За пристапноста во Холандија

Со радост го објавуваме вториот од серијата текстови за пристапноста во цивилизираните земји. Тој е особено интересен бидејќи е емотивен, личен и автентичен. Напишан е од „прва рака“ на нашата пријателка Маја Павловска, ликовна уметница лоцирана во Утрехт, Холандија.

Со задоволство ја прифатив поканата од страна на Ирена Поповска од ПРКОС, да бидам дел од нејзината акција „Гласно против непристапно!“, преку која се надевам дека раскажувајќи ги нашите лични искуства би можеле да ја смениме реалноста во однос на пристапноста во Македонија за луѓето кои користат било какви помагала.

Живеам во Утрехт, Холандија од 2008 година. Кога пред 13 години прв пат влегов во градот, не можев да поверувам дека гледам толкав број на луѓе со различни посебни потреби излезени надвор, кои слободно и самостојно се движат со своите помагала, повеќето од нив со скутмобили, колички, одалки…

Уште во првите денови при регистрацијата во општина, ми објаснија дека треба да направам одредени медицински испитувања, со кои би се потврдила дијагнозата и врз основа на тоа би ги добила соодветните услови за живеење без никакви пречки. Откако ги направив испитувањата, за околу 3 – 4 месеци сѐ беше спроведено така како што ми беше кажано уште во првиот момент од шалтерскиот работник во општина. Добив соодветен стан кој е адаптиран според моите потреби, во кој ми е овозможено самостојно движење и воопшто функционирање. Добив соодветни помагала според моите потреби; како скутмобил за движење надвор, електрична количка за дома, со вграден лифт, за да можам да достигнам до повисоките делови во станот, специјална фотеља, која ме подигнува за полесен трансфер од фотеља на количка и обратно. Добив и одалка за кратки дистанци, кревет со подигнување на горниот дел и на нозете.

Покрај тоа, низ целиот апартман е рамно, без никакви препреки, и од паркинг до дома немам никакви бариери. На луѓе што живеат на повисок кат, општината им го решава проблемот со лифт, надворешен или внатрешен, или рампи, во зависност од местото на живеење. А доколку нема можности за монтирање лифт или рампи, како што беше тоа во станот во кој бев првично сместена, тогаш им дава можност да се преселат во соодветен адаптиран стан со одредени стандарди, односно квадратура, која е соодветна за да можеш со помагалото да стигнеш до секој дел од станот. Обично е на приземје со двор, при што има помош од самата општина во парични средства за преселба. Секогаш е на блиска оддалеченост до некој од големите супер маркети и продавници за да можеш сам да се снабдуваш со секојдневни потребни продукти.

Спомнав погоре за адаптација на станот. Тоа значи дека општината врз основа на медицинската документација и препораките од доктор и ерготерапевт, а во соработка со агенцијата за станови, го адаптираат така да може да се стигне со количка или соодветно помагало до секое ќоше од станот и сѐ да биде функционално. Исто така, бањата и кујната се адаптирани со држачи за полесно префрлување од количка на тоалет, огледала навалени под агол, мијалници под кои можеш да влезеш со количка итн.

Покрај пристапноста дома, што е основно право за луѓето со посебни потреби, целата земја е поврзана со велосипедски патеки, по кои се движат со своите помагала и секогаш скутмобилот или количката на улиците имаат предност. Автомобилите може да бидат наредени во колона, но првиот автомобил штом види скутмобил, застанува за скутерот прв да помине безбедно. Од каде и да тргнам, без проблем и без никаква бариера стигнувам до која и да е дестинација. Единствен проблем би било тоа што морам да направам неколу саати пауза за да го наполнам скутерот, затоа што е на струја, а акумулаторот издржува само 35 км. Но и тоа не е проблем, бидејќи ако било што се случи, можам да повикам такси служба, која доаѓа на адреса со возила специјално опремени со лифт, кој заедно со скутерот ме подигнува за да влезам во возилото. Имам две вакви такси служби на располагање секојдневно, една за регионот Утрехт, а друга за цела територија на Холандија. Од мојата домашна адреса, до која било јавна институција или јавен простор, не постои никаква пречка.

Ретки се локациите каде што не се запазени овие стандарди и обично се на места надвор од градот. Единствена јавна институција на која наидов, а каде што не можев да влезам самостојно, беше Македонската Амбасада во Хаг. Се надевам дека ќе преземат мерки да го поправат тој минус.

