Првиот модел со Даунов синдром

Медлин Стјуарт, како прв возрасен професионален модел со Даунов синдром, ја става различноста во преден план и во центарот на модната писта, инспирирајќи многумина да ги постигнат своите цели

Розен Стјуарт не љуби ништо повеќе отколку женското излегување со својата ќерка Медлин. Но, на почетокот на едно такво излегување кон средината на 2015 година, таа сфатила дека можеби и не направила баш најразумен избор. Двете заедно планирале да гледаат модна ревија во нивниот роден град Бризбен и кога си ги зазеле местата покрај модната писта, Стјуарт фрлила еден поглед врз лицето на Медлин и знаела дека таа веќе има нов сон.

Само неколку недели пред тоа, тие биле да гледаат натпревар на Рабитоз. Седната на трибините, гордо облечена во дресот на тимот Рабитоз, Медлин се возбудила. И самата посветен рагбист, тогашната деветнаесетгодишна девојка не можела да разбере зошто не ѝ е дозволено да се натпреварува на теренот. Ништо не било поинаку ни тоа судбоносно августовско утро. Кога манекенките почнале да чекорат по модната писта, Медлин се завртела кон мајка си и изјавила: „Мамо, јас манекенка.“

Медлин не е како другите луѓе. Кога ќе види нешто што ѝ се допаѓа, таа со своето здраво чувство на самодоверба и без страв од никого, едноставно посега по тоа нешто. Таа исто така има и Даунов синдом, но ниту Стјуарт, ниту Медлин никогаш не го сфаќале тоа како некаква пречка.

Како и многумина други со Даунов синдром и Медлин имала проблеми со тежината, но освен тоа Стјуарт не гледала никаква друга причина зошто Медлин не би се обидела со манекенството. Ја охрабрувала ќерка си здраво да се храни и да вежба секој ден, посочувајќи ѝ: „Ако сакаш да станеш професионалец, тогаш биди како професионалец, не очекувај нешто само зашто изгледаш поинаку. И по успешните напори на Медлин следувале и професионална фризура и шминка, а по нив и фото-сесија.“

Стјуарт била вчудовидена од резултатите. Со поддршка од блиску поврзаната заедница на луѓе со Даунов синдром, таа создала страница за јавна личност на Фејсбук и постирала слика „пред“ и слика „потоа“. За само неколку денови, фотографијата била видена речиси 7 милиони пати, што пак резултирало со објавување на стории по весници низ целиот свет, од Исланд до Мексико, Куба и целиот свет. По еден месец била поканета да настапи на модната недела во Њујорк, што резултирало со тоа Медлин Стјуарт да биде една од првите возрасни манекенки со Даунов синдром. И навистина таа е првиот професионален возрасен модел со Даунов синдром воопшто.

Во 2017 година, влијателното списание Форбс ја прогласило Медлин за број еден за Различност во модната индустрија, за „нормализирање на Дауновиот синдром“.  Следувале дузина други настапи: Париз, Лондон, Ранвеј Дубаи и Мерцедес-Бенц Модната недела во Кина и други. Единствената личност што не била изненадена што ја пробила оваа главно непробојна бариера била самата Медлин.

„Медлин е одгледана така што секој ден ѝ е кажувано дека е убава и способна. Таа не би знаела како би изгледало тоа да не се верува во себеси“, објаснува Стјуарт, додавајќи дека ќерка ѝ неодамна се обратила на 1500 луѓе, вклучувајќи ги и Ева Лонгорија и Џејми Фокс, откако ја добила наградата  на Квинси Џонс за исклучително застапување во Денвер. И покрај тоа што танцувала со Џејми Фокс повеќето од времето на забавата потоа, всушност камерманот бил тој што најмногу ја импресионирал, зашто одиграл најдобар даб. „Таа не е понесена по ѕвездите. Луѓето на кои сака да се угледува се оние што се полни со љубов и љубезност.“

