Првиот воден парк за луѓе со попреченост

Идејата за изградбата на првиот на свет специјализиран аква парк е мошне едноставна и хумана. Да се ​​обезбеди безбедна, чиста и убава средина без физички и економски бариери во која ќе можат да дојдат и да уживаат сите поединци – без оглед на возраста, посебната потреба или попреченоста.

За некои луѓе, водните паркови се идеална локација за релаксација и забава, особено за време на жешкото лето или после долг и стресен работен ден. Но, мислам дека нешто ни недостасува. Тоа е можноста за лицата со попреченост да можат да бидат вклучени во летните водни лудории на ваквите паркови. Затоа што, за жал, повеќето паркови на вода, и ден-денес се непристапни за лицата со попреченост.

Поттикнат од токму мисијата за инклузија и визијата за повеќе насмеани лица, изникна „Земјата на чудата на Морган”, за преку моќта на играта да ги спои сите луѓе на едно место. Тоа е имено непрофитен тематски парк распространет на 25 хектари со 25 ултра пристапни атракции, лоциран во близина на градот Сан Антонио, во американската држава Тексас, за гости од сите возрасти и со секакви способности.

Паркот „тежок“ 50 милиони долари, бил првично отворен во 2010 година на местото на поранешниот каменолом Лонгхорн, бил развиен и финансиран од Фондацијата на Гордон Хартман, поранешен градител на домови за живеење и сегашен застапник на луѓето со попреченост. Негов катализатор и мотиватор низ животот е единствената ќерка Морган, која се соочува со когнитивни и физички предизвици, и која го инспирираше и создавањето на паркот.

Во 2017та паркот е значително проширен со „Островот на Морган“, а во 2018 тој се најде на листата најубави места кои треба да се посетат според магазинот „Тајм“. Сместен веднаш до чудесната земја, островот е еден вид лична креација на Морган, оаза на љубовта и заедништвото со тропска тема, кој што има шест главни атракции. Тие вклучуваат пет области за играње, пристапно возење со речен брод и широк спектар на подлоги за прскање.

Но, за разлика од обичните водни паркови и базени, подлогите на паркот се пристапни за луѓе со проблеми поврзани со попреченоста, и нудат целосно искуство со водни лудории. Некои од нив имаат карактеристики на водени топови, други се како завеси од дожд или пак како гејзери. Влезот вo водниот парк е целосно бесплатно достапен и добредојден за лицата со попреченост.

Новововедениот остров според инспирација на Морган е дизајниран со консултација од страна на врвни лекари, физиотерапевти, негуватели, наставници во училиштата, експерти за водни паркови, па дури и родители. Тој наликува на вистинска бајка со магични карусели, шарени куќички, вртени тобогани, панорамски тркала, цветни фонтани. Во некои работни денови, вклучени се маскоти, сценски настапи во живо, интерактивни настапи и улични изведувачи.

Голема предност е тоа дека луѓето со чувствителност на студ  нема да имаат проблем во водните игри бидејќи температурата на водата може да се прилагоди за да се задоволи нивната потреба. Водниот парк е тестиран прво од група стручњаци за посебни потреби пред да биде целосно отворен за јавноста.

„Земјата на чудата на Морган“ користи врвна и современа технологија, која вклучува GPS алки за секој од посетителите, во случај некој од нив да се изгуби во водениот парк алките овозможуваат брзо пронаоѓање на посетителот. На гостите во количка им е дозволено да ги користат водоотпорните колички кои што се во сопственост на паркот за да не дојде до оштетување на нивните лични колички.

Нека овој воден парк биде пример за идна иновација во повеќе земји, вклучително и нашата, каде што лицата со попреченост ќе имаат можност да бидат вклучени во сите овие водни лудории. Да не дозволиме да ги заборавиме и да им дадеме можност и тие како и сите останати, особено децата, да уживаат во летниот одмор. Целата замисла на овој парк е да биде место каде што секој ќе може да го разбере другиот и да си играат заедно насмеани!

Подготвила: Лела Радуловиќ

Објавен : август 30, 2021