Почнува Параолимпијадата Пекинг 2022

Мултиспортскиот глобален мега-настан започнува денес со Церемонијата на свечено отварање на Националниот стадион во Пекинг и ќе трае до 13 март.

736 параолимпијци од 49 земји ќе се натпреваруваат во шест зимски дисциплини во наредните осум дена на три одредишта во Кина. Алпско скијање, биатлон, крос-кантри скијање, хокеј, бордање и карлинг со колички се спортовите во кои под мотото „Заедно за заедничка иднина“ атлетите ќе ги одмерат своите достигнувања. Тие се распоредени во 78 случувања: 39 машки, 35 женски и 4 мешани. На 13-те по ред – од низата која стартуваше 1976-тата во Шведска – зимски параолимписки игри за првпат ќе се натпреваруваат и спортисти од Азербеџан, Изреал и Пуерто Рико.

Маскота на игрите Шуеј Рон Рон е кинеско дете – во форма на црвен фенер – кое се радува да им посака добредојде на пријателите од целиот свет. Ширејќи позитивност, сјајот кој тоа го зрачи ја симболизира храброста и истрајноста на параолимијците, коишто инспирираат и ги осветлуваат соништата на милиони луѓе ширум планетата. Името на маскотата ја изразува желбата за поголема инклузија на луѓето со попреченост во сите сегменти од животот.

Медалите за кои ќе се натпреваруваат параолимпијците не само што ја рефлектираат традицијата и културата на земјата домаќин, туку ја содржат и креативноста на кинеските уметници. Базирани на принципот дека и Олимпијадата и Параолимпијадата се еднакво важни, медалите всушност го содржат истиот концепт и го користат истиот дизајн. Во средината на предната страна е изгравирано логото на Интернационалниот параолимписки комитет, кое е опкружено со зборовите „Пекинг 2022 зимски олимписки игри“, напишани со англиски и Брајови букви.

Целото лого на Параолимпијадата ја покажува магијата и пасијата на зимските спортови и го пренесува уникатниот шарм на кинеската култура. Употребата на сина боја во амблемот ги претставува соништата, иднината и чистотата на мразот и снегот, додека црвената и жолтата (боите на националното знаме на Кина) симболизираат страст, младост и виталност.

И. П.

Објавен : март 4, 2022