Приказни од спектарот

Се сретнавме со Ел Мекникол, аутистична жена и авторка на „Еден вид искра“. “Еден вид искра” е нов белетристички роман за деца, објавен од „Најтс Оф“. Дејството се одвива во тивко шкотско село, а романот ја раскажува приказната за Ади, млада аутистична девојка која открива вознемирувачка тајна за минатото на своето село.

Ел пишува за сопствената дијагностика на аутизмот, инспирацијата што стои зад нејзиниот маѓепсувачки дебитантски роман и вртењето на нов лист на ликовите со аутизам.

Моите сеќавања од дијагнозата се нејасни, бидејќи никој не ме седна да ми објасни што се случува. Се сеќавам дека имав потешкотии на училиште. Сакав да бидам пријателка со сите, но никој не сакаше да биде мој пријател. Ми рекоа дека сум чудна и дека има „нешто што не е во ред со мене“.

Почнав во ново училиште кога имав десет години. Не можев да бидам на истата бранова должина како и моите нови врсници. Паузите за ручек ги поминав во библиотеката, читајќи книги сама во тишина. Сензорниот мир беше мелем по гласните училници, но надгледувачите на игралиштата ме прекоруваа бидејќи бев осамена и не се дружев со другите деца. Немав сила да објаснам дека пробав сè.

Ме испратија на работилници за подобрување на ракописот, советувања, состаноци за работа на мојата моторика, работна терапија и, конечно, во болницата, каде што поминав низа тестови и испрашувања.

Јас го потиснував секој поединечен момент од ова искуство. Се чувствував засрамена, длабоко засрамена што не можам да се вклопам. На секоја сесија, секој тест, секој состанок за терапија – никој не ми рече: „Ова не е твоја вина. Некои луѓе се едноставно различни и можеби ти си една од нив “. Можеби ќе ме поштедеа од години поминати во анксиозност, ако го стореа тоа.

Срамот е студен и извртен јазол за кој треба многу време да се надмине. Најмногу кога не можете целосно да комуницирате или да го артикулирате срамот. Кога се откри мојата дијагноза, никогаш повеќе не се зборуваше за тоа. Моите родители се плашеа од етикетите и согледуваните ограничувања што можеа да произлезат од нив.

Значи, пораснав маскирајќи се. Користев креативни проекти за да го сокријам моето вистинско јас. Фрагменти во приказни за часови по англиски јазик. Скрив толку многу од тоа што бев и ми стана полесно да најдам социјални групи со кои ќе се дружам. Но, никогаш не бев во можност да им објаснам зошто клабингот беше сензорна ноќна мора која ми предизвикуваше тантруми. Зошто контактот со очите беше болно. Зошто запознавање нови луѓе и мешање во големи групи луѓе ми предизвикуваше стрес.

Мојот дебитантски роман, „Еден вид искра”, беше објавен во јуни. Неговото постоење е нешто како чудо, нешто што мислев дека е невозможно во поголемиот дел од мојот живот. Имав ситуации кога наставниците ќе ми ја искинеа писмената работата на парчиња пред мене, бидејќи мојата моторика го отежнуваше читањето на мојот ракопис. Тоа е сцена пресоздадена во книгата и онаа што многу луѓе ја наведоа како слична на сопственото искуство.

Ја исполнив книгата со секаква болка, надеж, фрустрација, радост, срам и енергија од тоа да се биде невродивергентно дете. Навистина е позитивно. Радосно. Но, вистинито.

Ади е единаесетгодишна аутистична девојка во мало шкотско село. Таа е фасцинирана од ајкулите и морскиот живот и е вљубена во книгите. Но, таа се бори да одржува пријателства на училиште и се чини дека нејзината нова учителка ја критикува за тоа. Еден ден, за време на часот по историја, таа открива дека нејзиниот мал град некогаш погубувал жени за злосторство на вештерство. Тоа станува посебено интересно за Ади. Со помош на нејзината постара сестра Киди и нејзината нова пријателка Одри, таа започнува кампања за изградба на градски споменик. Тоа е приказна за сиромашните, правдата, пријателството, заедницата, семејството и следењето на вашиот сопствен пат.

Сакав да опишам аутистична хероина која дејствува во своја полза. Со силен морален компас. Огромно срце. Затоа што тоа е мое искуство. Уморна сум од книги за аутистички ликови каде вниманието не е посветено на аутистичните луѓе. Каде што е прикажано да изгледаат како товари. Каде што ќе им биде кажано дека нивните семејства ги сакаат, не само заради аутизмот. Дека треба да бидат излекувани или поправени. Уморна сум од тие наративи.

Од тие причини, го напишав спротивното. Мојата книга го прикажува аутизмот каков што навистина е. Невролошка разлика што влијае на секого на специфични начини. Ниту велесила, ниту клетва. Само алтернативен одраз на човечката состојба.

Кога ja примив вестa што ми го смени животот, дека ќе бидам објавуван автор, сè ќе биде поинаку. Нема повеќе криење. Нема повеќе тишина кога некој ќе каже нешто навредливо. Нема повеќе да се издигаме над суровите претпоставки и стереотипите што не повредуваат.

На сите аутистични деца на кои им е кажано дека се премногу „ова” или не се доволно „она”, би им рекла – смејте се. Смејте се на ограничените умови и продолжете понатаму. Ако сте писател, пишувајте. Ако сте уметник, направете уметност на начин на кој само вие умеете. Кажете ја вистината без каење и блескајте. Никогаш нема да ја најдете среќата заробени во сенка.

Моите тековни проекти, освен „Еден вид искра“, содржат и многу невродивергентни ликови. Сакам да им кажам на луѓето кои се збунети од тоа: „Јас ќе продолжам да пишувам за невродивергентни луѓе и никогаш нема да се уморам од тоа.“ Ќе пишувам за невродивергенција се додека луѓето навистина не ја разберат убавината на тој збор.

Извор: autism.org.uk

Превод: Леа Караџовска

Објавен : април 19, 2021