Никола Гелевски за „Цветната дружина“

Рецензијата на Никола Гелевски за „Цветната дружина“. Книгата може да се купи во книжарниците Или или, во Три (Дебар маало) и во Литература (Skopje City Mall & East Gate Mall).

Сликовницата „Цветната дружина“ на Ирена Поповска и Никола Радуловиќ едновремено е поетична, информативна и етична. Затоа е убава и доблесна – како што добрите сликовници обично се.

Кај нас, за жал, ретко се објавуваат сликовници, а уште поретко добри (добри во смисла комплексни, а не „добри по намерите“). Дотолку е поважна сликовницава пред нас, во која мошне фино се испреплетени компетентниот и поетичен текст со современите и прецизните слики.

Суштината на оваа сликовница е едноставна: едни крај други се ставени десет деца, десет цвеќиња и десет состојби. Ставени се едни крај други како во чудна разменска игра (секој може да биде било што), на прв поглед можеби малку страшна и опасна. Но, суштината на таа игра е стекнувањето емпатија и знаење.

Во книгава ги дознаваме основните информации за следниве болести и состојби: спинална мускулна атрофија, дијабетес, слепило, глувост, Даунов синдром, аутизам, церебрална парализа, пелтечење, астма и алергија.

Но, оваа книга е всушност за цвеќињата! Книга за лавандата, за георгината, за јагликата, за герберот, за розата, за невенот, за синоличката, за кринот, за гладиолата и за пркосот.

Ама книгава е најмногу за десетте деца од различни македонски градови: Огнен, Илина, Фидан, Марта, Ѓорѓи, Ема, Марко, Лејла, Арбен и Ана.

Всушност, и повеќе од тоа, книгава е наменета за сите деца и за сите возрасни, особено за оние кои се невидливи, отфрлени, неслушнати, неразбрани… Во таа смисла, ова е и книга за идентитетите, за нивните општествени позиции, за нивното стекнување, за наоѓањето одговори, „кој/а сум јас, кои се другите, како сме заедно…“

Се разбира дека јас не сум мојата болест!, имплицира Ирена. Но, да, јас сум и мојата болест и многу други нешта (цвет, меѓу другото, рамноправен дел од планетава) – како и сите други, насочени едни кон други.

Авторката Ирена Поповска во предговорот вели: „Различностите не треба да ги потенцираме, ама не е во ред ни да ги игнорираме. Наместо да се плашиме и да бегаме од нив, ајде да истражуваме заедно. Само така ќе откриеме дека имаме и многу заеднички нешта. И дека тие с(п)ознанија ќе делуваат охрабрувачки и мотивирачки конечно да се вртиме едни кон други, а не едни од други.“

Споредбите меѓу децата, состојбите и цвеќињата во книгава се и метафори. Метафората, всушност, е суштински поврзана со споредбата. И кога соодветно се користи, вели д-р Џонсон, таа е големо совршенство на стилот, оти наместо една, ви дава две идеи. Аристотел во Поетиката вели: „Најголема работа е да се владее со метафората. Ова не може да се научи од друг, тоа е обележје на посебна надареност, оти за да се создаваат добри метафори треба да се поседува око вично да ги уочи сличностите.“

Ирена Поповска го има тоа вично око, можеби надградено токму од тешката болест со која херојски се носи речиси триесет години. Осознавајќи се себеси и низ својата болест, Ирена многу придонесува, сите овие години, да ги осознаваме и општеството и себеси. Нејзиниот најнов придонес е токму одличнава и необичнава сликовница, вистински настан во нашата скудна книжевност за деца.

Објавен : април 21, 2022