Колку нашите школи се подготвени за работа со ученици со попреченост?

Училишното ѕвонче заѕвони, но дали заѕвони за сите деца подеднакво? Да се запрашаме во колку училишта постојат рампи за ученици со посебни потреби? Дали во училниците постојат специјализирани маси и столици за истите? Дали имаме кадар составен од соодветните стручни тимови (педагог, психолог, дефектолог, логопед, образовен асистент и социјален работник) којшто се грижи за овие ученици или сепак недостатокот е премногу очигледен?

Кругот започнува во детството. Како деца многу лесно го прифаќаме она што ни го кажуваат најблиските и она што постојано го гледаме во семејниот модел на функционирање. Како што растеме, сè повеќе ни значат врсниците, но не случајно сме во групите на кои им припаѓаме. Нашите семејства ни го дале патоказот. Меѓу нашите врсници бираме такви што ни ги потврдуваат веќе видените, научени и мапирани обрасци. 

Како возрасни го ние само го заокружуваме сопствениот модел на функционирање. Така живееме, така се однесуваме и тоа им го покажуваме нанашите деца. Децата учат од нас, како што ние сме учеле од нашите родители и другите важни возрасни од нашето опкружување. Кружната патека продолжува на истиот начин. Можеби тоа ќе биде патека на хуманост, емпатија, инклузија… 

Децата со пречки во развојот имаат исти основни физиолошки, социјални и емоционални потреби како и сите останати деца. Вклучувањето во редовните училишта ќе им овозможи рамноправен однос од страна на општеството. Гетоизирањето ја продлабочува болката што ја чувствуваат тие и нивните најблиски. А останатите ги остава посиромашни за една многу важна работа во животот, да дадат дел од својата љубов и хуманост на децата со посебни потреби. 

Етикетирањето на учениците со посебни потреби треба што побрзо да се надмине. Така со право англискиот писател  Пол Видлеин оди до таму и тврди: “Етикетирањето на децата може да предизвика многу поголеми проблеми во учењето од било која друга активност што ќе ја преземат наставниците”. Кога ќе се рече дека едно дете има одредени пречки, тогаш автоматски вниманието се фокусира на една општа особина или состојба, а останатото се потиснува. Ваквото стереотипно гледање на проблемот води кон симнување на прагот за очекувањата што детето може да ги постигне.

Многупати наидуваме на училишта каде што нема соодветен простор за движење или патека по која учениците со попреченост ќе можат безбедно да влезат или да прошетаат низ училиштето. Во училниците немаат простор да имаат интерактивна настава бидејќи недостасуваат специјализирани маси и столици каде што овие ученици ќе можат да бидат вклучени на часот заедно со нивните соученици. Кога ќе ги запрашаме родителите дали во училиштата каде што учат нивните деца, постојат стручни лица кои ќе се грижат за овие ученици, велат дека досега не сретнале асистент или наставник кој ќе може да соработува со нив. 

За да ја потврдам оваа слика за состојбата на нашите училишта и нивните можности на располагање и работа со ученици со попреченост спроведов анкета меѓу наставниците во три скопски основни училишта.

1. Дали во вашето училиште учат деца со некаков вид на попреченост?

Испитаници: 70,6% НЕ и 29,4% ДА

2. Дали наставниците се доволно подготвени за да работат со деца со попреченост?

Испитаници: 82,4 НЕ и 17,6 ДА

3. Дали во вашите училишта постојат услови за работа со деца со попреченост?

Испитаници: 70,6 НЕ и 29,4 ДА

На прашањето како би можеле да се подобрат условите во училиштата за учениците со попреченост да имаат достојна настава, одговорите се следни:

  • Преку соодветни обуки, работилници поврзани за работа со лица со попреченост
  • Преку соодветни едукатори кои ќе ги обучуваат наставниците, за да им помогнат на учениците да можат да учествуваат во часовите
  • Поголемо внимание од страна на наставниците со учениците со попреченост, без било каква дискриминација од страна на соучениците

Подобрување на легислативата во делот што се однесува на образованието на децата со пречки во развојот и нивна соодветна инклузија во образовниот систем. Но, важно е ова да се постигне во тесна соработка со релевантните невладини организации што работат на оваа тематика. На пример, да се формира посебна работна група составена од претставници од сите релевантни институции, невладини организации и родителите, која ќе работи на создавање долгорочна сеопфатна стратегија за надминување на оваа состојба.

Неопходно е да се создаде соодветен наставен кадар, во квалитативна и квантитативна смисла, кои ќе бидат вработениво образовните институции во државата. Во првата фаза, можно е организирање на соодветни обуки за дел од наставниот кадар, со цел во сите основни и средни училишта да има минимум кадар оспособен за настава со деца со пречки.

Неопходно е да се подобри инфраструктурата за пристап и непречено движење на децата со посебни потреби во училишните објекти.

Поради фактот што досега на ова прашање не е обрнато многу внимание од страна на надлежните органи во државата, потребно е преземање на итни мерки за овозможување барем на минималните стандарди во што поскоро време, додека постепено проблемот не се разреши целосно.

Лела Радуловиќ

Референци

https://www.unicef.org/northmacedonia/media/3556/file/MK_PracticumInclusiveEducation_Report_MK.pdf?fbclid=IwAR1ewg0Hdwace5aOGCzFwM-f3jHqaCfPm6axQqvrxBT4obn7FzSCdDFfEbo

http://educentar.mk/programi/rabotasoucenicesoposebniobrazovnipotrebi.pdf?fbclid=IwAR2KXKS3exybpjRVmv_qXWaTRyFegSQzECLEWdQVAjxwrOsdZr_iW81a-pU

https://www.mkd.mk/makedonija/politika/nashite-deca-ne-se-predmeti-sakame-vistinsko-uchestvo-vo-obrazovanieto?fbclid=IwAR35KoNfhal-pqcg-y-ZXv3W8DEGuz6tr7-VsSEqWnMyw6FO4gfa2-4IfC0

Објавен : октомври 15, 2021