Вечни 15 Минути Слава

Социјална неподобност, желба за униформност и репетитивност, опсесија со детаљи, лаконски и монотон начин на говор, тешко стекнување пријатели... Беше ли аутизмот тајната на уметноста на Енди Ворхол, која силно влијае на денешната фотографија, сликарство, перформанс и филм?

Повремено, над овој наш свод што се нарекува небо, од нигде-никаде (или некаде), знае сјајно да блесне светлина, јасна како онаа од комета и моќна како оваа од сонцето. И таа знае да остави толку длабока трага, која како да го менува целиот ред и поредок на нештата во перцепцијата, културата, уметноста. И нормално, после неа, веќе се` е толку различно. Блесокот со име Андреј Вархола Јуниор (алијас Енди Ворхол) започна да ја исцртува својата траекторија во шеесеттите години од минатиот век. Беа тоа годините на првите „Кока Кола“ шишиња, супи од конзерви и првите „Мерлинки“ и „Осум Елвиси“ изложени на њујоршки изложби.

Оттогаш наваму, „свингата без тајни“ никогаш не си замина. Иако го има направено своето уметничко деби пред 60-ина години и иако се поминати 33 години откако е починат, се чини дека Енди Ворхол е пожив од било кога. Неговата машинерија (создадена од неговите приоди, теми, ликови, процеси, серијали, принтови, скулптури, филмови, книги) се` уште отчукува со истиот жесток ритам, и го диктира темпото и на високиот артизам, и на широкиот популизам. Медиумите го сакаат и го слават, интелектуалците се вплеткуваат во неговите иронии, младите уметници го дискутираат со респект, културните воини војуваат со неговата декаденција, а новите тајкуни од Исток го сметаат за есенцијален дел од своите приватни колекции. И така, по којзнае кој пат, се потврдува фактот дека современата уметност е навистина прилично чудна и тешко сфатлива категорија.

Ако историјата на уметноста би можела да ни послужи како некаков водич или репер за полесно толкување и разбирање на артистичките, па и општествени (не)прилики низ времето, тогаш тој одамна требаше да биде сместен на почесно место во минатото, а неговото влијание подистрошено или барем трансформирано. Но, Енди Ворхол како да станува се` поголем и повреден. Трендовската уметност која тој ја создаваше (сликите, графиките отпечатени на свила и рифовите на баналноста и кичот) никако не го оправдува, ниту објаснува сето ова опсесивно, еуфорично и скапо внимание залепено за неговото име.

Секако дека Енди Ворхол (беш)е главниот лик на поп артизмот и секако дека тој пронајде свеж начин да го опише менливото и минливото лице на културата и вкусовите на славните, ама, зарем визуелната моќ на неговата уметност може да се спореди со онаа на еден Матис, Пикасо или Мондријан? Совршено е јасно дека не може, бидејќи Енди Ворхол евидентно, претставува многу повеќе од сумарни визуелни импресии добиени од неговите слики. „Ворхолски“ денес е веќе одомаќинет термин со повеќеслојно, комплексно значење, а не етикета што се употребува за колоритност, инстантност и површност.

„Најлошото нешто што може да ти се случи кога ќе дојде крај на твоето време е да бидеш балсамиран и легнат во пирамида.“, напиша тој во книгата „Филозофијата на Енди Ворхол“. За среќа, овој чудак не е во никаква опасност да биде заборавен, ама по што точно бидува запаметен? Вистинскиот Енди Ворхол, задскриен зад лошиот мит (за празниот, монохромен, развратен, шокантен, гламурозен и со слава опседнат „двојник“), ги има создадено едни од најкомлетните и најмоќните слики на 20от век. Судирите со коли, тестови на екрани и религиозните теми се сериозни, неверојатно хумани и сочуствителни дела. Неговите биографи, аналитичари и научници студирајќи ги однесувањето и творењето, заклучуваат дека Енди Ворхол беше на спектарот и ја канализираше својата психичка попреченост преку необични и ексцентрични патеки толку својствени за аутистите.

Тој беше вистински мултидисциплинарен артист кој неуморно експериментираше, измислуваше и се конфронтираше со реалноста на модерниот свет. Ворхол, на пример, беше пионер во создавањето на комјутерски генерирана уметност, чии матрици се’ уште се во масовна употреба. Тој, исто така, го основаше магазинот „Интервју“, кој е активен и ден-денес. Се залагаше за правата на хомосексуалците бидејќи и самиот беше „геј“. Неговата фамозна работилница „Фабриката“ беше собиралиште на интелектуалната и боемска светска елита. Ендиевиот лаконичен книжевен стил и начин на изразување е монумент на Американската литература, перо и глас сместени меѓу најголемите романописци од калибарот на Скот Фиџералд па наваму, кои ги доловија кршливите и лажливи убавини на Американскиот сон.

Синот на сиромашните Руски емигранти, кој брзо го одживеа и надживеа токму тој сон, заслужува најмногу да го сеќаваме по неговата суптилна и чесна уметност. Сепак, општиот впечаток вели дека Енди Ворхол ја има судбината да асоцира само на икона редуцирана до амблем закачен за модернизмот. „Ќе бидам твое огледало“ пееше неговиот бенд „Велвет Андерграунд“. И тој, всушност, и беше рефлексија со многу фунции, од кои главната беше уметноста. Конечно, сосема е неважно колку и какви сензационалистички измислици се вртат околу името на Енди Ворхол; оваа едноставна вистина е скриена во срцето на митот. Погледнете нагоре, кон небото, и ќе знаете дека сте ја пронашле кога нешто силно ќе ви светне!

Текст: Ирена Поповска
Илустрации: Зоран Кардула

Објавен : ноември 5, 2020