Питомиот ѕвер

Големиот Матис не дозволи врзувањето за количка да го зароби неговиот дух. Напротив, последните 14 години од „вториот живот“, тој ја прилагоди техниката на состојбата и ги направи најубавите колажи во историјата на уметноста

„Сонувам за балансирана уметност, уметност на чистота и спокојност, изземена од проблематична и потиснувачка тематика, уметност наменета за секој умствен работник, која би имала смирувачка и лекувачка делотворност на човековата психа, небаре удобна фотеља која го опушта измореното тело од денот и работните обврски.“

Анри Матис, 1869-1954, е најзначајниот француски сликар и покренувачот на правецот фовизам (на француски fauve – див ѕвер), пријател, но и несомнен ривал на Пикасо на професионално поле. Го започнува другарувањето со четките и боите на 19-годишна возраст, благодарение на неговата мајка, која истите му ги подарува за време на неговото опоравување од болест, за што тој смета дека е откритие еднакво на еден вид рајско доживување.

Читајќи го овој пасус, би можеле да увидиме дека Матис има вродена желба да биде уметник, талент кој многумина сметаат го наследил по мајка си, но тоа не е така во целост. Во 1888 година Матис се враќа во родниот град со диплома за завршени правни студии на реномираната Школа за право во Париз и започнува со работа како локален адвокат-приправник.

Да се навратиме до моментот кога Матис одлучува да биде уметник, односно до моментот во кој тој засегнат од запаление на слепо црево, во болнички услови, два месеци по неговиот прием започнува со креирање на својата иднина како мајстор на својот занает.

Заклучок е дека мајка му несвесно ја покренува неговата инспирација, а татко му, како горделив воспитувач на своите деца, цврсто се спротиставува на неговата определба да се запише на студии за сликарство во месноста Турс, што го означува почетокот на неговото одметништво во долгата и раскошна приказна на еден брилијантен уметник. Матис, и покрај негодувањата на најблиските останува посветен на своето просветление и зачекорува на новиот пат до ѕвездите на сликарството од 20-от век.

И како и секој уметник-великан од историјата, Анри внесува во сликарството новини и иновации врежани во историјата на уметноста. Помалку прочуен, но многу побогат од оние прочуените за време на нивниот долговечен уметнички живот. Под огромно влијание на импресионистите уметникот создава претпознатлив стил и карактерни дела со смели колоритни комбинации, кои неретко се претставувани како постимпресионистички, „Овошјето и посадка за кафе“, „Десерт“, „Оброци и овошја“… Влијанијата во неговиот стил на творење варираат од периодот, од импресионизам, дивизионизам, кубизам, секако фовизам – оригиналниот стил чиј иницијатор и креатор е токму тој.

Не без причина, Матис, се преселува во Париз, на Јулианската академија, а потоа на Школата за убави уметности под менторство на Густав Моро, каде неговите квалитети и посебност се препознаени. Токму Париз станува неговата уметничка престолнина.

Неговиот пријател Огист Роден го запознава со теоријата на боите преку делата на Бернард, Ван Гог и неколку други современи уметници- импресионисти, што е пресвртница во креативното изразување на авторот

Зошто е еден од најистакнатите француски сликари говори и фактот дека едно од неговите најзначајни дела е „Жена која чита“ (1894 година), кое било купено од државата со цел да краси еден од ѕидовите на летната резиденција на претседателот на Франција. Државотворна културна дрскост!

Но, Матис не застанува тука, туку на почеток на 20-от век ги испробува своите афинитети и во скулптурата, служејќи се со дивизионистичка техника. На една од бројните негови париски изложби и салонски презентации, во 1905 година, уметничкиот критичар Луис Воксел под импресии од неговите дела извикал на глас: „Какви диви ѕверки!“.

Веќе како исполнет и ценет сликар Матис сериозно се вклучува во едукативната дејност и во 1908 отвора своја приватна школа каде се образувале 100 студенти од Франција и други европски земји. Образованието било бесплатно, а мотивите небанални, да го пренесе своето знаење и уметничка визија на помладото поколение.

Единственото што недостасува во ова пресликување на животот и опусот на Матис е неговата уметничка попреченост/посебност. Анри во зачетоците на неговата кариера бил сметан за предмет на исмевање од сите. Упорно се туркал на изложби, но кои никој не сакал токму тој да им биде гостин. Но тој тврдоглаво оди кон целта. Подготвувајќи се за истите сликал серии на дела од кои избирал едно дело, на кое му се навраќал неколкупати пред да е сигурен дека може да го претставува.

Неговите дела се прославуваат по леснотијата на изведените линии и доминирањето на колоритната флекавост. Играјќи си со боите Матис не ја пресликувал реалноста, ами напротив со тоа посакувал да делува на емоциите на конзументот. Во целиот тој маѓепсан уметнички занес, Матис се втурнува во ривализација за првенство и реноме со еден од големците во сликарството од минатиот век Пабло Пикасо.

Пејсажите и мртвата природа не биле неговиот уметнички фетиш. Она што го фасцинира е човечкото битие, што му претставувало поле да ги искаже животните емоции.

Најпосле, неговата упорност се исплати, тој станува автор на дела кои се ценети и скапо платени, а во тоа голем удел има наводната Гертруда Штајн, мецена и уметничка критичарка, која ги нуди највртоглавите суми за неговите дела. Матис знаел да се наградува себе си за трудот, два автомобила, вила, јахта…

До последниот момент од својот живот останува во љубов со својата професија и животната определба. Анри иако после операцијата од рак се соочува со хендикеп и ограничено му е движењето се пренасочува кон креирање на колажи. Сецка колоритни, полиморфни парчиња хартија, па откога имал насецкано доволно, неговата асистентка се качувала на скала и ги компонирала делата по негова замисла.

Анри Матис е запаметен како несекојдневен генијалец, напреден за своите времиња, кој од прецртување разгледници стига до врвот и инспирира ново движење во сликарството, кое ќе биде запаметено како фовизам, а неговото име и презиме ќе бидат испишани со златни букви во историјата на француската и светската уметност.


Гере Трипков

Објавен : ноември 11, 2020