Нивните прегратки ми се ветер во грбот

Денис Јанкуловски е претседател на најмладото и можеби најактивно граѓанско здружение Аутизам ААМК. Со него разговаравме што тоа значи во наши (не)прилики

Денис, вие не сте непосредно засегнати со аутизмот, односно во вашето тесно и широко семејство нема аутистичен член. Сепак, преку иницијативата Аутизам ААМК се втурнавте директно во „огнот“ од кој мнозинството бега. Како тоа? Зошто?

Точно, непосредно не сум засегнат, но во мојот круг имам доста пријатели со деца со аутизам. Мене аутизмот отсекогаш ме привлекувал како состојба полна со мистерија, како нешто за кое вреди да се одвои време, да се запознаеме со овие лица и да дознаеме многу повеќе за нив. Можеби и тоа што растев како единец некако се поврза во целава приказна. Ги гледав и за жал се уште ги гледам некои од овие деца сами, а тоа е нешто што и јас како мал често го доживував.

Последниве неколку години благодарение на се` почестото дружење со прекрасното семејство Кардула, а особено со прекрасната Ерато која јас си нарекувам и моја Учителка, се зголеми и мојата желба да помогнам и да дадам свој придонес во подобрување на животот и општествената состојба на овие лица. Запознав многу прекрасни деца со силни и храбри родители, браќа и сестри. Целта на мојата директна вклученост или Аутизам ААМК е да покажам дека сите тие заслужуваат да бидат дел од нашето секојдневие. Да увидат останатите родители и наставници дека децата на нивните роднини, пријатели, комшии не се премногу различни во однос на нивните. И тие сакаат да играат, сакаат прошетки во парк, сакаат да се дружат, да пеат, сакаат музика и филмови или едноставно – сакаат да бидат ЗАЕДНО.

Со здружението кое го водите, за само една година имате реализирано едно чудо активности. Со сета своја комплексност и чувствителност, тие бараат сериозна фокусираност, посветеност, детерминираност… Како ви успева толку добро да се организирате? Раскажете ни повеќе околу осмислувањето на дејствувањата, како и за екипирањето и финансирањето на Аутизам ААМК.

Горд сум што иако Аутизам ААМК постои нецела година, зад нас имаме многу настани и активности. Мислам дека за година исполнета со 5 големи настани и тоа: обележување на меѓународниот Ден за подигнување на свеста за аутизмот на 2-ри април, хуманитарна аукција „Да растеме заедно“ на која учество зедоа 30-тина реномирани уметници подарувајќи свои дела, а со средствата од продадените слики успеавме да помогнеме на три семејства со аутизам. Потоа, обележувањето на април месецот за подигнување на свеста за аутизмот со прекрасна инклузивна забава на Школка во градксиот парк во Скопје, настан Среќни кучиња Среќни деца, еден Необичен роденден полн со радост и смеа и многу прегратки, неколку предновогодишни работилници и финале со Необична инклузивна новогодишна забава, можеме слободно да кажеме дека е и повеќе од успешна.

Организирањето е многу лесно. Има многу луѓе, фирми, институции кои се со големи срца и сакаат да ги помагаат сите овие настани, кои покажуваат дека хуманоста и тоа како ја имаме сите и сакаме да ја споделиме, особено кога се работи за деца со нетипичен развој. Идеите за настаните едноставно сами ни доаѓаат, ги споделуваме и натаму се шират побрзо од светлината 😊. Сите сакаат да помогнат, да учествуваат. А, тогаш е многу лесно да се направи било каков настан. Околу финансиите, сите настани се од хуманитарен карактер, секако дека имаме и помош за некои работи кои сепак побаруваат финансии. Но, и тоа што не прави исто така среќни и горди е што сепак 90% од настаните се со вложување на одовоено време и многу љубов од страна на сите помагатели.

Имајќи во предвид дека вие сте и вработени, претпоставувам останувате без слободно време. Но, сигурна сум и дека после направените добрини, заспивате среќно и спокојно. Колку ви се смени животот со овој ангажман?

Животот де факто многу ми е сменет. Секојдневното дружење со нив ме носи во еден друг свет кој е полн со магија, љубов, другарство, искреност и среќа. Едноставно се пронајдов во нив.

Секој настан побарува ангажирање. Мене ми претставува задоволство се` што е поврзано со настанот. Подготовки, организирање, контакти, подигнување на донирани материјали, барања, дозоволи… Сето тоа си бара време. Но, ништо без помошта на многу мои драги пријатели и најмногу поддршката на семејството. Сите тие изодени километри и потрошени саати се забораваат со она за што и ги правиме настаните: радоста на децата, насмевките на нивните лица, прашањата од типот кога ќе има пак. Енергијата за секој нареден настан ми ја даваат токму тие, искрените и насмеани дечиња. Невечер легнувам среќен што гледам насмевки на нивите лица, среќа кај нивните родители. Нивните топли и силни прегратки ми се ветер во грбот и леснотијата со која успевам да докажам дека сите ние сакаме, можеме и треба да растеме заедно.

Ирена Поповска

Објавен : април 22, 2019