Светислав Исаилов: Индивидуалната потреба е клучна за правилен избор на количка

Светислав Исаилов – Свето е клинички протетичар и ортотичар кој го знаат сите корисници на колички и други ортопедски помагала. Тој е баран и омилен меѓу луѓето поради својата врвна стручност и ретка емпатичност. Дипломирал на универзитетот „Махидол“ при болницата Сисирај во Бангок, Тајланд. Работи како менаџер во фирмата „Про-Ортос Медикал“. Со Свето разговаравме на секогаш актуелната тема – колички.

Свето, јас иако 15-ина години користам количка, сѐ уште не знам кој е начинот за да се добие право на вакво помагало. Двете мои колички, и првата и втората, се набавени во странство и секако платени приватно. Тоа е така бидејќи кај нас на почетокот немаше кој да нѐ упати на право место, а потоа затоа што овде немаше ништо соодветно за мене. Па, еве, опишете за неупатените и неинформираните (не по своја вина), по кој пат се стига во Македонија до количка?

Ирена, корисникот како здравствен осигуреник е потребно да ја помине следнава административна патека: избраниот матичен лекар на корисникот или осигуреникот е потребно да закаже преглед кај специјалист ортопед или физијатар кој има склучен договор со Фондот за здравствено осигурување на Македонија – ФЗОРСМ или е вработен во јавно здравство и има можност да препише потврда за издавање на ортопедско помагало. Во вашиот случај, тоа е инвалидска количка како што е називот во самиот шифрарник и правилник на ФЗОРСМ.

Мојот став и ставот насекаде во светот е дека називот „инвалидска“ не е соодветен; и никаде повеќе не се користат изразите како „инвалидски“, „инвалидска“ (in-valid значи не-корисен) за ортопедски помагала оти делуваат навредливо кон корисниците на истите помагала. Не значи дека ако си корисник на ортопедско помагало дека си не-корисен. Напротив, секој може да допринесува во општеството на одреден начин.

Во шифрарникот има повеќе колички кои се поделени во однос на потребите на корисникот (универзална инвалидска количка, собна инвалидска количка, теренска инвалидска количка со рачен погон, тоалетна инвалидска количка, детска инвалидска количка, инвалидска количка за церебрална парлиза, електромоторна инвалидска количка, стандардна лесна инвалидска количка, активна инвалидска количка).

Не секогаш докторот знае која количка би била најсоодветна за пациентот кој доаѓа кај него по потреба за препишување на ортопедско помагало во случајов количка и не треба да ги обвинуваме нив. Мислам дека недоволната едуцираност во фирмите кои се бават со дејноста продажба на колички е најголемиот проблем. На неедуцираност мислам од аспект на познавање на патологијата на корисникот и неговата индивидуална потреба која е секогаш клучна за правилен избор на количка. Да не заборавам да напоменам дека антидекубиталното перниче на еден корисник на количка е од огромна важност и исто така правилниот избор на истото.

Секоја од наведените колички има одредена шифра и цена пропишана во правилникот на ФЗОРСМ и фирмите кои вршат продажба на количките кои имаат склучен договорсо ФЗОРСМ можат да издаваат колички со потврда за ортопедско помагало.

Луѓето се жалат дека количките што им ги доделува државата покрај тоа што се неадекватни, се и неквалитетни. А, општопознато е дека количката е моќна алатка која е всушност продолжување на телото. Следствено, таа треба да понуди удобност и сигурност, ама и да поттикне физичка активност. Но, изгледа не е така. Како вие како врвен професионалец реагирате на овие критики? Зошто кај нас не се прават колички по мерка? Оценете го од еден до пет квалитетот на тие кои им се нудат на граѓаните.

Корисниците се жалат на квалитетот и адекватноста на количките, тоа е точно, но мислам дека треба да се поттикне иницијатива за да се разговара за проблемите со ФЗОРСМ за да се изнајде решение за ваквите проблеми. Ние можеме секогаш да критикуваме, ама со тоа нема да го решиме проблемот.

Што конкретно би можеле ние корисниците да сториме?

Вие како најзагрозени со проблемите околу несоодветните помагалата или помагала кои не постојат на листата на ФЗОРСМ би требало да се насочите со конкретни барања до нив, да се разговара за соодветни помагала со посебен правилник каде ќе бидат наведени вашите потреби и класификации на колички. Да се специфицира соодветно секоја детал, опис и намена во какви се услови ќе се користи количката, за да може да се избегне секоја манипулација со квалитетот на количките кои се увезуваат на нашиот пазар и секоја можна злоупотреба со истите.

