За пристапноста во Австралија

Среќни сме што го објавуваме шестиот од серијата написи за пристапноста во општествата креирани по мерка на човекот. Тој е читлив и приемлив како и самиот амбиент. За ПРКОС го напиша нашата пријателка Лилијана Симиќ, лоцирана во Бризбен, Австралија.

Вистинско задоволство е да се опише пулсот на една врвна светска метропола која е толку пријателски расположена кон секоја индивидуа што се наоѓа во неа. Особено ако таа е ваш дом повеќе од две децении и ако вашата долгогодишна работа е поврзана со термините попреченост и еднаквост меѓу студентската популација. Милионскиот и космополитскиот Бризбeн е еден од градовите во Австралија во кој на секој му е овозможено да си го најде своето место под сонцето, па затоа не е ни чудно што второто име на државата Queensland е “Sunshine state” т.е. Сончева држава. 

Без разлика на возраста, на родовата припадност, на способноста и независно од која страна на светот доаѓате, вратите на Бризбeн ce ширум отворени секому и подеднакво спрема сите. 

Инклузивноста и пристапноста како дел од тоа се едни од најбитните елементи инкорпорирани во организациската и планска структура на градот, па затоа секој еден може да биде сигурен дека што и да посака да направи и каде што ќе посака да отиде, знае низ податоци и факти дека тоа може да го стори во секое време и место. 

Политиката на локалните власти и на вработените во општината е константно да се подобрува квалитетот на животот на секого, а особено на луѓето со посебни потреби.  И тоа се гледа на секој можен чекор, како во центарот на градот, така и во помалите околни места. 

Тоа – приодот и односот кон различноста – е сѐ толку природно и нормално и како такво функционира беспрекорно. Не можете дури ни да приметите дека еден дел од улицата, тротоарот, продавницата, паркингот, дворовите во училиштата и универзитетите, базените, градскиот превоз, парковите или шеталиштата се наменети за “едни”, а другиот дел е за “други”. 

Дали сте жител на Бризбeн или турист со било какви посебни потреби, воопшто не е битно, затоа што кој каде и да науми да тргне, ќе стигне без никакви поголеми проблеми. Сето ова набројување е заради тоа што инфраструктурата е толку добро осмислена и испланирана да многу се внимава никој да не биде запоставен или дискриминиран ниту во еден сегмент од секојдневниот живот. 

Градот навистина има многу места и објекти кои се достапни на луѓето со посебни потреби. Од аеродромите, до хотелите со различни ѕвездички; од градските знаменитости, паркови, речните бродови (кои се дел од градскиот превоз), до гондолите поставени на тркалото што се врти во South Bank; од музеите и концертните сали до зоолошките градинии, ресторани и плажи. 

Па дури и гледањето на делфините на отворен океан, дружењето со кенгурите во дивината или гушкањето со коалите им е овозможено на сите без никаква разлика. 

Морам да признаам дека неодамна забележав некои плави знаци поставени на раскрсниците и мислев дека тоа е нешто ново. Но, кога разговарав со еден од студентите со оштетен вид, тој ми се насмевна и ми рече дека тие знаци се поставени веќе подолго време и чудно му беше како не сум ги приметила до сега. 

Инаку, тие знаци се дел од таканаречената Брајова патека. Имено, во центарот на градот и во околните населби истрасирана е таа патека која е со знаци од страните и е поплочена со специјални плочки по која луѓето одат и го користат специјалниот бел стап. 

Тие знаци се опипливи, што значи дека на нив со Брајови букви се напишани имињата и броевите на зградите и улиците. Тие се поставени на столбовите околу раскрсниците и улиците каде што лицата со оштетен вид со допир ќе знаат во која улица се и во која насока се другите три улици. Дополнително, луѓето можат безбедно да поминуваат на раскрсниците затоа што на тие столбови се поставени и аудио копчиња кои автоматски, кога е зелено светлото на семафор, произведуваат звучен сигнал. 

Имам колега којшто е во количка повеќе од 20 години и според неговото кажување што се однесува до пристапноста во Бризбен и воопшто во Австралија како целина, досега немал ама баш никави потешкотии. Независен е и неограничен во неговите секојдневни обврски и несекојдневни авантури. 

Сите автобуси, возови, бродови и некои такси услуги се 100% прилагодeни и за луѓето со посебни потреби. Постојат секако рампи за влез/излез, а плус, една третина од седиштата и просторот во автобусите се прилагодени за колички од секаква големина. 

Лесно пристапни патеки до парковите, трговските центри, хотелите итн. се буквално насекаде. Нема училиште или универзитет во градот кое нема пристапни влезови, игралишта, училници, тоалети, паркинзи, спортски дворани… 

Скоро во секоја библиотека можат да се позајмат книги со зголемен текст; некои простории се опремени со аудио и визуелна опрема, а работат со куќна достава на секаква литература – книги и списанија. Во некои компјутери во библиотеките има вградено тастатура на екранот, спикер и лупа, а други имаат ергономски „раце”, глувчиња и ергономски тастатури. 

Од овој краток приказ, се надевам лесно се заклучува дека Бризбен е еден високо инклузивен град во кој на секого му е овозможен еднаков живот и напредок без никава дисриминација по било кој основ. Кажано кратко: град за секој! 

За авторката

Лилијана Симиќ е штипјанка и егалистка со космополитски дух. Има живеено на неколку континенти и работено на повеќе работни места. Горда е што веќе две децении е дел од тимот професионалци на Counseling & Disability Services при QUT (Queensland University of Technology), каде студентите со попреченост добиваат соодветни на потребите услуги.

Објавен : јули 14, 2021