Пријателства и пропасти

Во недостиг на наша, локална сторија, за охрабрување објавуваме една искрена и топла исповед за пријателствата од Бригид Ранковски – аутистист и активист

Некои денови копнеам по едноставните денови на моето детство. Во предградијата на Чикаго од мојата младост, лесно се градеа пријателства врз основа на географската погодност. Сите деца од маалото се познававме меѓусебно и си игравме надвор додека не ги вклучеа уличните светилки, што ни беше знак да си одиме дома на вечера. Мајка ми многу сака да заборува за едно лето кога толку многу преспивавме едни кај други, така што мојата најдобра другарка и јас секое утро си ја селевме постелнината од едната до другата куќа, две врати подолу. Звучи речиси како бајка од некое изгубено време, но тоа беше добро време кога децата излегува надвор наместо да се џарат во екрани.

Сега, како возрасна се соочувам со тешкотии во запознавањето нови луѓе со слични интереси кои воедно би сакале да ми бидат и пријатели. Тука е и сето сложено прашање што се однесува на излегувањето со мажи и недозбирањата што произлегуваат од тоа – кога се’ што сакаш е да гледаш филм, ама тие мислат дека тоа значи нешто друго. Пријателствата се сложена работа, и како личност што е дијагностицирана со нарушувања од аутистичниот спектар голем дел од оваа година го поминав на забрзан курс за тоа како изгледаат комплексните врски и пријателства. Најголемиот проблем што ги имав оваа година не беше тоа што што сум им била лоша пријателка на другите, туку тоа што не сум препознавала дека другите не ми биле добри пријатели мене.

Бев паднала во замката на мислењето дека ако имаш пријатели, тоа значи дека разбираш што е пријателство. Луѓето сакаа да поминуваат време со мене, па така очигледно беше дека и јас треба да поминувам време со нив. Луѓето ми велеа дека сум им важна и дека ќе ме бранат кога други луѓе кажуваа лоши работи за мене. Всушност, овие луѓе ми даваа до знаење дека други зборувале лошо за мене за да ги одбегнувам. Не разбирав како навистина функционира пријателството зошто не разбирав целосно ни како функционираат луѓето.

Една од моите најголеми слабости е од областа на теоријата на умот. Јас целосно верувам дека луѓето ми го кажуваат она во што веруваат и дека нивните постапки ги одразуваат нивните зборови. И кога ова нема да се случи, непоклопувањето многу ме збунува. Не можам да разберам како некој може да каже дека си грижи за мене, а сепак неговите или нејзините себични постапки да ме повредуваат. Ми станува физички непријатно кога некој прави нешто спротивно на своите зборови. Но сепак, јас верувам во најдоброто во луѓето и им давам повеќе шанси отколку што треба.

Ги учиме аутистичните деца како да постапуваат со другите луѓе за да имаат пријатели, но никој не не’ учи како пријателите треба да постапуваат со нас. Понекогаш ја губиме рамнотежата во овој свет и остануваме повредени бидејќи не разбираме зошто луѓето би сакале да не’ искористат или да не’ излажат. Луѓето ме искористувале поради пари, за да добијат емоционална поддршка или само поради мојата добрина. И тоа знаеше да трае и со месеци пред луѓето на кои им верувам конечно да се вмешаат и да ми кажат: „Тој не ти е пријател.” Таа единствена реченица од личност на која што и’ верувам и ми е позначајна од што било друго.

Ми требаше речиси цела една година за да се ослободам од три пријателства и врски што ме труеја и исцрпуваа. Сосема искрено можам да кажам дека не би била овде каде што сум сега доколку тие луѓе се’ уште беа во мојот живот. Исто така ми беше потребна една година за да си го вратам чувството за рамнотежа за вистински да разберам како треба да изгледа еден пријател. Проникнувањето во различните динамики на тоа како треба да изгледаат различните пријателства кај мене е се’ уште во тек, но успеав да стекнам нови откритија.

И за да им помогнам на оние меѓу нас што пливаат во морето на невродиверзитетот, дозволете ми да го споделам она што го научив, па можеби некој друг нема да мора да ги војува истите битки како мене.

  • Пријателот треба да ве поддржува додека растете како личност.
  • Пријателот треба да биде тука за да ве ислуша ако ви треба без да ви кажува дека она што ве вознемирило е неважно.
  • Пријателот нема да ви бара да платите за него или неа, или да го очекува тоа, секогаш кога ќе излезете.
  • Пријателот нема само да ви ги кажува своите проблеми, туку нема ни да одбива да ви дозволи и вие да му ги кажете своите.
  • Пријателот нема да ви се налути и да одбива да ви каже зошто е лут. Понекогаш на некого му треба повеќе време за да зборува за ова, а некои луѓе и никогаш не сакаат да зборуваат за судир.
  • Пријателот можеби нема да се согласува со вас цело време, но ќе го почитува вашето мислење и нема да ви кажува дека грешите.
  • Пријателот ќе ги цени вашите емоции и ќе ви стави до знаење дека вашите емоции не се погрешни.
  • Пријателот ќе ги почитува вашите физички и емоционални граници.

За авторот

Бригид Ранковски завршила на Колеџот Корнел и во моментов студира за да дипломира на универзитетот Нова Саутистерн. Работи како помошник во наставата и како професионалец за директна поддршка. Исто така настапува и со наградуваната театарска група за водвил што се вика Темни лудости. Бригид зборува и објавува на меѓународната сцена за нарушувањата од аутистичниот спектар и ужива да жонглира со својот огнен стап на полна месечина и да пие чај.

Извор: autism-dot-com

Објавен : април 12, 2019