Кристијан Лазарев: Од читачот „Кико“ може секој човек да има корист

Кристијан Лазарев е еден од иницијаторите и креаторите на првиот електронски читач на македонски јазик „Кико.“ Иако има едвај 26 години и целосно оштетен вид, дипломирал на Филолошкиот факултет при УКИМ, а работи и како проект-асистент во здружението „Отворете ги прозорците.“ Со него разговаравме на оваа и слични за нас актуелни теми.

Кристијан, верувале или не, кога првпат на вести чув за „Кико“, некако интуитивно, веднаш знаев дека и вие имате значаен удел во неговото креирање. Познавајќи ве, всушност, и не е тешко да се погоди тоа. Вие сте, имено, лингвист кој професионално се занимава со помошна информатичка технологија. Може ли за ПРКОС накратко да ја раскажете приказната: Што е всушност „Кико“ и како тој се создаде?

Читачот, односно компјутерскиот глас претставува секундарен софтвер, којшто се инсталира како додаток, односно екстензија на читачите за екран (screen readers) што ги има самиот оперативен систем во мобилниот телефон или компјутер. Ова значи дека овој софтвер инсталиран сам по себе нема да функционира, туку, за да го слушнете, потребно е да имате инсталиран читач на екран или некој друг софтвер за претворање на текст во говор. Еден таков читач на екран, којшто служи како основна апликација на која се придодава компјутерскиот глас „Кико“ е читачот на екран наречен „НВДА“, чиј интерфејс волонтерски јас и колегата Ертај Шашко го имаме преведено на македонски јазик и може да се преземе од овој линк.

По преземањето на овој читач на екран, којшто е бесплатен за корисниците, потребно е да се преземе компјутерскиот глас „Кико“ од веб-страницата на компанијата Лаудер Пејџес и овие два софтвера да се инсталираат и прилагодат на потребите на оној што ќе ги користи.

Во однос на самото негово создавање, приказната е прилично долга, но накратко ќе кажам дека желбата и поттикот дојдоа од наша страна, односно од нас, луѓето со оштетен вид, чиј децениски сон е создавањето ваков софтвер. Сепак, голема заслуга, пред сѐ од еден хуман аспект има и министерката Јагода Шахпаска, која што го стави ова во програмата на Министерството за труд и социјална политика. Потоа, заеднички со УНДП, Националниот сојуз на слепи и компанијата Лаудер Пејџес од Калифорнија, вклучувајќи нѐ и мене и колегата Ертај Шашко како надворешни консултанти, здружени, во период од околу 6-7 месеци, овој продукт успеавме да го доведеме во оперативна состојба.

Покрај на околу 10.000 слепи и слабовидни лица, прочитав дека „Кико“ ќе им биде од корист и на тие со дислексија, како и со пречки во говорот. За првите две групи (ми) е отприлика јасно зошто и како ќе ја употребуваат апликацијата, ама, за третата во која спаѓам и јас – не баш. Објаснете каква полза од дигиталниот читач ќе имаат луѓето кои отежнато или воопшто не можат да зборуваат?

Точно, иницијалната целна група корисници на овој софтвер што го претвора дигиталниот текст во човечки говор беа луѓето со оштетен вид. Меѓутоа, ваквиот вид софтвери имаат добиено веќе многу широка примена, на некој начин, тие се станати мејнстрим технологија. Ги имаме во паметните асистенти на Гугл, Сири во Епл, Алекса на Амазон; Понатаму, овој софтвер се користи во апликациите за навигација, учење странски јазици и сл. Во продуктите на Мајкрософт како Ворд и Еџ, покрај секој текст стои копче за да се слушне напишаното, “read loud”. Со мало персонализирање и адаптирање, буквално секој човек, со или без попреченост, може да има некаква придобивка од овој глас.

Да бидам попрецизен сега во однос на вашето прашање. Лицата што не зборуваат поради која и да е причина, но имаат внатрешен говор и можат своите мисли да ги пренесат во дигитална форма на некој андроид или виндовс уред претставуваат одлична целна група за корисници на софтверот за претворање на дигитален текст во човечки говор. Ова во светот е пракса со децении наназад. Еден од најпознатите луѓе што има користено ваков софтвер за држење цели  научни предавања е нам добро познатиот Стивен Хокинг.

Јас лично присуствував на една панел-дискусија пред три години во Крушево, којашто беше од меѓународен карактер, каде што беше присутен многу интелигентен млад човек од соседна Бугарија, којшто исто како и Хокинг користеше ваков софтвер за да учествува на панел-дискусијата. Секој од нас му постави прашање, поминаа неколку говорници по неговото излагање и потоа тој ни ги одговори прашањата што ги имаше напишано во меѓувреме додека зборуваа другите панелисти. Искрено верувам дека по креирањето на софтверот „Кико“ и кај нас ќе имаме ваков позитивен пример.

Секако, за оваа намена самиот софтвер не е доволен и првично треба да се најде алтернативен начин за пишување на текстот. Но веќе има повеќе решенија за тоа, како користење само на движењата на очите во комбинација со виртуелна тастатура за пишување. Понатаму, користење на Морзеовата азбука со надворешни кликови за пишување, користење тастатури со големи копчиња, разни џојстици… Има многу начини за пишување на паметен уред. Единствено треба да се одбере вистинскиот, да се даде квалитетна техничка и менторска поддршка на потенцијалниот корисник на почетокот и останатото е многу остварливо.