Разликата во секојдневието во Македонија и Холандија е огромна. Таму бев приморана да живеам меѓу четири ѕида или за секое симнување и качување по скали да имам помош од минимум двајца, за секој случај да не ми се случи паѓање од скали, како што доживував многу пати, па еднаш дури стигнав до шиење на главата со дванаесет копци. Такво нешто ако се случи тука, заради несоодветен пристап, или несоодветно помагало, општината би одговарала. Максимално се почитува законот, а со тоа се чувствува слободата на движење каде и кога и да посакам.

Лично јас и моите родители, 30 години се боревме со надлежните во Скопје, како на човек со една од најретки болести во светот да ми овозможат нормален пристап. Станот на моите сега веќе покојни родители е во Скопје и е на 4ти кат без лифт. Додека беа живи, инвестираа за да го адаптираат целиот стан, за да можам да функционирам нормално. Беше потребно само одобрение од општина за да се постави надворешен лифт, за што мајка ми изработи проект, кој требаше да ја избрише таа архитектонска бариера. Истовремено да ја разубави и фасадата. Ги помина сите градежни и архитектонски стандарди, заверен од надлежно градежно и архитектонско биро, потписи за согласност од соседите заверени на нотари. И после цела мака, едноставно преку ноќ беше сменет урбанистички план во времето кога градоначалник беше Аларова, така што образложението беше дека наводно планот не влегува во урбанистичкиот план за 60 см.

Некаде во 2012 слушнав дека ги вратиле старите димензии и дека планот би можел да влезе во урбанистичкиот тогашен и од тогаш до 2015/2016, го барав целото мое досие во Министерство за транспорт и врски, а врз основа на архивски броеви, ми беше речено дека таков случај не постои. Наводно имало пожар или поплава, не се ни сеќавам веќе.

Знам дека за решавање на овој проблем требаат средства, кои не се ништо во споредба со квалитетот на живот што би го добиле сите – и луѓето со посебни потреби, како и повозрасната група луѓе, кои се оневозможени да се движат нормално од самата старост. Но, знам и дека на надлежните од мојата родна земја не им значам ништо. Ниту јас, ниту било кој човек со посебни потреби, штом во 21 век разговараме за основни услови за живот, кои тие сами би требало да ги спроведат, а не ние да ги молиме и потсетуваме за нешто што е наше основно право.

Моето последно јавно обраќање на оваа тема до Зоран Заев и до сите надлежни беше објавено во Фокус во 2017. Понудив, со долгогодишното искуство да помогнам, но за жал не добив никаков одговор до сега.

Линк до писмото:

Единствена причина заради која не можам да дојдам дома е пристапноста. Затоа ја прелетувам мојата родна земја и одбирам други дестинации, каде што надлежните знаат зашто се поставени на нивните работни места, мислат и спроведуваат нови содржини и нови технологии, соодветни за времето во кое живееме, 21 век.

Има ли некој на кој би му пречела на пример по една патека на секоја од плажите во Охрид, Преспа и Дојран по која би се возела со скутмобил до најблискиот дел до езеро, каде што на крај на патеката би ме чекал специјален лифт, кој би ме спуштил во вода? Не верувам дека би му пречело некому. Напротив. Ете, тоа е инклузија во вистинска смисла на зборот, иако слушам дека многу често се употребува во секојдневниот говор, а ништо не е преземено во врска со тоа.

Нека биде ова уште еден повик и потсетување до надлежните во Македонија дека има над 200.000 луѓе со попреченост што чекаат и живеат меѓу четири ѕида и чие секојдневие зависи од одлуките на надлежните за преземање конкретни дејствија за решавање на пристапноста низ цела територија на земјата. Веднаш!

За авторката

Маја Павловска е жена која речиси три децении храбро се бори со својата состојба предизвикана од ретка болест. На јавноста ѝ е позната како текстописец, ликовна уметница и граѓанска активистка. Членка е на Националната асоцијација на визуелни уметници на Холандија и амбасадорка на уметноста за Македонија и Холандија за 2021 година.

Фото: Маја Грозданиќ – Амстердам

www.maja.photography

Објавен : јуни 14, 2021