Еден ден со Бранкица Димитровска

На ред е објавувањето на 15та сторија од серијалот „Еден мој ден“, која за ПРКОС ја раскажа борбената Бранкица Димитровска

Тој: Извини да те прашам нешто, ама да не те навредам. Јас: Океј, не е проблем, прашај. Тој: Од што си вака во количка? Јас: Од сообрaќајка. Седниот: Од што си вака во количка, да не те повредив што те прашав? Јас: Во ред е, нема проблем, од сообраќајка. Следен, пак и пак и пак: Од што? Јас: Сообраќајка, сообраќајка, сообраќајка… И навистина не ме повредуваа, но ми досади да ме прашуваат едно па исто прашање, се додека еден ден не свртев на шега и само испукав: Од уроци! Молк, толку, престанаа со прашањата. А, навистина не ми пречеше, ниту ме повредувааа, луѓе се, сакаат да знаат, но едното исто повторување и објаснување ме заморуваше.

Еве ја вистинската приказна за мене. Да, од две сообраќајки; далечната 1990, ноември. Првата кога излетавме од пат со неприлагодена брзина и втората кога како итен случај ме носеше амбулантното возило истата ноќ итајки кон Скопје. И толку околу тоа.

Траума. Шок. Не ми се вруваше што слушам од докторите. Станав хистерична; пискав и врескав низ болницата. Затоа, тука сакам да се извинам на целиот персонал од костозглобната болница „Свети Еразмо“ што ме истрпе. Но, и да се заблагодарам што ја имав нивната поддршка, што посветија на мене внимание и постојано ме рехабилтираа, ме учеа на самостоен живот, ваков, со мојата најверна друшка – количката. И да ви кажам, си ја прифатив како најверна другарка и заедно почнавме да се бориме против предрасусите во општеството. За достоинствен живот.

И покрај фактот што моето семејство се бореше за гола егзистенција, бидејќи татко ми во `95та година го отпуштија од работа (нели транзиција, па технолошки вишок), издржавме. Сите, цело семејство издржавме. Борци сме сите, јас, татко ми, мајка ми и брат ми заедно пркосевме на се што ни се случуваше во животот. Не сум тип што се „њањави“, туку стискам заби, па мускули и продолжувам со следниот ден. Да бидам искрена , ниту еден ден не можам однапред да си го испланирам. Дури и сама не знам утре како и каде ќе бидам дека и политички сум активна. Плус посетувам обуки, конференции, настани. Се поврзав со здруженија, НВО оти сакам да придонесам за достоинствен живот на лицата со посебни способности. Затоа постојано и секаде сум присутна, па дури и во политиката, бидејки ценам дека токму преку политичарите можеме да влијаеме при креирањето заеднички одлуки од интерес на лицата со посебни способности (овој термин намерно го користам).

Не сакам да должам многу, само имам неклку пораки до моите соборци, пријатели, другари, но и до политичарите. Понекогаш треба да поминете низ најлошо, за да дојдете до најдобро. Вашето патување не е осмислено да биде лесно, тоа е осмислено да биде вредно. Ако нема борба, нема ни раст. Не е важно што ви се случило, што сте направиле, она што е важно е што сте одлучиле да бидете отсега па натаму. Сме поминале низ најлошото и уште минуваме за да дојдеме до најдброто. Затоа што сме вредни и вредиме. Дури и премногу за некои.

Сепак, системот не го сака тоа многу. Тој бара да бидеш она што ќе ти се даде и ни ронка преку тоа. Во системот и малку и многу се пресметува како минус. Но, јас научив дека без оглед на тоа колку очајно се чувствуваме и колку ужасно некоја ситуација делува на нас, не смееме да се откажеме. Мораме да продолжиме понатаму. Дури и кога е страшно, дури и кога мислиме дека повеќе немаме сила, мораме да се подигнеме и да продолжиме напред.

Порака до политичарите: Еве ви можност да научите дека сме тука, покрај вас. Морате да научите да чекориме заедно. Да си ги поправите грешките и да научите да работите на концептот на независно живеење на лицата со попреченост, испорачување на услугите, правото на носење заеднички одлуки при креирањето на политиките, правото на образование и се она што произлегува од Конвенцијата на ОН за лица со посебни потреби, која и е влезена во член 118 од Уставот на Македонија. Не ги кршете законите како што практикувавте до сега. Доколку работиме заедно сите, знам дека можеме повеќе. Повеќе за сите, за нас, за вас, за сите граѓани. Бидејки секој ден, секој момент, битката е да се остане доследен на целта која сме ја избрале. Онолку колку што ќе одлучиме да бидеме сплотени сите, толку еден ден ќе бидеме благодарни за се’ што сме поминале заедно.

За авторот

Бранкица Димитровска има 47 години и живее во Крива Паланка, но со своето возило може секаде да се сретне бидејќи активно се вклучува во настани и обуки низ целата земја. Таа е активист за правата на лицата со посебни потреби од 2003та. Инаку, таа е и вонреден студент на Правниот факултет на универзитетот „Гоце Делчев“.

Објавен : октомври 29, 2019