Пет совети како да се справите со тешки денови ако имате попреченост или влошено здравје

Сите имаме тешки денови, кога и вршењето на основните работи е потешко од качување по карпи. Во зависност од вашата попреченост или здравствена состојба, така може да се чувствувате повеќе од често. Писателката Ребека Саливан, која има церебрална парализа, раскажува како се грижи за себеси во текот на незгодните денови, па дури и успева да се чувствува попозитивно и помоќно.

Понекогаш, одредени специфики на попреченоста навидум не дозволуваат оптимизам и го отежнуваат согледувањето на можностите. Без разлика дали на нив влијае востановениот стереотип или самите така се доживувате, овие претпоставки можат да ве влечат надолу.

Токму во деновите кога работите не ви одат како подмачкани, ќе се чувствувате уште полошо ако дозволите да ви влијаат негативните ставови на другите луѓе. Затоа е важно да имате потсетник или претходно подготвена стратегија за излез и враќање во стабилна и спокојна состојба.

1. Бидете свои

Многу е лесно да се споредувате со другите и ова станува сѐ повообичаено откако се социјалните медиуми редовна карактеристика на секојдневието. Сепак, споредувањето со некого или нешто често води кон чувство на оптовареност. Тоа може да ве спречува да ги правите работите што ги сакате и да ги видите сите позитивни работи во себе и вашиот живот.

Поради мојата попреченост, церебрална парализа, можеби ми треба двојно повеќе време да завршам нешто, како на пример пишување порака или закопчување на јакната, од луѓето што немаат проблеми со координација.

„Понекогаш тоа знае многу да ме изнервира, особено кога однапред размислувам до каде „треба“ да сум стигната сега. Но, колку и да се подразбира, се обидувам да се сетам дека не постои универзална цел.“

Треба да си ги намалам очекувањата и да си дозволам временските таргети да ми се поприлагодливи. Ако го постигнам тоа, нема да бидам престрога во размислувањата и можам да земам здив од напливот на моето „сирота јас“ расположение!

Затоа, обидете се да ја смените навиката да се споредувате со тоа како мислите дека треба да бидете или со некого друг.

2. Бидете креативни

Мислам дека одвојувањето време за креативност е од суштинско значење за грижата за себе, особено ако преку тоа подобро се изразувате себеси и вашите мисли.

Изминативе неколку години, откако почнав да пишувам за моето искуство со ЦП, ми стана појасно како си ја доживувам попреченоста. Сега ми е и полесно да зборувам отворено за мојата попреченост, но пред сѐ се заборавам во нешто што сакам да го правам.

„Креативно може да биде и разведрувањето на вашето медицинско помагало! Јас тоа го направив со тркалата на мојата количка, како одраз на мојата голема љубов кон виножитата, им ставив весели шарени штитници.“

Мислам дека додавањето сопствен печат на вашите помагала за движење ви овозможува да имате поголема контрола. На пример, можам да се свртам кон себе размислувајќи: „Можеби нема да можам да носам божествени потпетици, но можам да направам моите тркала да изгледаат малку дречливо!“ Персонализирањето на мојата количка ми дава и чувство на гордост.

3. Бидете упорни и истрајни

Обидете се да не дозволите другите луѓе, па дури ни самите себеси, да ве спречат да правите нешта. Дозволувањето да го правите она што го сакате и што знаете дека го можете е форма на грижа за себе.

„Некои луѓе, кога ќе видат лице со попреченост, автоматски заклучуваат дека е неспособно за многу работи коешто, како што сите знаеме, често е неточно.“

Кога бев помлада, открив дека најважно е да не ги посвојувам гласовите на другите луѓе. Запомнете дека иако тие имаат сопствен став, тоа не мора да е вистина. Луѓето не ги знаат вашите способности – само вие си ги знаете, затоа не откажувајте се од себеси!

4. Бидете свесни за вашето право на личен простор

Понекогаш е тешко да се разговара за нешта што се лични и осетливи. Најверојатно, првото што ќе го помислам е: „Ќе разбере ли некој?“.

Знам дека е исто така важно да зборувам за овие теми и понатаму да правам сè што можам за ја нагласам важноста од разговорите за попреченост.

„Длабоко во себе знам дека секогаш има најмалку уште една личност што ќе разбере и затоа ја ширам свеста – да им дадам до знаење на другите дека не се сами.“

Кога се колебам дали да кажам нешто или не, секогаш мислам дека тоа што ми е важно, е важно и точка. Зошто да се стегате?

5. Забавувајте се малку (или многу)

Понекогаш треба само да се забавувате за да се чувствувате попозитивно. Можеби денот не ви е волшебен или сте премногу фокусирани на нешто. Во вакви случаи важно е да ги попуштите уздите, да си се посветите себеси и да си дозволите да се опуштите.

Јас правам вакви нешта кога сакам само да се забавувам:

  • Одам во природа
  • Се наоѓам со пријатели со кои не сум се видела подолго
  • „Притискам пауза“
  • Си пуштам филм за да ме расположи (со моите омилени грицки на маса)
  • Се загубувам во добра книга.

Се надевам дека споделив неколку идеи како да се изборите со помрачните денови за да одржувате здрав ментален став кон вашата попреченост.

Извор: Disability Horizons

Превод: Ирена Апостолова

Објавен : јануари 10, 2023