невролошка рехабилитација. Оддел каде се спроведува мулитмодална терапија за лица со претрпен мозочен удар, тешка траума по сообраќајна несреќа, лица со воспалителна, малигна или дегенеративна болест на нервниот систем.  Првиот ден од запознавањето со одделот и со моите обврски го поминав во количка, делумно со преврска на очите. Исто како и сите други кои почнуваа со работа на тој оддел: лекари, медицински сестри, терапевти или вработени во службата за транспорт на пациенти (да, задолжителна служба за транспорт на пациенти, бидејки транспортот од одреден оддел до друга локација за преглед не е обврска на пациентите или нивните семејства). Целта на овој ден беше сензибилизирање кон тешкотиите и предизвиците на пациентите со одреден инвалидитет (параплегија, генерализирана мускулна слабост или на пример изгубен вид). Искуството од таа кратка промена на перспектива ме пратеше во секој нареден ден од мојата лекарска дејност.

За време на мојата работа на одделот за рехабилитација добив увид и во тоа што се случува со пациентите по завршувањето на медицинскиот третман. Имено, постои одлично развиен систем за помош на лицата кои по завршената терапија продолжуваат да живеат со одреден инвалидитет. Пред таков пациент да биде отпуштен во домашни услови мора да се обезбедат услови за сигурен и што посамостоен живот. Конкретно, се одржува средба меѓу пациентот или неговото семејство со медицинскиот персонал кој го лекувал и социјалната служба на клиниката. На таа средба се одлучува кои мерки за адаптирање на домот на пациентот се неопходни во зависност од неговата акутелна состојба и медицинска прогноза. Потоа се вклучува соодветна фирма која ги извршува тие адаптации (на пример вградување на лифт, градење на рампа, бања без бариери, вградување на аларм-систем за итни случаи). Освен тоа, навремено се обезбедуваат сите неопходни помошни средства (количка, специјален кревет и слично).

Покривањето на финансиските трошоци е преземено од здравственото осигурување или различни државни институции. Доколку останат трошоци кои мора да ги преземе пациентот, истите можат да бидат делумно одбиени од данокот на крајот од годината. Со тоа се овозможува не само значајна финансиска помош, туку и огромна помош во организирање на сите мерки кои се неопходни за понатамошно згрижување на лицата со одреден инвалидитет. Секако посотојат и курсеви за професионална реориентација, обука за нови способности, како и посебни работилници за лица кои поради својата здравствена состојба не можат понатаму да ја извршуваат својата професија, а сепак можат да бидат професионално активни.

Оваа организација на здравствено-социјалниот систем како и инфраструктурата и атмосферата на која сум секојдневно сведок во Минхен, ја потврдуваат сеопфатната грижа на државата за лицата со посебни потреби. Секако дека и во Германија има многу простор за подобрување, но она што не може да се игнорира е искрената борба за совладување на бариерите со кои многу сограѓани се соочени. И нешто што според мене е исто толку важно: колективната кулура и високото ниво на свест за она што секој од нас индивидуално може да го направи за да се олесни или барем не се отежнува дополнително животот на тие сограѓани, бидејки и најдобрата инфраструктура и закони не се доволни доколку не постои истовремена почит на истите и свесност за нивното значење.

За авторката

Искра Стефанова-Бростек завршила Медицински факултет во Скопје. Потоа заминува на докторски студии по Systemic Neuroscience на Ludwig Maximilians Universität во Минхен, каде живее од 2009-та. По завршување на докторатот, почнува со клиничка специјализација по неврологија. Во моментов работи како лекар на Одделот за неврологија во München Klinik Harlaching.

Објавен : јули 22, 2021