Важноста на менталната добросостојба за лицата со попреченост – I дел

Лицата со попреченост се соочуваат со различни структурни и идеолошки предизвици кои немаат многу врска со нивните реални ограничувања. Овие општествени стигми често се во коренот на слабото ментално здравје и менталните болести кај некои лица со попреченост, наместо самата попреченост што ја имаат. Сепак, проблемот може да се ублажи со пофокусирано промовирање на доброто ментално здравје.

Во овој дводелен напис ќе ги разгледаме подетално психолошките ефекти на попреченоста, пречките за ефективна нега на менталното здравје и начините за нивно надминување.

  1. Што е ментално здравје?
  2. Однос помеѓу физичка и интелектуална попреченост и проблеми со менталното здравје
  3. Бариери за ментално здравје за лицата со попреченост

Што е ментално здравје?

Спектарот на менталното здравје се движи од добро до лошо ментално здравје и/или сериозни ментални болести. Многу луѓе доживуваат умерени флуктуации поради предизвиците во секојдневниот живот. Но, има и лица кои ескалираат до посериозниот дел од спектарот.

Важно е да се разбере дека лошо ментално здравје и ментална болест не се иста работа. Лице дијагностицирано со ментална болест може да има периоди на севкупна ментална благосостојба. А може пак, некому со послабо ментално здравје воопшто да не му биде дијагностицирана ментална болест. Односот кон сите треба да е со почит на индивидуална основа, наместо стереотипен и ригиден.

Знаци и симптоми на лошо ментално здравје или ментална болест

Некои потешкотии со менталното здравје може значително да влијаат на вашиот секојдневен живот, додека други може да бидат благи или без наод. Лошото ментално здравје или менталната болест често може да се третираат со комбинација на лекови. Тоа може да биде и привремено предизвикано од силен стрес, како што е губење на работно место, загуба на блиска личност или социјална анксиозност.

Еве неколку знаци и симптоми што ќе ги препознаете ако имате влошено ментално здравје:

  • Отсуство на задоволство во активности кои порано ве исполнувале
  • Раздразливост, лутина, обесхрабреност и загриженост
  • Постојано лошо расположение
  • Промена во ритамот на спиење (недоволно или претерано спиење)
  • Промена на апетитот (недоволно јадење или прејадување)
  • Редовно избегнување на одредени луѓе, места и работи
  • Мисли за самоубиство или смрт
  • Намалена концентрација и/или меморија
  • Замор и намалена енергија

Однос помеѓу физичка и интелектуална попреченост и проблеми со менталното здравје

Негативното влијание на лошото ментално здравје и менталните болести е особено сериозно кај лицата со попреченост. Истражувањата покажуваат дека возрасните луѓе со попреченост пријавуваат дека доживуваат чести ментални нарушувања (14 или повеќе ментално нездрави денови во изминатите 30 дена) речиси петпати почесто од возрасните без попреченост. Конкретно, во 2018 година, околу 17,4 милиони возрасни лица со попреченост доживеале честа ментална вознемиреност, што е 4,6 пати почесто од лицата без попреченост.

Честата ментална вознемиреност има многу штетни последици, вклучувајќи хронични болести, неквалитетни здравствени навики, деморализирачки ограничувања и ментални нарушувања. Лицата со попреченост се соочуваат со бројни предизвици на дневна основа, како што се физички препреки, негативни стереотипи и намален пристап до нивните заедници. Како резултат, тие имаат многу поосетливо ментално здравје.

Возрасните со попреченост често немаат пристап до здравствена заштита поради скапите здравствени услуги, а и поверојатно е да имаат приходи под прагот на достапност. Освен тоа, лицата со попреченост се почесто злоупотребувани и запоставени во однос на општата популација, со што се зголемува ризикот за развој на ментални нарушувања кои уште повеќе го ограничуваат нивното учество во секојдневниот живот.

Бариери за ментално здравје за лицата со попреченост

Лицата со попреченост наидуваат на многубројни препреки при обид да добијат добра грижа за менталното здравје. Подолу се разгледани подетално.

Социјални стигми

Лицата со попреченост често се идентификуваат со попреченоста, наместо со однос како вредни членови во општеството кои придонесуваат. Предрасудите за способностите ги омаловажуваат лицата со попреченост отфрлајќи ги како „помалку вредни“ од луѓето без попреченост.

Несфатеност од страна на здравствената грижа

Во многу случаи, лекарите сметаат дека лошото ментално здравје или менталната болест се директен резултат на попреченоста, наместо одделен, независен проблем. Потешкотиите со менталното здравје се ставаат заедно со другите симптоми на попреченоста, при што понекогаш остануваат целосно занемарени. Неретко, лекарите се фокусираат на олеснување на физичките непријатности и намалување на телесните болки, коешто (иако е важно) нема поволен резултат врз целокупното здравје.

Некои здравствени професионалци сметаат дека луѓето со попреченост мора да се „средат“ за целосно да учествуваат во општеството, но тоа не е така. Оттука, попреченоста се доживува како дефект, наместо како мал аспект на личноста што едноставно ја прави различна.

Уште потешко се наоѓаат квалификувани и посветени професионалци за ментално здравје кога треба да работат со лица што имаат комуникациска попреченост (слух, говор или разбирање). Дури и самото дијагностицирање и третман се побавни и потешки, бидејќи терапевтите во голема мера се потпираат токму на вербалната комуникација.

Сиромаштија и невработеност

Многу лица со попреченост тешко наоѓаат работа со полно работно време и често се соочуваат со отворена дискриминација при вработување. А и тие што работат често се без редовно вработување, кое не вклучува придонеси за здравствено осигурување.

Од друга страна, државните бенефиции за попреченост се далеку пониски од трошоците за самостојно живеење или за живеење во специјализирана установа. Пред сè, недоволните средства го отежнуваат начинот на превоз до работното место, особено ако попреченоста е поврзана со движењето.

Превисоки трошоци

Услугите за ментално здравје за пречки во развојот и физички ограничувања (вклучувајќи ги и трошоците за лекови) се скапи и не се секогаш покриени со здравственото осигурување. Многу луѓе ги плаќаат овие услуги приватно, и во пракса, приоритет се дава на физичкото здравје, а потоа, ако дозволуваат условите, се придава значење и на менталната добросостојба. Превисоките трошоци предизвикуваат егзистенцијална несигурност па дури и бездомништво, коешто и придонесува повторно за влошено ментално здравје или ментална болест.

Неповрзани здравствени мрежи

Здравствените мрежи често се екстремно слабо поврзани во руралните или неразвиените подрачја, што негативно влијае на комуникацијата и координацијата помеѓу давателите на услуги. Таквите места имаат и помалку лекари во однос на бројот на пациенти, што доведува до нередовна, неквалитетна здравствена грижа и во однос на менталното здравје и во однос на попреченоста. Достапноста до здравствените професионалци може да се должи и на прекин во осигурувањето, технолошка некомпатибилност и проблеми со превоз.

Продолжува

Извор: udservices.org

Превод: Ирена Апостолова

Објавен : април 20, 2023