Еден ден со Јане Велковски

Јас сум Јане Велковски, имам 11 години и учам во шесто одделение во подрачното основно училиште „Димитар Поп- Ѓеорѓиев Беровски“ во населбата Хром.

Мојот живот во оваа населба е многу среќен и весел, се чувствувам безгрижно бидејќи сите се познаваме и се дружиме. На централно место е нашата „пољанка“ која ни е место за собирање и играње, каде има деца од многу генерации. Еден дел од пољанката е со песок и играчки за помалите деца, другиот дел е само со трева каде играме фудбал и други игри, а има и оградено бетонско игралиште со голови и кошови, каде најчесто играат најголемите.

Јас и моите другари сме во средната возрасна група, но често постарите ни отстапуваат место да играме и на головите. Се дружам со сите, но најмногу уживам со децата од моето одделение. Тие се мои најдобри другари и моја најголема поддршка, а и јас нивна. Од прво одделение сме заедно, нераздвојни сме и на училиште, и дома и надвор. Во текот на првите 5 години од образованието имавме многу повеќе време за убави дружби надвор од училиште.

Речиси секојдневно се договаравме за играње дома по часовите, родителите се организираа за заеднички шетања на различни места, славење на Нова година заедно, родендени, празници и слично.
Оваа учебна година имаме многу повеќе за учење, па се намали времето за играње, а се зголемија обврските. Сепак, се трудиме да најдеме време за игра и секој момент го користиме за тоа, си разговараме, се смееме и се шегуваме.

Исто така се шетаме малку подалеку каде среќаваме и други друштва. Со мојата електромоторна количка која ја викаме „формула“ се движам самостојно и сум релативно брз, иако би сакал да бидам уште побрз и да трчам.

Еден мој ден кога сум прва смена започнува во 6:45 со припреми за училиште, кои одат малку побавно во нашиот дом оти ми треба повеќе време за спремање, а истовремено и брат ми се подготвува. Излегуваме заедно со татко ми и одиме со возило до училиште за да не доцнам, бидејќи сам со „формулата“ би ми требало повеќе време, а и наутро е студено. На училиште имам асистент кој ми помага во некои работи кои не можам самиот да ги извршам. Оваа година имам супер асистент кој ми е како другар и многу убаво се согласуваме. Постигнувам се да научам со читање, слушање и усно изразување, бидејќи пишувањето ми е тешкотија. На училиште потребно е многу пишување и тоа го прави асистентот наместо мене, а јас усно ми кажувам или одговарам.

На настава сум отприлика до 13 часот, и ако е потопло времето се враќам сам со другарите, а доколку е ладно или врнежливо, мора да ме земе некој со колата. Тоа е обично мајка ми или дедо ми, кои се грижат наизменично за мене. Ако е пријатно надвор со другарите остануваме по часовите во дворот на училиштето или одиме полека накај дома за да имаме повеќе време за дружба. Кога ќе стигнам дома одма сакам да поиграм на Playstation, но мајка ми инсистира да легнам да одморам после долго седење, а јас негодувам. Најубаво ми е да одмарам гледајќи видеа на Youtube со различна содржина, а некогаш си рагледувам што има ново на интернет.

Потоа се трудам да ги завршам зададените домашни работи и да повторам лекции за следниот ден, за да имам слободно време во попладне. Околу 15:30 доаѓа и брат ми од училиште и малку играме заедно. Подоцна тој оди на тренинг, а јас имам вежби – физикална терапија, или учам странски јазик со наставничка. Вежбите со терапевтката ми се и рекреација и опуштање, со неа убаво си поминувам, многу е забавна, а и правам нешто корисно за моето здравје. Странскиот јазик сакам брзо да го усвојам, и таа наставничка е многу добра и интересно ми е учењето со неа.

Вечерите најмногу ги сакам и ги оставам за гледање фудбал и играње со другари или со брат ми. Сега најмногу играме Фифа20 или некоја друга игра. Покрај играњето, приквечер имам уште една обврска – родителите да ме стават на една справа наречена „вертикализатор“ која ми помага да застанам исправен и го подобрува моето здравје. Обично тогаш вечерам и гледам ТВ и полека денот го завршувам спремајќи се за спиење.

Во еден мој ден има доста активности и разни обврски, но правиме и чести промени, па ретко кога е досадно. Секојдневието го менуваат разните обврски на родителите, моите и на брат ми, како и желбите да излезам, да одам кај другар или да викнам другар кај мене. Посебно се менува распоредот на попладнето доколку има некој фудбалски натпревар на ТВ, а ако треба да одам на натпревар во живо – тоа е празник за мене.

Викендите се резервирани за одмор, играње, повторување за училиште, шетање со семејството и посета на натпревар на брат ми кој обично тогаш е закажан. Одам на негови натпревари секогаш кога можам и сакам да му бидам негова најголема поддршка, а неговиот тренер некогаш ме повикува и на терен како „асистент“. Во слободно време во нашиот двор го учам и тренирам брат ми како да се подобри во некои потези, а понекогаш тоа го правиме и со другарите.
Фудбалот е мојата најголема страст и го сакам во секој облик – било да е моја игра на терен, или гледање на ТВ или играње на Playstation, па дури и како тренер на други. Другарите се мојата најголема љубов, а семејството ми е најголема поддршка.

За авторот

Јане Велковски има 11 години и учи во шесто одделение во подрачното основно училиште „Димитар Поп- Ѓеорѓиев Беровски“. Сака дружење и фудбал во сите форми. Иако ја има ретката болест СМА (спинална мускулна атрофија), тој силно верува дека еден ден ќе трча на фудбалските терени.

Објавен : октомври 16, 2019