Препораки за постапување и третман на лица со попреченост во време на пандемија COVID-19

По објавувањето на пандемијата од страна на Светската здравствена организација, на 11 март годинава, се соочуваме со предизвик од светски размери. Во Македонија прогласена е вонредна состојба и во периодот кој следи исклучително важно е властите да се придржуваат кон препораките на Светската здравствена организација, а институциите, организациите, приватниот сектор и хуманитарните здруженија со особено внимание да се посветат со цел да излезат во пресрет на потребите на лицата со попреченост.
Поттикнати од непостоечкото, односно недоволното адресирање во препораките и мерките на надлежните институции во земјава на групата на социјално ранливата група – лицата со попречености, Здружението за активно вклучување и соодветен третман на лицата со попреченост „ИКУАЛИТИ“ (EQUALITY) и Центарот за поддршка на лица со попреченост „ПРКОС“ подготвија листа на препораки и совети.

⦁ Не за стигматизацијата!
Да не се стигматизираат лицата со попреченост, како една од најранливите групи на граѓани, со цел да се избегне можност од неправеден третман, поточно третирање на лицата со попречености како граѓани од втор ред или стигматизирани како пренесувачи на заразни инфекции.

⦁ Придржување кон посебните мерки предложени од Владата!
Се препорачува на приватниот и државниот сектор неодложно да се придржува кон препораките за ослободување од работни обврски на сите лица со попреченост, не само на оние со хронични болести, соодветно и согласно нивната здравствена состојба.

⦁ Навремено подмирување на исплатите од социјалните мерки!
Неодложно и навремено исплаќање на одобрените средства во рамки на социјалните мерки на надлежните институции, како и разгледување на можноста за зголемување на пооделни ставки или носење на нови мерки за најранливите општествени групи. Овие средства за значаен процент се единствениот извор за опстанок со кои покриваат основни трошоци за медицински терапии и нега и хигиена.

⦁ Повик до сите единици на локалната самоуправа и Црвен крст да воспостават служби за поддршка!
Ги повикуваме сите единици на локалната самоуправа и Црвениот крст, но и локалните здруженија, кои поседуваат соодветни ресурси да се вклучат во иницијативата на Црвен Крст од Скопје и поедините скопски општини, со цел да им се помогне во купување на намирници за исхрана и обезбедување медицински терапии.

⦁ Еднаков пристап до здравствени услуги и приоритетни телефонски линии!
Здравствените институции кои се надлежни за општо здравје да изнајдат начин да остварат поблизок контакт со лицата со попреченост, а со цел непречена грижа за нивното здравје и психолошка состојба. Центрите за јавно здравје и Јавните здравствени установи да одобрат директен контакт со одговорно лице за итни случаи за лица со попреченост.

⦁ Општествена одоговорност од институциите и приватниот сектор!
Се охрабруваат сите институции и приватниот сектор да иницираат линија за контакт со лицата со попреченост, како би придонеле да не бидат запоставени нивните потреби, а како директна последица од мерките и пред и се поради ограничувањето на едно од основните права, правото за слободно движење. Нешто што препорачуваме да стане стандардна пракса и по завршување на состојбата!

⦁ Медиуми и информирање!
Се препорачува на медиумите, надлежните институции, органи, приватниот и јавниот, како и невладиниот сектор да се придржуваат до следните насоки и препораки на Светската здравствена организација: https://www.who.int/emergencies/diseases/novel-coronavirus-2019/technical-guidance. Да практикуваат избалансирана и суштествена комуникација со цел избегнување поттикнување сериозни здравствени последици кај населението од ранливите категории граѓани.

⦁ Постапување во случај на злопутреби или прекршување на правата на лица со попреченост!
Доколку лицата со попреченост се цел на злоупотреба од било која природа, или се соочат со непочитување на нивните права, тие или оној кој посведочил таков вид на пракса мора неодложно да се обратат на надлежните органи или пак организациите за заштита на правата на лицата со поречност во нивната средина на живеење!

Следењето на овие препораки ќе помогне во управување со процесите за информирање, соодветна и навремена реакција, но пред и се превенција на нарушување на здравствената состојба кај лицата од социјално ранливите групи граѓани, кои се изложени на секојдневни предизвици кои директно влијаат врз нивното општо здравје и состојба.
Апелираме до лицата со попреченост да се придржуваат кон препораките на Владата, да бидат претпазливи за своето здравје и да останат спокојни за времетраењето на времената вонредна состојба, да побараат помош од своите најблиски или својата околина, да ги користат сите соодветни канали за комуникација со надлежните државни, локални и здравствени институции секогаш кога тоа им е потребно, а се со цел да се одржи високо ниво на свесност за грижата за сопственото здравје, можните ризици од негово нарушување, како и со цел постапување во случаи кога ќе се најдат во загрозувачка состојба.

Објавен : април 2, 2020