За пристапноста во Америка

Во рамки на нашата акција „Гласно против непристапно!“, почнуваме со објавување серија написи од пријатели на ПРКОС кои живеат низ светските метрополи. Целта ни е да пренесеме позитивни искуства по оваа горчлива тема, кои би се примениле и овде. Стартуваме со текстот на Валентина Кливановска, дизајнерка на ентериери, лоцирана во Ирвин, Калифорнија.

Луѓето кога се преселуваат и менуваат средина на живеење, поминуваат период на прилагодување на новите околности. Различните услови, дали културни, етички, религиски, економски, образовни, социјални, правни, политички, урбани или климатски, секој посебно ги воочува и доживува. 

Една од првите работи кои ги забележав од моментот на слетување на аеродромот во Тампа, Флорида, пред дваесет и кусур години, а која што посебно ме бендиса, беше подвижноста на бројните луѓе со посебни потреби. Не бев сретнала толку луѓе со колички на едно место. И тоа на аеродром.

Почнав да ги гледам широките ходници, логичните и јасно видливи патокази, од кои некои и звучни, многубројните рампи, големите лифтови, фонтаните за пиење вода со две височини. Но, најмногу од сѐ, ме изненади начинот на кој беа дизајнирани деловите од тоалетот обезбедени за луѓето со посебни потреби. Беа со подна површина количка непречено кружно да заврти. Имаа држачи околу тоалетот за полесен трансфер од количка на тоалет. Мијалникот беше инсталиран на ѕид, со соодветен простор количката да влезе под него, со прилагодена височина и длабочина и заштитени цевки, некој да не се допре и изгоре. Сапун, хартија и канта за отпадоци функционално позиционирани. Огледалото закосено нанапред за да може корисникот убаво да се огледа. И сѐ тоа естетски дизајнирано. 

На излезот од аеродромот покрај вратата на автоматски механизам, имаше и врата со командно копче за корисници на колички. Дел од тротоарот пред аеродромот беше израмнет со нивото на улицата за да може со количка лесно да се излезе. За да биде воочлив, тој дел беше премачкан со боја. На пешачкиот премин покрај бојадисаниот и израмнет тротоар, имаше копче за семафорите и звучен сигнал како водич за безбедно преминување. На паркингот првите места беа резервирани за коли на луѓе со посебни потреби. Со големи букви беше напишана цената на казната, доколку некој без ознака за возило со посебни потреби се паркира. 

Првиот американски ресторан во кој ручавме беше TGI Friday’s. И овде, од паркинг места, до тротоари, до врати, и тоалети, сѐ беше прилагодено за луѓе со посебни потреби. Имаше и означени седишта на одреден број маси за гости со посебни потреби. 

Набрзина се вдомивме, и веднаш, како и сите жители на Флорида, си купивме годишни карти за забавните паркови на Disney World, Universal Studios и Sea World. Е, таму моето изненадување доживеа колуминација. Во парковите секојднево велат има и по 50.000 посетители. Толпа, метеж, луѓе од секаква возраст и ков. Меѓу нив деца, тинејџери и возрасни луѓе со посебни потреби, повеќето со колички. Весели и насмеани, сите подеднакво ги користат удобностите. Почнувајќи од паркинзите, до автобусчињата за превоз низ парковите, влезовите, рестораните, тоалетите, фонтаните за вода, забавните возења, кино сали, амфитеатри за различни претстави и останати атракции. Како на влезот, така и на неколку места низ самите паркови има и колички за бесплатна употреба. 

Животните услови ми овозможија да се прекфалификувам и да го студирам она што навистина го сакам – внатрешно уредување.  Зградите на колеџот беа прилагодени за сите, така што и студентите со посебни потреби можеа активно да следат настава и да си ги исполнуваат своите обврски. 

При студирањето, конечно ми стана јасно зошто гледам луѓе со посебни потреби многу повеќе отколку во мојата родена земја. Одговорот беше едноставен. 

Затоа што можат да се движат и да го користат просторот како и останатите. 

Затоа што пристапноста е гарантитана со закон. 

Затоа што пристапноста е ПРАВО! 

Имено, во Соединетите Американски Држави е усвоен закон со кој се забранува дисцриминација по основ на попреченост – American with Disabilities Act во 1990 година, популарно наречен ADA. Законот овозможува слична заштита како и Законот за Граѓанско Право (Civil Rights Law) од 1964 со кој се прогласува за незаконска секоја дискриминација по основ на пол, раса, религија и националност.

Уште повеќе, ADA наложува сите објекти за јавна употреба да бидат изградени според правилата за универзален дизајн со кој се обезбедува пристапност на сите граѓани. Не може да се изгради објект за јавна употреба, доколку не се испочитувани точно утврдените стандарди за пристапност и безбедност. Како на пример: доволен број на означени паркинг места, израмнети тротоари, автоматски врати, рампи, лифтови, тоалети прилагодени за корисници на колички, места за седење во концертни, театарски и спортски сали, ресторани и слично. 

Покрај овој закон, американската асоцијација за кујни и бањи, NKBA, препорачува насоки за универзален дизајн при изградба на резиденцијални објекти. Кујни и бањи дизајнирани за потребите на луѓето со попречености се сѐ почеста појава и реалност. 

Значењето на ADA, не e само во остварувањето на правото на универзален пристап со што се подобрува животот на луѓето со посебни потреби, туку со ADA се создаваат можност за интегрирање на сите граѓани во секојдневниот живот и се овозможува активен придонес на сите кон општеството.

Ваков закон против дискриминација базирана на попреченост и усвојување стандарди за адаптација или изградба на јавните објекти со кои ќе се овозможи пристапност на сите, не е луксуз, туку елементарна човечка потреба. Ваков закон не ги олеснува само условите за живот на луѓето со попреченост, туку и на повозрасните членови на заедницата (во моментов околу 15% од населението во Македонија) им дава можност за продолжен активен и независен живот. 

Навидум комплицирано и скапо, но во суштина се работи за само за добра желба, едноставна процедура, малку средства за адаптација на старите објекти, а за новите современо планирање и почитување на правилата.

За авторката

Валентина Кливановска е Македонка, родена во Скопје. Живее со сопругот во Ирвин, Калифорнија. Партнерка е во компанијата за дизајн и изградба „Ново Дизајн“. Нејзиното портфолио се состои од успешно дизајнирани и изведени над 750 резиденцијални и комерцијални проекти.

www.novodesignoc.com

Објавен : јуни 9, 2021