Само кога сега би можел да ја види лекарот што ја породил. Стјуарт имала 26 години кога ја родила ќерка си во Квинсленд. Уште пред да може да го види новороденчето, лекарот ја однел во друга соба. Вработените ѝ објасниле дека ќерка ѝ има Даунов синдром, но дека постоеле и опции што таа можела да ги разгледа. Поранешната манекенка, а сега столарка и градежен инспектор, Стјуарт им возвратила: „Што е тоа Даунов синдром?“

Лекарот ѝ предложил да го остави детето во болница и да почне одново; посочувајќи ѝ дека ништо нема да излезе од неа и дека ќе созрее само до менталната возраст на седумгодипно дете. Стјуарт го послушала неговиот совет да почне одново, но не онака како што тој си замислува. Му ја треснала вратат на светот пред нос и плачела цели три дена; потоа се прибрала, се разделиле со таткото на Медлин и веќе не се завртела наназад.

Седната во фотографското студио на Вог, подготвувана од фризери и шминкери пред нејзиното снимање, Медлин изгледа како искусен професионалец до последната педа. И така и треба: оваа година таа ќе настапи во Њујорк, Лондон, Париз и Истанбул каде што еден дизајнер создава колекција за да биде специјално прикажана од Медлин; а ќе присуствува и на разлчини собири во Албанија за Светскиот ден на Даунововиот синдром на 3 март.

Но таа не се занимава само со мода. Со своите 21 година, Медлин ја претставувала својата земја во крикет и кошарка на Специјалната Олимпијада, каде што го запознала и Роби Стритинг, кој ѝ е момче сега веќе 4 години; покрај тоа што настапувала и со Инсајд Аутсајд, школо за танц од Квинсленд што Стјуарт го основала во 2015 година и главно работи со луѓе со попреченост.

Потоа тука се и безбројните добротворни организации што Медлин ги поддржува, од фондацијата Ендевор Австралија, до Поттик за Дауновците во Америка; како и документарецот на шведската компанија Б-Рил Продакшнс, што ќе биде прикажан годинава и модната марка што Медлин ја промовираше на модната недела во Њујорк минатиот фебруари, „21 причина зошто“, чијашто трета линија ќе биде промовирана подоцна годинава. „Во оваа индустрија мораш постојано да еволуираш“, вели Стјуарт уморно.

Иако едно од најстарите пореметувања, Дауновиот синдром е исто така е и едно од најмалку истражените. Се случува кога бебињата ќе се родат со дополнителен хромозом 21, при што резултат се различни интелктуални и физички попречености, почнувајќи од срцеви мани до оштетен вид и проблеми со респираторните органи. Во Австралија живеат околу 15000 луѓе со Даунов синдром, а во светот ги има седум милиони.

Не само што Стјуарт верува дела ќерка ѝ е првиот возрасен модел со Даунов синдром кој работи на модните писти, туку таа минатата година ѝ го обезбеди на Медлин и првото спонзорство од Ворлдхотелс. „Таа е кралицата на попреченоста во Америка, бидејќи помогна да се сменат нештата за сите. Со која и организација да разговарате, ќе ви каже дека Медлин е таа што ја отворила вратата“, вели Стјуарт.

Како мајка и менаџер на Медлин, Стјуарт е оправдано горда на спoнзорството. Таа исто така не е импресионирана што модната индустрија и индустријата за убавина не ѝ биле многу наклонети.

Нема сомнение дека модната индустрија конечно станува поразнолика, тргнувајќи од претставувањето на сите етнички групи до најмувањето трансџендер манекени и понекогаш експериментирајќи надвор од традиционалните ограничувања поврзани со висината и тежината. Но кога станува збор за прифаќањето на модели со попреченост, напредокот се движи со темпото на глечерите; а и оние кои го постигнале, стравуваат од токенизам.

