Во најпристапниот град во Европа

Од измазнета калдрма, до платформи преку праговите, холандскиот град Бреда можа да нѐ научи на многу работи

Кога пристигнав на станицата во Бреда минатиот месец за да дознаам зошто овој холандски град неодамна беше прогласен за добитник на наградата за пристапност на градовите за 2019 година, наприв нешто што не сум го сторила одамна кога сум на пат. Наместо да фатам такси, тргнав сама два километри до хотелот за да видам дали немањето пристап за корисници на колички како мене е голем проблем тука како што е и во повеќето други градови.

Обично ова е вистински кошмар, особено во постарите европски градови каков што е Бреда, град со помалку од двесте илјади жители и кој бил важен центар во времето на светото Римско Царство. Средновековните градски центри и нивните калдрмисани плоштади се прав рецепт за скршени тркалца и плускавци од притискање за корисниците на колички.

Во просек, трошоците за живот на луѓето со попречености се повисоки за 583 фунти месечно во споредба со оние без попречености, а што е значителна сума која се троши за патувања со такси за да се ублажи непристапноста на опциите на јавниот превоз. Патувањата се уште поскапи: луѓето со попреченост често пати мораат да престојуваат во поскапи и попристапни хотели кога хостелите и независното приватно сместување им останува непристапно и со пречки. Ако се додаде и трошокот поради оштетената опрема и трошоците за лекување на повреди и чувството на страв и изолираност што ги создава недостигот од пристапност и веќе го имате рецептот за градови што се тешки и предизвикуваат анксиозност.

Но, во Бреда наидов на сосема спротивното. Градските власти ги извадиле сите камења на калдрмата во центарот што ги опкружувале Големиот Пазар и Големата Црква, ти превртеле и ги пресекле по ширина. Резултатот: мазна површина за оние со попреченост во движењето, а истовремено оставајќи ги улиците на Бреда исто онолку фотогенични како и порано.

Беше буквално како одеднаш да можам да земам воздух со полни гради додека се туркав по проширената и измазнета патека на Валкенбергпарк. Видов преносни платформи за прагови што дуќанџиите во Бреда ги поставуваат секое утро кога ќе отворат, охрабрувајќи купувачи со секакви попречености – нешто што ретко се гледа во Велика Британија. Дознав дека сите автобуси и автобуски постојки во градот им се сега целосно пристапни на корисниците на колички, а возачите се обучени со поткревање за свесноста за попречености.

Кога веќе пристигнав во хотелот, најдов понуда за велнес и физиотерапија за гостите со попреченост; пристапните соби имаа спуштени плакари и огледала, тушеви во кои може да се влезе на тркала и кади со седала. Дури не мораш ни да ја повлечеш влезната врата на хотелот за да влезеш: камера го детектира вашето доаѓање и вратата се отвора автоматски. Се планира дури и да се направи тактилна навигација по целиот пат што го поминав за да им се помогне на посетителите со оштетен вид да се движат од железничката станица до центарот на градот преку Валкенбергпарк.

Во последните две години, повеќе од 800 продавници и барови биле проверени дали имаат физичка пристапност. А во 2017, главната веб страница на Бреда била направена достапна за сите, вклучувајќи ги и сите оние со сензорни попречености; а уште 25 веб страници кои им помагаат и на граѓаните на Бреда и на туристите направиле подобрувања во пристапноста. Мастбош, шумата на Бреда, е целосно пристапна за корисниците на колички, а на секои две години градот е домаќин на ПараИгрите, голем европски спортски настан за луѓе со попречености.

Овие подобрувања не се случиле преку ноќ, вели Марсел Ван Ден Муизенберг, корисник на количка како мене, кој волонтирал за да го консултираат за подобрување на пристапноста во градот. Бреда работи на инклузија за сите уште од деведесеттите години и постои локална фондација Еднаква Бреда! што ги разгледува сите нови планови и иницијативи.

„Повеќето луѓе мислат дека наградата за пристапност значи дека Бреда е најпристапниот град во Европа”, вели Ванд Ден Муизенберг. „Не е, и наградата не е за тоа. Се работи за посветеноста таа да се подобри и создавањето на партнерства за да се постигне таа посветеност. Сторивме многу, но има уште многу што да се стори.”

Карел Долекенс, државен службеник кој работи на пристапноста во Бреда, вели дека верува наклонетоста да се соработува е она што им ја донело наградата. Имаме широка мрежа на универзитетски професионалци, градски службеници и луѓе со попреченост кои работат заедно”, вели тој. „Понекогаш имаме многу блиски и искрени средби, понекогаш се лутиме поради остварливоста на проектите и ограничувањата со кои се соочуваме, но разговорот секогаш продолжува. Мрежата сега стана цело движење.”

Откако се фокусирале исклучиво на физичката пристапност, групата за пристапност во Бреда сега го проширува својот фокус и на подобрување на дигиталната комуникација и на ресурсите за вклучување и на оние со сензорни попречености и проблеми во учењето. Градскиот совет на Бреда полека но сигурно воведува лесно читливи и разбирливи регулативи како верзија на сите свои документи и, доколку некоја организација сака да организира настан во градот, сега добива и список со услови за пристапност што мора да ги исполнува.

Ван Ден Муизенберг е одушевен од успехот на Бреда, но е и реалистичен во однос на она што ги чека во иднина и е свесен за потребата повеќе ди подобро да се прошири свесноста. „На вработените во обезбедувањето на кафулињата и клубовите им е потребна обука”, наведува тој еден пример. „На луѓето со попреченост не им се дозволува да влезат зашто вработените во обезбедувањето мислат дека се пијани, а не дека се луѓе со попреченост.”

И навистина, перцепциите влијаат врз инклузивноста исто толку колку и недостигот на физички пристап. Автоматските врати и платформите за пристап ќе имаат многу малку значење ако не одат заедно со самодоверба во социјални ситуации, со пријатна неодбивна атмосфера и желба да се постапува со клиентот со попреченост на ист начин како и со оние што немаат попречености. Но, Бреда се движи во добра насока.

Извор: The Guardian

Објавен : септември 20, 2020