ПРКОС отвора психолошко советувалиште за луѓето со попреченост и за нивните семејства

Со задоволство ве информираме дека во рамки на ПРКОС почнува со работа првото македонско психолошко советувалиште, кое ќе се грижи за менталната добросостојба за луѓето со попреченост и за нивните семејства. Знаејќи ги тешкотиите на оваа популација, се здруживме со две психотерапевтки, за да им овозможиме бесплатни услуги кои ќе им ги подобрат животите.

Советувалиштето, финансирано со донација на НЛБ Банка, ќе обезбедува индивидуална терапија еден-на-еден, групни работилници, обуки и психолошко образование за разни важни теми; од семејните констелации, врските и љубовта, па до самодовербата, контролирањето на тешки ситуации и издржливоста.

Толку многу е важно е да се грижиме за своето ментално здравје зашто тоа има влијание врз нашите мисли, однесување, релациите па дури и врз нашата физичка благосостојба. Да се биде во добра психичка состојба може да ја поттикне продуктивноста и ефективноста на нашите активности на работа, на училиште / факултет или на вашите социјални контакти.

Оштетеноста и попреченоста се сложени нешта. Тие жестоко го трансформираат и трауматизираат идентитетот на индивидуата и на семејното ткиво. Мачното и монотоно секојдневие создаваат маѓепсан круг од кој тешко се излегува и со кој стресно се справува. Атмосферата во домот често е напната, избиваат кавги и комуникацијата страда заедно со домашните. Затоа, зборувањето за вашите чувства со стручњак е еден од најдобрите лекови за стресот, изолацијата, заморот, па дури и за болката и траумата.

Досега ова речиси не беше можно заради физички и финансиски непристапности. А проблем е и да се најде терапевт кој може да ве разбере и да ви даде поддршка доколку имате попреченост или сте член на такво семејство. Тој треба да ја истражува попеченоста или здравствената состојба на афирмативен начин. Да не поврзува сè со попреченоста, но исто така да не ја ни избегнува за да не стане како слон во собата. Во спротивно, клиентите ќе се чувствуваат исто онолку потиснати и неислушани колку и во други околности во општеството.

Запознајте ги тимот и програмата на советувалиштето

Изградувајќи се низ сопствените предизвици и обиди да им помогне на овие луѓе тука и сега, ПРКОС ќе работи холистички и заеднички со:

Драгана Батиќ, доктор на науки од областа на клиничка психологија, гешталт терапевт и универзитетски професор. Во својата долгогодишна работа како психолог во Центарот за социјална работа во Скопје, работела со лица и семејства во криза, вклучително и оние со попреченост. Била раководител на мешани работилници за жени со оштетен вид и самохрани мајки, како и групни искуствени работилници за психо-соцјална поддршка на деца со оштетен вид. Одржувала и курс за јога и релаксација на глуви и наглуви лица.

Димитринка Јорданова Пешевска е универзитетски професор, доктор на науки во областа на развојната и здравствената психологија и експерт за ментално здравје и психолошко советување. Учествувала во проектот на деинституционализација на лицата со попреченост и проблеми во менталното здравје на СЗО. Во рамки на истиот се креираа алтернативни служби за интегрирање во заедницата и семејствата и поддршка на работата на дневните центри, како и обуки и тренинзи за професионалците и за лицата со попреченост.

Ирена Поповска, основач и директор на ПРКОС, магистер по општествена и културна теорија, како особа со долга емпирија со попреченоста е задолжена за консултантскиот и креативниот дел на советувалиштето.

Она што ја прави програмата за благосостојба единствена и голема придобивка за луѓето со попреченост е тоа што можете да добиете поддршка од други луѓе со попреченост и терапевтки кои имаат директно или индиректно лично искуство со попреченоста. Сечија попрченост е различна, ама нашиот тим разбира дека темите на изолираноста, докажувањето на себеси, отфрлањето, исклученоста и тешкотиите во остварувањето и одржувањето врски се взаемни.

Тимот развива поинаков вид терапија од онаа што обично се знае дека многу од проблемите со кои се соочуваат луѓето не се само резултат на нивните попречености, туку се повеќе поврзани со фактот дека општеството е главно организирано според потребите на луѓето без попреченост. Тој ја разгледува попреченоста на личноста, но и сите фактори кои влијаат врз нивната способност да бидат целосни и еднакви учесници во општеството.

Нашата програма и методологија базирана на позитивната психологија може да ве поддржи по следните прашања:

  • вештините на комуникацијата и однесувањето
  • идентитетот и телесниот изглед
  • ценењето на самиот себеси, мотивацијата, самодовербата во наметнувањето
  • издржливоста, намалувањето на стресот и опуштањето
  • справувањето со попреченоста наметната од општеството
  • животот по загубата и траумата
  • поддршката со болката, заморот, анксиозноста и депресијата
  • навикнувањето на лични асистенти и старатели
  • остварувањето и одржувањето врски
  • влијанието на исхраната и движењето врз менталното здравје.

Останатите активности на советувалишто ќе нудат информации за различните аспекти на менталното здравје и како да се грижите за него, плус ќе вклучуваат најразлични вежби и приказни од други луѓе со попреченост. Тоа ќе биде и место за социјализирање, споделување и солидаризирање.

Добредојдени сте да користите онолку колку што сакате од ресурсите, во зависност од вашите потреби и претпочитања поврзани со менталното здравје. Следната недела ќе го објавиме повикот за закажување на индивидуални сеанси и за пријавување за групни работилници.

Текст: Ирена Поповска

Слика: Ивана Маркоска Докоска

Објавен : август 30, 2023