Важноста на менталната добросостојба за лицата со попреченост – II дел

Како да се подобри менталното здравје кај лицата со попреченост

Иако дефинитивно постојат пречки за доброто ментално здравје за лицата со попреченост, има и многу начини да се чувствувате најдобро што може. Ќе разгледаме детално неколку методи кои ќе ве упатат на вистинскиот пат.

Побарајте совет и терапија

За лицата со попреченост кои се борат со проблеми со менталното здравје од исклучително значење е да одат на советување или терапија. Ова е особено важно ако имате психички проблеми како резултат на ново здобиена попреченост. Разговор со доверливо стручно лице е одличен начин да се справите со вашите потиснати емоции и лутина, со што исто така ќе се зголеми вашата самодоверба и почит кон себеси во овој преоден период.

Покрај стручната помош за ментално здравје, на вашата целокупна благосостојба можат позитивно да влијаат и други видови терапија, како што е ерготерпија, говорна и физикална терапија:

  1. Ерготерапијата вклучува грижа за себе, развивање на работни вештини, вршење на домашни обврски и уживање во слободни активности.
  2. Говорната терапија помага за подобрување на комуникациски вештини, артикулирање на говорот, рецептивните и експресивните јазични вештини и фондот на зборови.
  3. Физикалната терапија се стреми да го подобри квалитетот на животот со подобрување на способноста за движење, преку наоѓање модифицирани начини на изведување на движењето, со и без помагала, и преку зајакнување зголемување на сензорната асимилација.

Грижете се за вашиот ум и тело

Покрај терапијата за ментално здравје, важно е да внимавате и на вашето емоционално здравје. Правете паузи од гледање и читање вести, особено на социјалните мрежи. Така ќе размислувате појасно, ќе ви се стабилизира расположението и ќе ви се подобри целокупното здравје.

Грижата за вашето тело е исто така многу важна и значително влијае врз вашето ментално здравје. Јадете здрава храна, вежбајте (тоа што го можете), медитирајте, доволно спијте и умерено пијте алкохол.

Поврзете се со другите

Исклучително важно е да имате блиски разговори со луѓе на кои им верувате (семејството, пријателите, терапевтите итн.) за тоа како се чувствувате и за вашата загриженост за менталното здравје. Сега, освен на лични средби, можете да се дружите со нив и виртуелно.

Ако ви е пријатно да бидете во близина покрај други луѓе, размислете да волонтирате во некоја невладина или верска организација. Можете исто така да се запишете на некаков курс или да почнете хоби, кое ве интересира и ви помага да избегнувате негативни, самопонижувачки мисли.

Застапувајте се себеси

Еден од најефикасните начини за подобрување на вашето ментално здравје е секогаш да служите како свој најдобар застапник. Посветете време да го пронајдете најадекватниот стручњак за ментално здравје според вашите потреби, поставувајќи клучни прашања и информирајќи се за сите ваши опции. Такви прашања се:

  • Што мислите од каде потекнуваат проблемите со моето ментално здравје?
  • Дали влијаат моите физички ограничувања на моето ментално здравје?
  • Можете ли да ми препорачате терапевти кои имаат искуство со психолошки третмани за интелектуална попреченост и физички ограничувања?
  • На кој начин ќе извршите оцена за подобро да го разберете проблемот?
  • Дали терапијата за ментално здравје ќе влијае на моето физичко здравје на некаков начин?
  • Дали имате некаква соработка со специјалисти за здравје во однесувањето за да ја координирате терапијата?
  • Можете ли да ми обезбедите ресурси како пристап до транспорт, финансиска помош и квалитетна грижа?

Започнете со наоѓање на лекар од примарна здравствена заштита кој редовно работи со лица со попреченост. Тие често веќе имаат воспоставено односи со професионалци за ментално здравје со специјализирано знаење и алатки потребни за да ви ја обезбедат најдобрата грижа. На крајот, погрижете се сите ваши лекари да се синхронизираат за да создадат најефективен план за третман на вашето севкупно физичко, ментално и емоционално здравје.

Извор: udservices.org

Превод: Ирена Апостолова

Објавен : мај 3, 2023