Осум начини како да се разладите ова лето

Горештините не му годат никому, а за луѓето со попреченост жештината може да биде особено тешка. Еве осум совети како да се разладите.

Летото е дефинитивно тука. Ова обично значи плажа, претрчување под прскалки, сладолед и бикини, но за лицата со попреченост, топлината може да биде особено тешка.

Еве осум совети од блогерката Мелиса како да се разладите. Мелиса е физиотерапевтка, инструкторка по пилатес и јога; а пред неколку години ѝ беше дијагностицирана мултиплекс склероза.

Попреченост и горештини

Горештините се непријатни за секого, но за лицата со попреченост, жештината може да биде незгодна и поради уште неколку причини – нефункционирање на нормалниот механизам за ладење на телото – потење; лекови што ја зголемуваат чувствителноста на топлина или светлина; немањето средства за клима уред; или потреба од помош за пиење течности или пак свесност за потреба од повеќе течности.

Многу луѓе со МС, исто така, доживуваат минливо влошување на симптомите кога времето е топло или влажно, или пак имаат треска.

Кога летото ќе доползи во мојот живот, тоа предизвикува хаос, чувствувам исцрпеност и мачнина, стуткана под вентилаторот, накитен со мокри крпи и шише со распрскувач, броејќи ги деновите додека да падне температурата за да можам да исползам од хибернацијата.

Некои денови сум доволно добро да заборавам дека го имам овој „тежок куфер на грбот“, но како што расте температурата, куферот станува сè потежок и потежок.

Осум совети како да се разладите

Поради мојата МС, морам да го прилагодам мојот живот за да можам да ги правам сите работи што ги сакам. За секој што се бори со топлината како мене – еве осум работи што ми се корисни во текот на летото:

1. Носете уред за разладување

Сакам да носам марама за разладување околу вратот кога вежбам или во многу топлите денови. Секако, имам неколку различни за да можам да ги ускладам боите! Можете да си набавите и капи, елеци, па дури и градници за разладување! За да ги користите, ги ставате во вода, а гелот внатре ја одржува ниската температура долго време – можете дури и да ги ставите во фрижидер за да ги разладите уште повеќе. Вашиот фармацевт, лекар или физиотерапевт може да ви помогне да ги набавите.

2. Останете внатре

Звучи премногу едноставно, но вентилаторите и климата се спасоносни. Немам клима, така што во изгор жешките денови одам на кино и уживам таму во свежиот воздух.

3. Бидете под сенка

Најдете дрвја, капи, лесни уреди како што се чадори што може да се прицврстат на инвалидската количка – сè што може да ви помогне да не сте на директна сончева светлина кога сте излезени.

4. Останете разладени во текот на ноќта

Изберете лесни памучни чаршафи. Иако можеби делуваат поевтино, колку се полесни толку повеќе ткаенината може да дише. Внимавајте и со изборот на душек – некои душеци со мемориска пена или латекс со многу синтетички, а не природни влакна држат потопло. Можат да се најдат и разладни перници и разладни креветски прекривачи со кои се спречува натрупување на телесната топлина.

5. Планирање

Ова не ми успева секогаш – но избегнувањето на најтоплиот дел од денот (10-15 часот) навистина помага. Иако би сакала да сум ранобудник, не сум, па секоја вежба ја чувам за попладне или навечер кога сонцето не е толку силно. Исто така, бидејќи мозокот може да ми е малку заматен од попладневните горештини, важните работи ги оставам за наутро или навечер кога сум одморена и свежа.

6. Преглед на гардероба

Купувам лесна, широка облека од природни влакна (сакам памук и лен).

7. Имајте при рака вкусни, освежувачки грицки

Фрижидерот ми е полн со замрзнато грозје, ледени стапчиња и шишиња со вода. Имам и празно шише за вода во автомобилот, за да можам да го наполнам ако притреба. Омилени ми се замрзнатите производи, бидејќи можам и брзо да се освежам ако ги ставам на зглобовите или вратот.

8. Јога

Како?! Како може да се искористи јогата за да ме разлади? Ја обожавам техниката за дишење Шитали или Шиткари за да се разладам и речиси сите можат да ја прават. Треба да го свиткате јазикот како да пиете воздух низ сламка (или, ако тоа ви е тешко, потпрете го јазикот на горното непце, веднаш над горните заби), и длабоко вдишете – така што воздухот ќе проаѓа врз влажниот јазик, а потоа издишете низ нос. Со ова го разладувам и телото и умот, што е добро особено кога се наоѓам во сообраќаен метеж!

____________________________________

Не постои правилен или погрешен начин да се разладите ова лето. Разговарајте со вашиот физиотерапевт, лекар или друг здравствен работник за повеќе идеи и помош што е најдобро за вас.

Се надевам дека овие совети ве наведоа да размислувате како да си го направите летото поудобно!

– Мелиса

Извор: aruma.com.au

Превод: Ирена Апостолова

Објавен : јули 26, 2022