За пристапноста во Австрија

Среќни сме што го објавуваме четвртиот од серијата написи за пристапноста во земјите кои еднакво се грижат за сите свои граѓани. Текстот за австриската престолнина е едноставен и прецизен како и самиот град. За ПРКОС го напишаа нашите пријателки Ида Протуѓер и Елена Стефанова, лоцирани во Виена.

Ако може со три збора да се опише Виена и вредностите кои таа ги емитира како град, тоа е поддршка на различноста. Човекот и неговите индивидуални потреби се клучна оска околу која се кројат политиките, се унапредуваат законите и се дефинираат целите за развој на градот.

Градот преку своите политики, изглед и инфраструктура ги комуницира овие вредности и испраќа порака дека се залага за инклузивност.

Официјалната интернет страница на градот е повеќејазична. Сите информации може да се прочитаат на германски, англиски, како и јазиците на најбројните заедници: босански, српски, хрватски и турски.

Поддршката на различноста се гледа и преку семафорите во центарот, каде светат секогаш фигури во парови, машки пар, женски и двополов.

Фото: www.wien.gv.at

Кај децата уште од намала возраст постои обид за подигнување на свесноста за лицата со посебни потреби. Во возниот парк на автодромот во Техничкиот музеј има колички за лица со попреченост кои сите деца ги возат.

Тротоарите се ослободени за пешаците, речиси на секоја улица задолжително има посебна лента за велосипедистите. За да се обезбеди правото на слободно движење на лицата со попреченост, има бројни регулативи и права кои произлегуваат од законот за антидискриминација што на овие лица тоа им го овозможуваат.

На секој пешачки премин тротоарите се спуштаат за да може количките непречено да одат. Сите пристапи до јавните институции се прилагодени за лицата со посебни потреби. Секој вработен е должен да им прочита документите на лица кои од разни причини не можат да прочитаат.

Секоја станица во подземната железница е изградена со пристап за лицата со попреченост. Исто така, секоја станица мора да има лифт со димензии прилагоден на лицата со попреченост. Ако некој од лифтовите на станиците не е во функција, таа информација е јавно достапна и се објавува редовно на официјалната страница на виенскиот јавен превоз (Винер линиен) и на мобилните апликации кои се користат за јавниот превоз.

На платформите во подземната железница има посебен дел на подот кој е обележен со боја и кој е малку нерамен, со мали плочки како коцки за да им помогне на лицата со оштетен вид да го препознаат и да знаат до каде е безбедно да се стои на платформата. Тие мали коцки потоа од излезот на возот водат до лифтовите, за да можат слепите лица да се снајдат лесно. Во лифтовите со Брајова азбука е напишано како да се стигне до друг кат или излез.

Фото: www.wienerlinien.at

Во автобусите постои регулатива со која ако некое лице во количка сака да влезе, возачот го запира автобусот, извлекува дел кој се спушта над тротоарот и му помага на лицето да се качи. Исто е при симнување од станицата. Во автобусите има посебно копче кога лице со попреченост или пак мајка со бебе во количка сака да се симне, за возачот да знае дека треба подолго вратите да останат отворени.

Фото: www.wienerlinien.at

Кај семафорите има уреди со тон, исто така наменети за лицата со попреченост на видот.

Со проектот „Интернет ослободен од бариери“, страниците на јавните институции се исто така прилагодитени за лица со оштетен вид.

Во делот на пазарот на труд, законски е уредено дека на секој 25 вработени во една компанија мора едно да биде лице со попреченост. Во спротивно, компанијата плаќа такса. Сите приватни компании кои вработуваат лица со попреченост имаат финански бенефиции и даночни поволности.

Сите овие политики кои овозможуваат пристап до јавните добра и услуги за сите граѓани, стануваат култура на живеење. Тоа ги поттикнува и приватните компании да ги земат предвид потребите на лицата со попреченост затоа што во спротивно, тоа би било знак на оддалечување од вредностите на градот кој ги почитува различностите.

Токму јуни во Виена е месец во кој се слави различноста. Во знак на поддршка, на сите јавни институции и во јавниот превоз, се истакнати знамињата во знак на виножито.

На светската листа на градови со највисок квалитет на живот, Виена десет години по ред до 2019 води на листата.

За авторките

Ида Протуѓер е психолог со 20 годишна кариера во новинарството. Кариерата ја започнува во МИА, потоа оди во Канал 5 каде работи како главен уредник на вестите од економијата. Истата работна позиција потоа ја извршува и во ТВ Алфа. Работела и во печатени медиуми. Во 2015 година се сели во Виена каде завршува тренинг за лајф коучинг и советување и бизнис коучинг. Од крајот на 2019 работи како тренер за личен и организациски развој.  

Елена Стефанова е родена во Скопје, а веќе 23 години живее во Виена. По завршувањето на студиите за Информатика, добива пракса во виенска ИТ фирма, каде работи повеќе години. Моментално е самостоен ИТ и проект менаџмент консултант.

Објавен : јуни 29, 2021