Фантастично, секоја чест, Кристијан! Вие сте сериозно навлезени во проблематиката; што значи и претходно имате работено на неколку интересни апликации кои го олеснуваат животот на луѓето со попреченост. Па, кажете ни нешто повеќе за нив. Кои се тие и каде сѐ наоѓаат примена?

Да, јас изминатите 3-4 години работев на повеќе проекти од ваков карактер. Повеќето од нив претставуваат локализација на корисни апликации за лицата со оштетен вид. На пример, учествував во локализирањето на пликацијата GetThere, апликација за навигација, сѐ уште работам на преводот на апликацијата CashReader, апликација за препознавање на банкнотите, работам на преводот на читачот на екран „НВДА“. А минатата година бев дел и од тимот што го креира првото пристапно дигитално мени „DigitalMenu“.

Некои од овие проекти згаснаа поради пандемијата, некои се сѐ уште активни, но не оди баш лесно. Како што минува времето и моите лични и професионални обврски се зголемуваат во обем, се намалува времето за волонтирање и креирање вакви решенија. Сепак, барем засега имам доволно енергија и ќе продолжам да го правам ова затоа што претставува огромно задоволство кога барем на еден човек ќе му се олесни животот преку овие решенија.

Знам дека како млада особа со целосно оштетен вид секојдневно се судирате со бројни препреки, кои дополнително го усложнуваат и онака тешкиот живот на слепите лица. Дали повеќе ви пречат оние од техничка или човечка природа? И кои ви се чинат полесни за отстранување?

Во времето во кое живееме сметам дека многу голем дел од бариерите од техничка природа се целосно надминливи. Ова е време во кое човекот како суштество повеќе од кога било низ историјата влијае и ја менува природата. Затоа би рекол дека човечкиот фактор или поконкретно општеството е она што ни преостанува да го сензибилизираме за тоа да не стави нас, луѓето со попреченост, малку погоре на листата со приоритети. Патем, ќе се согласам со вас дека животот на слепите лица во нашата држава не е лесен, но би дополнил дека и животот на сите останати луѓе во земјава не е лесен. И ова мислам дека треба да биде добра основа за една споделена емпатија и заемно разбирање зашто само заеднички можеме да го менуваме општеството каде што живееме.

А преостануваат уште многу работи што треба да ги направиме за кои потребно е многу емпатија и разбирање од сите, не само од 20-ината министри во Влада или 120-те пратеници во Собрание. Потребни ни се буквално сите, од најмлади до најстари, од хигиеничар до директор на секоја институција, од првиот до последниот човек во секој клуб, кино, бар, театар… за достоинствено независно живеење на еднаква основа со сите. И ова е задача не на еден или на двајца, туку на сите што сме разбудени од општествениот „зимски сон“.

Сите ние  мораме да работиме на развојот на повисока свест помеѓу луѓето за нас, лицата со попреченост. Меѓутоа, подигањето на свеста меѓу луѓето за нас треба да се прави внимателно. Доколку само се жалиме и ги истакнуваме проблемите и бариерите во општеството, најмногу што ќе добиеме за возврат е милосрдие и сожалување. Мора да ја смениме тактиката, да нудиме реални, остварливи решенија за постоечките проблеми. На тој начин, со добро лобирање, тие бариери ќе исчезнат и ќе се надмине општествената оклузија, или со други зборови, ќе се постигне потребната општествена инклузија.

Како го минувате ова жешко и пандемиско лето? Кога пред две години соработувавме на проектот „Еден мој ден“, бев воодушевена од вашата сторија и воопшто сестраност. Вие планинарите, свирите гитара, патувате… Што ви е најголем успех и предизвик во последно време?

Мојот најзначаен успех во овој период дефинитивно е ангажманот за креирање на софтверот за претворање на дигиталниот текст во човечки говор „Кико“. Креирањето на овој софтвер дојде во вистинскиот момент за мене, кога преку работата во „Отворете ги прозорците“ го имав стекнато потребното знаење за професионална комуникација и работење. Не толку одамна ги имав положено сите испити од студиите на Катедрата за македонски јазик при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, а ги имав и вистинските луѓе и потребниот тим околу мене, во прв план мојот многу близок, а неодамна запознат пријател Ертај Шашко со кого навистина се вложивме „чудово“ да профункционира како што треба.

Додека следни предизвици што преостануваат на овој план се обезбедување обуки, техничка и менторска поддршка за сите потенцијални корисници на овој софтвер, со цел тој да биде максимално искористен.

На личен план не се случуваат премногу нови нешта, односно повторно сум опкружен со речиси истите луѓе и хобија. Новост е тоа што почнав да гледам филмови со аудио дескрипција во недостиг на одење на театар поради пандемијата. Новост е и тоа што почнав да скијам, почнав поактивно да читам книги од стоицизмот, даоизмот и други слични филозофии на живеењето и размислувањето. Но успеав и малку да патувам надвор од државата, откако претходно се вакцинирав. Сѐ на сѐ, успешно се адаптирав на новата ситуација наметната од ковид-19.

Ирена Поповска

Објавен : август 11, 2021