Вистината за анксиозноста без која би немало надеж за нас

Во свет толку полн со несигурност не е ни чудо што многу од нас се чувствуваат под стрес. Но, доколку го разбереме неговото значење, тоа би можело да ги промени нашите чувства

Зошто толку многу луѓе денес изгледаат толку анксиозни и под стрес? Ова е вообичаено прашање, како меѓу професионалците од областа на менталното здравје, така и кај обичните луѓе. Но, постои објаснување што ги превртува работите наопаку. Како е можно да не сме сите парализирани поради анксиозност секој миг од секој ден? На крајот на краиштата, анксиозноста цути во услови на несигурност – а денес светот е полн со потенцијални закани, кои ниту ги разбираме целосно, ниту можеме да ги контролираме.

               Повеќето од нас едноставно мораат да веруваат дека авионите нема да паднат од небото, или дека млекото во нашиот фрижидер нема да не’ зарази со листерија. Ненадејни, непредвидливи движења во светскиот финансиски систем се закануваат да уништат сечија заработка во секој можен миг; плус сега имаме и еден нестабилен лажго кој има контрола врз нуклеарните кодови на Америка, а тука е и сеприсутното сениште на климатските промени. И како се’ ова да не е доволно, поминуваме денови и денови маринирајќи се во окружување смислено да потпалува паника во врска со преостанатите закани кои можеби дотогаш сме успевале да ги игнорираме.

               Неколку дефиниции би можеле да ни бидат од помош во овој случај. „Стресот” онака како што го користат психолозите, значи непосредна реакција на надворешен притисок и скромни количества стрес всушност би можеле да бидат и добри: оние кои воопшто не чувствуваат стрес никогаш не повторуваат за испити, ниту пак ги почитуваат зададените рокови. Во повеќето секојдневни контексти, кога ќе престане надворешниот притисок, престанува и стресот. А, тоа значи дека далеку наједноставниот начин да се справи со стресот, онаму каде што тоа е можно, е директно и непосредно да се справи со она што ве мачи – да се справи со некој тежок дел од работата, да се разговара со пријателот со кој сте се скарале – или, доколку не успеете во тоа, да се оддалечите или да не мислите на изворот на стресот. (Постојаниот и хроничен стрес бара поинаков пристап.)

               Но, анксиозноста е особен вид на внатрешен одговор на стресот и честопати е понапната и понабиена. Како што посочува австралиската авторка Сара Вилсон во нејзината книга која е комбинација од мемоари и упатство за самопомош при анксиозност Прво, го правиме ѕверот убав, проблемот не лежи само во тоа што постојат многу причини за да се биде анксиозен. Туку, исто така, неочекувано, во тоа што општеството всушност наградува одредени анксиозни однесувања, како на пример, френетичната презафатеност и мотивираност – додека пак „награда” за успехот да се ослободите себеси од анксиозноста би можела да биде репутацијата дека сте мрзливи, самозадоволни, или дека недоволно се грижите за состојбата на светот. Потоа, треба да се земе предвид и фактот дека анксиозноста само се зајакнува самата себеси: штом еднаш се почувствувате анксиозно, подготвени сте да барате и други нешта во врска со кои би се чувствувале анксиозно – вклучувајќи ја, како тој маѓепсан круг да не е доволно фрустрирачки, и самата ваша анксиозност.

Aнксиозноста во основа не е некаква бизарна психолошка аномалија, туку темелен аспект на човековото функционирање

„Анксиозноста”, се разбира, е исто така и име на група официјални психолошки пореметувања. Но таа е и состојба што необично јасно покажува дека линијата меѓу „менталната болест” и „обичната човечка вознемиреност” е субјективна и зависи во исто толкава мера од културните конвенции, колку што зависи и од науката. Главната причина што „пореметувањето на генерализирана анксиозност” сега толку многу преовладува лежи во тоа што било дефинирано како пореметување во психијатриската библија Дијагностички и статистички прирачник за ментални пореметувања во 1980 година. „Доколку се чувствувате толку вознемирени што ќе пукнете” или имате „потешкотии да се концентрирате”, возможно е да бидете оквалификувани како анксиозни. И една од главните причини што анксиозноста е во вртоглав пораст по 2001 година лежи во организираниот и усогласен притисок на ГлаксоСмитКлајн, откако доби одобрение да го продава во САД антидпресивот Паксил (кој во Велика Британија се вика Сероксат), за да се користи во третманот на анксиозноста. „Локалните медиуми низ целата земја (САД) пренесуваа дека дури 10 милиони Американци страдале од непрепознаена болест”, пишува новинарот Брендан Кернер. „Гледачите ги поттикнуваа да се следат себеси за да ги препознаат симптомите: немир, замор, иритабилност, напнатост во мускулите, гадење, проливи и потење…”

               Да појасниме, ништо од ова не сугерира дека оние на кои им е дијагностицирано анксиозно пореметување немаат вистинска болест, или дека лековите често пати не се дел од решението: „Основната премиса за анксиозно пореметување или мигот кога анксиозноста станува клинички проблем се случува кога анксиозноста ќе ја преземе контролата врз нашиот живот наместо ние да можеме да ја контролираме сопствената анксиозност”, вели Роберт Еделман, пензионираниот професор по форензичка и клиничка психологија на Унверзитетот Роухемптон. Но истовремено ова е потсетник дека анксиозноста во својата основа не е бизарна психолошка аномалија, туку темелен аспект на човековото функционирање. Проблемот, како што објаснува авторот на полето на психологијата, Џејмс Клиар, во својата книга Атомски навики, е во тоа што реактивната еволуција не’ оспособила за опкружување радикално поразлично од она денес…

Крај на првиот од двата дела на статијата на Оливер Буркман, колумнист на Гардијан.

Објавен : мај 16, 2019