Кој вели дека аутистите не можат да комуницираат?

Како аутистично лице, голем дел од мојот живот поминав осудувајќи се себеси за навидум безброј социјални неуспеси. По некој збор „што не е на место“, превиден комуникациски знак, занемарена општествена норма, недоразбирање, погрешно прочитано едно, пропуштено друго, пропуштено трето, пропуштено до бестрага…Утки колку сакаш.
И тогаш, по 30 и нешто години од овој мој живот, ми дојде револуционерна идеја. Што ако не е моја вина? Или, во секој случај, не потполно моја. Знам, знам. Лудо, нели?
На крајот на краиштата, дефиницијата за аутизам неретко вклучува проблеми во комуникација. Ова може да опфаќа, но не е ограничено на тешкотии при читање изрази на лицето, препознавање на тонот на гласот, разбирање на сарказам и премногу буквално сфаќање на зборовите.
Но, ако размислуваме за дефиницијата за комуникација, тогаш е можно да се погледне на овие прашања на радикално различни начини. Ако се дефинира како интеракција, како размена, како нешто реципрочно, тогаш можеме да почнеме да размислуваме за тоа дека одговорноста за секој неуспех може да се распредели на поправеден начин.
Има сè повеќе нови истражувања за она што се нарекува проблем на двојна емпатија што може да помогне малку повеќе да се сфати ова поле. Оваа теорија вели дека луѓето што немаат аутизам немаат генерално големи проблеми во меѓусебната комуникација. Тоа не изненадува. Не изненадува ниту тоа дека аутистичните и не-аутистичните луѓе често се соочуваат со тешкотии во меѓусебното разбирање кога се обидуваат да комуницираат.
Во иста насока, би се очекувало проблемот да се зголеми кога две аутистични лица се обидуваат да комуницираат: и двајцата имаат тешкотии да се изразат, мора да е полошо. Сепак, тука наидуваме на интересен пресврт, зашто резултатот е поинаков. Според истражувањата, аутистичните луѓе често се разбираат меѓу себе прилично добро.
Ова наведува на размислување дека многу луѓе со аутизам не се нужно полоши комуникатори од останатите, туку дека тие имаат само различен стил на комуникација. Тие зборуваат на друг дијалект, така да се каже, ако не и на друг јазик.
Повеќе од една деценија пред да ми дијагностицираат аутизам, мислев дека едноставно не ги разбирам повеќето луѓе, па почнав да ја проучувам темата како бубалица. Читав книги за социјализација, за говор на телото, за еволутивна психологија, за хеуристика, и, оф, секако, за романтични врски. Се трудев вистински напорно за да успеам да ги разберам луѓето околу мене и мислам дека постигнав некаков успех. Би било убаво Општеството во целина да вложи малку повеќе труд во обидот да ги разбере луѓето како мене.

Гарет Сеидиог Хјуз
Извор: Able Magazine
Превод: Ирена Апостолова
Објавен : октомври 12, 2022