Модниот бизнис дури неодамна забележа дека 15 проценти од луѓето глобално – 1,2 милијарди – имаат физичка или ментална попреченост, а сепак на прстите од една рака можат да се избројат моделите што потекнуваат од оваа група. Во 2014 година, уметничкиот директор на колекцијата Дизел, Никола Формичети, ја вработи Џилијан Меркадо, модел со спазматична мускулна дистрофија што користи количка, како еден од неговите модели за неговата кампања „Ние сме поврзани“.Овој негов смел и инклузивен потег беше нашироко одобрен и Меркадо подоцна стана дел од ИМГ Моделс, продолжувајќи како манекен за линијата за облека на Бијонсе, настапувајќи во реклами за Таргет и Нордстром набргу потоа.

Истата таа година Даниел Шејпук стана првиот модел во количка што се појавил на модната недела во Њујорк; а во 2015 година – годината на деби настапот на Медлин – британскиот модел Џек Ајерс беше првиот машки модел со ампутација што настапил исто така на модната недела во Њујорк. Тоа се сé чекори во вистинска насока, доколку компаниите и марките што работат со овие модели вистински се грижат за интересите и добробитта на овие модели, наместо тоа да им е еден и единствен „токен“ ангажман, во корист на слабо затскриено приграбување на публицитет.

„На почетокот кога појавата на Медлин стана вирална, таа доби два договори, но луѓето искрено веруваат дека ѝ прават услуга зашто има попреченост“, вели Стјуарт, посочувајќи дека помалите дизајнери кои немаат многу пари можат да ја поканат да настапува за нив за конечно да си го пробијат името, зашто Медлин има речиси милион следбеници на социјалните медиуми.

Доколку се погледне нејзиниот Инстаграм профил може да се види дека води живот на убавина и гламур, и до извесна мера тоа е вистина. Но исто така е и исцрпувачки и Стјуарт вели дека никогаш толку не плачела како во последните две години. И додека постојано ѝ се дава признание на Медлин како на меѓународен фактор на промена, како некој што ги охрабрува луѓето да бидат прифаќани поради она што можат да го сторат, а не поради она што не можат, сé уште претстои долг пат што треба да се изоди.

Телевизиските и рекламните компании првично покажуваат голем интерес за Медлин, само за да се одвратат откако ќе сфатат дека способноста за говор ѝ е ограничена за разлика од актерот од Американска хорор приказна, Џејми Бруер, кој има Даунов синдром, но може течно да зборува. Стјуарт се обидувала, но не успеала, Медлин да потпише договор со агенција, што би значело дека би била платена соодветно за својата работа како и другите модели.

„Мораме да престанеме да мислиме дека е нешто негативно ако во рекалмирањето користиме некого кој е малку поинаков. Како општество, имаме можност да го промениме начинот на размислување“, вели Стјуарт, додавајќи дека лесно решение за надминување на ограниченостите во говорот на Медлин би било да се користи војсовер. „Еден од седум луѓе има некаква попреченост. И нив нема да ги снема.“

Вознемиреноста на Стјуарт се намалува кога ќе помисли на глобалното влијание што го постигнува Медлин. Покрај огромниот број на реакции што постовите на Медлин на социјалните медиуми постојано ги привлекуваат, Стјуарт редовно добива електронска пошта од луѓе што ѝ се заблагодаруваат, често пати отворајќи се во врска со нивните сопствени приказни.

„Ми приоѓаат луѓе и ми велат: „Триесет дена сум без дроги; ако може Медлин, можам и јас.“ Пред некој ден, добив порака од жена што родила момченце со Даунов синдром и вели дека ја проверува Фејсбук страницата на Медлин секој ден, бидејќи тоа ѝ дава надеж. Затоа и го правиме ова. Како општество станавме толку опседнати со брзи автомобили и големи куќи што загубивме секаква врска со човечноста. А луѓето како Медлин му даваат боја на светот.“

Извор: Vogue

Превод: Марија Џонс

Објавен : септември 20, 2021