Вистината за анксиозноста без која би немало надеж за нас, втор дел

Во свет толку полн со несигурност не е ни чудо што многу од нас се чувствуваат под стрес. Но, доколку го разбереме неговото значење, тоа би можело да ги промени нашите чувства
Секоја анксиозност содржи зрно добри вести: не би се чувствувале анксиозно доколку нема можност нештата да тргнат на добро

Праисториските луѓе живееле во „опкружување на непосредна придобивка” исто како што се’ уште живеат другите цицачи: нивните избори од миг во миг биле важни поради непосредната разлика што произлегувала од нив. Кога си видел предатор, си почувствувал наплив на анксиознст, кој пак те мотивирал да го избегнеш. Или си се почувствувал опасно гладно и анксиозноста ти го сосредоточувала вниманието врз тоа како што побрзо да пронајдеш храна. Штом еднаш заканата ќе се разрешела, анксиозноста исчезнувала. Но, модерните луѓе живеат во „опкружување со одложена придобивка”. За нашата работа не’ плаќаат на крајот од месецот или на крајот од неделата, учиме за образовни квалификации за кои се потребни години. Кога штедиме пари – или не штедиме – последиците од тоа би можеле да не ги почувствуваме со децении. Па така, анксиозноста нема каде да си замине. Намeсто тоа, се акумулира и се згрутчува.

               И ова помага да се објасни зошто настаните од домашните и меѓународните вести, како Брегзит или изборот на Доналд Трамп, претставуваат толку раширен извор на лична анксиозност, вклучувајќи ја и онаа од клинички вид. Некои луѓе – имигрантите без документи во трампова Америка, на пример – се погодени на непосреден и несомнено директен начин. Но, дури и ако на крајот вие нема да бидете погодени, немате начин да го дознаете тоа уште некое извесно време. Згора на тоа, често пати се чини како ништо да не можете да сторите за возврат – дека не постои никаков еквивалент на одлуката на праисторискиот ловец-собирач да почне да бега или да тргне во потрага по храна. Кога никаква конструктивна акција не ни се чини возможна, она што ни преостанува е да се грижиме и постојано да мислиме и да преџвакуваме, што некако ни се чини конструктивно, иако не е. Една од реакциите на анксиозноста поради потопеноста во дваесет и четиричасовни циклуси од вести „е таа што луѓето се обидуваат да дознаат што повеќе информации, зашто анксиозноста се однесува на недостигот од контрола, и тие веруваат дека, ако соберат уште повеќе информации, тоа ќе направи да се чувствуваат како да имаат повеќе контрола”, вели американскиот терапевт Лори Готлиб, автор на се’ уште необјавената книга Можеби треба да поразговарате со некого. „Но не е така, тоа само ги прави луѓето уште поанксиозни.

               Затоа повеќето нефармацевтски решенија за анксиозноста, која и да била причината за неа, вклучуваат ограничено и реалистично спроведување контрола: да се сфати кои конструктивни постапки можат да се преземат и тие да се преземат, а истовремено да се воздржува од обидување да се контролираат нештата што не се може да се исконтролираат, што е рецепт за дополнителна анксиозност. (Ова е таканаречената „дихотомија на контролата”, разликување што датира уште од времето на Стоиците од античка Грција или Рим). Сами на себеси не можете да си гарантирате безбедно и удобно пензионирање или долгорочно здравје, а не пак оптимални односи меѓу Британија и остатокот на Европа. Но можете да пресметате колку можете да си дозволите да штедите и да ги следите своите заштеди. Можете да вежбате неколку пати неделно и да јадете повеќе зелен листест зеленчук. Можете да преземете локална, конкретна политичка акција. Без оглед дали ќе ја постигнете посакуваната цел или не, вашите нивоа на анксиозност речиси секако ќе опаднат.

               На крајот, вреди да се препознае – како што сторил данскиот филозоф Серен Кјеркегор во неговиот Концепт на анксиозноста уште во 1844 година – дека секоја анксиозност содржи и зрно добри вести: воопшто не би ни чувствувале анксиозност доколку ја немате таквата слобода и доколку не постои барем можност нештата да тргнат на добро. „Човекот не би ни чувствувал никаква анксиозност доколку не постои никаква можност”, пишува психологот Роло Меј, парафразирајќи го Кјеркегор. Доколку со апсолутна сигурност знаеме дека отсега па натаму животот ќе ни носи само неуспеси и порази, тогаш секако би можеле да станеме депресивни, но не би се чувствувале вознемирени и на работ. Анксиозноста доаѓа од искусувањето на сознанието дека животот може да донесе успех, исполнување и радост, во комбинација со стравот дека не знаеме како да се осигуриме дека тоа и ќе се случи. И иако претераната анксиозност може да биде голем нарушувачки проблем што бара третман, извесно чувство на несигурност во врска со иднината е секако дел од она што го прави животот вреден за живеење. Ако некогаш всушност успеете да го отфрлите целиот потенцијал за какви било непријатни изненадувања, ќе откриете дека сте ја отфрлиле исто така и можноста за добри изненадувања.

За авторот

Оливер Буркман е колумнист на Гардијан, кој ги истражува и покажува патиштата до менталната добросостојба. Неговите популарни неделни написи на психолошли теми се насловени Оваа колумна ќе ви го смени животот. Ја има напишано книгата Среќа за оние кои не можат да поднесат позитивно размислување.

Превод: Марија Џонс

Објавен : мај 27, 2019