Македонската параолимпијка стана светски шампион во стрелање

Оливера Наковска Бикова по првите пет истрели се најде на второто место на табелата, а веќе по завршување на втората серија од пет истрели ја презеде лидерската позиција и успеа да ја одржи до последниот куршум. Се работи за дисциплината пиштол – слободен избор 25 метри.
Вчера околу 9:30 часот по македонско време, Оливера Наковска Бикова, предводена од нејзиниот тренер Бранимир Јовановски и асистентот Драган Дојчиноски, го освои златниот медал на Светското првенство во стрелаштво за луѓе со попреченост во Ал Аин, Обединети Арапски Емирати и се здоби со титулата светски шампион во дисциплината П4-Пиштол слободен избор. Во квалификациите Оливера испука одличен резултат од 538 (најдобар во нејзината кариера) со што го освои второто место и си обезбеди пласман во финалето, иако почетокот на мечот не го наговестуваше тоа.
После неколку правовремени совети од тренерот (особено во првата и втората серија), а пред сѐ заради нејзината подготвеност и одлучност да се фати во борба со останатите за што подобар пласман и личен настап, Оливера во продолжение на натпреварот значително ги подобри своите перформанси и со изедначениот личен рекорд во оваа дисциплина, сигурно зачекори во финалето.
„Половина час пред започнување на финалето, во просторот за пријавување на финалистите уште еднаш (или повеќепати по ред), ја утврдивме тактиката на настап и ги повторивме битните елементи на кои треба да внимава во целиот тек на финалето. Побарав стриктно да се држи до договореното без оглед на тоа какви ќе бидат погодоците. Во самото финале, Оливера по првите пет истрели се најде на второто место на табелата, а веќе по завршување на втората серија од пет истрели ја презеде лидерската позиција и успеа да ја одржи до крај, до последниот куршум, иако финалето беше драматично и мошне квалитетно. Останува да ѝ честитаме на Оливера за големиот успех, за себе, за нејзиното семејство, за својата спортска федерација и за достојна афирмација на својата држава Република Северна Македонија во светот“, напиша Јовановски на фб.
Објавен : ноември 15, 2022