Секако дека количките кои им се потребни на некои луѓе се и со посериозни цени и поради тоа мислам дека детално треба да бидат опишани и регулирани во правилник кој нема да дозволи злоупотреба со нив. Ова го кажувам од аспект дека и ФЗОРСМ треба да се заштити, но и да понуди соодветно решение.

Се потрудив да наведам листа на некои од водечките квалитетни производители на колички (Panthera, Meyra, Rifton, Ottobock, Invacare, Pride, Levo, итн.), производители и на други видови на помагала за кои исто така има корисници кој немаат достапност до нив, а имаат потреба.

Изработка на колички по мерка на корисникот се можни, но е потребно многу големи инвестиции во кадар (едукации) и екипирање (машини и алати), и мислам дека нашиот пазар не е доволен да некоја од фирмите кои вршат продажба на колички би инвестирала во сопствено производство.

АД „Славеј“ постои 70 години. Велат дека имаат добар кадар и современа технологија. Зошто тогаш да не можат да покренат свое производство?

Не можам да коментирам за „Славеј“. Јас повеќе не сум дел од нивниот тим и би било крајно непрофесионално да ги коментирам, ниту знам кој е нивниот план за развој во иднина во нашата професија

Важно прашање е и одржувањето и сервисирањето на количките. Луѓето кои ги користат најчесто не можат да се грижат и за тоа од низа причини. Организирано ли е тоа некако? Кога нешто ѝ фали на мојата количка, или ја поправа татко ми или ја носи по мајстори.

Се согласувам дека ретко која фирма која врши продажба на колички има сервис за истите. Во правилникот на ФЗОРСМ има определено периодично кога и какви сервисирања може да се извршат на количките за кои исто така има можност и е потребно да се препишат потврди за ортопедско помагало од страна на доктор, како на пример замена на гуми (внатрешни, надворешни), замена на седиште и наслон на количката, итн. Секако дека фирмата од каде е земена количката треба да биде таа која треба да понуди и сервис за истата поради тоа што правото на количка кое е пропишано во правилникот на ФЗОРСМ е дека на корисникот му следува количка на секои 5 години, што е долг период да може една количка без сервис да го издржи тој период.

Вие имате работено за една од најдобрите светски компании за производство на ортопедски помагала „Оттоbоcк“ во Ирска. Може ли да направите споредба, кај сме ние во однос на нив?

Да, јас извесно време работев во „Ottobock“ во Даблин, Ирска. Споредбено со условите, финансиските средства и достапноста на помагалата се многу понапред од нас. Сепак, тие се во Eвропска унија и имаат систем кој многу се разликува од нашиот. Мислам на системот за аплицирање за ортопедско помагало, неговата цена и квалитет.

Во тој сегмент, одлуката за третманот и одредување на видот на ортопедското помагало зависи од нас, клиничарите по протетика и ортотика (Clinicians of Prosthetics and Orthotics). Ние сме тие кои во соработка со корисниците, правиме анамнеза, прегледи, разговори, собираме податоци од корисникот на помагалото и потоа аплицираме за одредено ортопедско помагало.

Апликациите се процесираат во општината каде живее корисникот, доколку корисникот има осигурување од државата. Доколку е приватно осигурување, корисникот во соработка со нас одлучува кое помагало ке го користи и за истото плаќа сам, но потоа со фактурата од фирмата која го продава помагалото врши рефондирање на средствата. Поголемиот дел на граѓаните на Ирска имаат приватно осигурување платено од фирмите во кои работат.

Тажно е и иронично што секогаш се крати на најнемоќните, најранливите и најмаргиналираните. Наместо на оние со сериозно кревко здравје и намалена мобилност да им се даде најмногу и најдобро, ова општество секогаш има некои други бесмислени приоритети. И се чини дека таа инерција и негрижа е константна и доминантна. Како оваа надолна крива да почне да се крева нагоре, Свето?

Се согласувам дека, не би рекол се крати, туку има можност да се добие соодветно помагало со средствата кои се овозможени од страна на ФЗОРСМ за ортопедски помагала. Но, со посериозен професионален пристап и со прочистен и соодветен правилник може истите финансиски средства да се искористат соодветно и да се подобрат услугите и помагалата кон корисниците на кои им се потребни.

Не би рекол инерција и негрижа, повеќе би рекол дека има многу непознавање на потребите на корисниците од страна на институциите и секако дека кривата може да има нагорна линија само со соочување на проблемите на корисниците со институциите кои се одредени за пропишување на правилата за истите и фирмите кои ја вршат таа дејност.

Сите заедно треба да работиме на проблемите во општеството за да на сите ни биде подобро.

Ирена Поповска

Објавен : март 19, 2021