Катерина Јолакоска: Со „Рефлексија“ сме поблизу до инклузија

Катерина Јолакоска е уметничка директорка на танцовото студио „Еурека“ и авторка на „Рефлексија“. Нејзината премиера минатата недела предизвика овации од емоции кај публиката оти таа како добрата вила со волшебно стапче ја прави инклузијата на сцена – вистинска. Со неа поразговаравме како тоа ѝ успева.

Катерина, ова е ваша трета инклузивна танцова претстава, но за разлика од првите две кои се романтични, „Рефлексија“ е реалистичен одраз на денешницата. Што ве мотивираше во неа да се занимавате со најгорчливите теми на човештвото; како дигитализација, отуѓеност, булинг, ментално здравје, модерно родителство, инклузија?

Двете години поминати во пандемија, мислам дека на сите ни го изменија животот. Ни се наметна еден нов начин на живот, а со тоа и нови проблеми. Набљудувајќи ги генерациите кои поминуваат низ редовите на нашето студио, како и низ разговорите со дел од родителите, забележавме големи промени кај младите во однесувањето, во емоционалната состојба; не-комуникацијата која произлегува од наметнатата дигитализација, промена во расположението, намалена самодоверба, анксиозност, депресија…

Оттука, одлучивме дека е неопходно да се обработуваат овие теми, со цел будење на сите генерации. Ние преку танц, преку говор на телото дадовме јасен приказ на денешницата. Дел од нив ги разрешивме, а за дел ја оставивме публиката сериозно да се замисли.

„Рефлексија“ е едночасовен спектакл во кој учествуваат 220 танчари – деца и млади со и без попречености. Колку време и колку луѓе работевте на оваа претстава? Раскажете ни како течеше процесот на нејзиното создавање.

Претставата се подготвуваше буквално низ целата учебна година. Темите произлегуваа од секојдневните ситуации, кореографиите постојано се надоградуваа, а последните два месеци сето ова го финализиравме во еден убав производ. „Рефлексија“ е резултат на еден успешен тим кој многу се вложува и секогаш е подготвен за нови предизивици: Јана Андрејевиќ Лазарова, Теодора Јолакоска, Андријана Атанасова, Ања Јолакоска, Елена Чекова, Тамара Богатиновска, Стефани Кралевска, Теа Тодорова, Наде Андова, Даниела С. Кочијева. Тим од вредни и посветени членови кои неуморно работат и се вложуваат, и секогаш со љубопитност и ентузијазам пристапуваат кон секој нов проект, па така и кон овој.

„Рефрексија“ е резултат на довербата и одговорноста на родителите на 220 деца, кои веруваа во овој проект и ги следеа нашите чекори. Не можам а да не го спомнам генералниот директор Васо Ристов и тимиот на Националната опера и балет кои сите овие години несебично пристапија кон реализација на инклузивните танцови претстави, на кои сме особено благодарни.

После сѐ, сите ние сме особено горди што од претстава на претстава растеме, созреваме и сме се подобри и поуспешни во исполнување на нашата мисија.

Вие преку музика и танц, на суптилен начин, со вклучување танчари со физички и ментални попречености, и овојпат практично и пластично му покажавте на општеството што е всушност инклузија на дело. Особено се трогателни сцените во кои девојчињата стануваат од колички и танцуваат со помош на нивните пријателки. Од каде кај вас таков сензибилитет кон оваа популација?

Танцовото студио „Еурека“ веќе 21 година ги отвора вратите на лицата со попречености. Кај нас нема посеби и непосебни, кај нас сите се исти. Заслужна за ова е мојата мајка Јелица Салтирова – професор дефектолог, специјалист во оваа област, која е неуморна за својата област и успешно нѐ води сите овие години низ процесот на инклузија.

За сцените со девојчињата, ние не тргнуваме од мотивот да ја воодушевиме публиката, туку да го исполниме сонот на овие дечиња. Во овој случај, Дени и Јована сонуваа да излезат од количките на сцена, се обидовме и успеавме. Сите тие сцени се искрени, создадени со многу љубов од целиот тим и од самите учесници.

Дали мислите дека уметноста има моќ да ја „омекне“ ригидноста на системот? Или нејзината задача е само да ја стопли душата?

Јас верувам дека уметноста има моќ да ја ,,омекне“ ригидноста на системот, само треба да се охрабриме, да се обидеме, да имаме јасна цел и да тргнеме кон исполнување на нашите цели. За сѐ е потребно време, па така и за ова. Но мора да се обидуваме, како и да бидеме постојани за да ја навикнуваме јавноста и на малку поразличната слика од онаа која веќе ја познаваат.

Каква е иднината на „Рефлексија“? Дали има интерес таа да се стави на редовниот репертоар на НОБ? Планирате ли учество на некои фестивали или гостување во други градови?

Уште со поставување на првата инклузивна танцова претстава „Пепелашка“, имавме идеја и иницијатива да ја поставиме на редовен репертоар и бевме на добар пат, но за жал пандемијата не спречи. Искрено се надевам и посакувам и оваа премиера да ја види што поголем број публика, особено младите, со што ќе се потрудиме да ја разбудиме свесноста кај нив. За „Рефлексија“ интересот е веќе голем, планираме да посетиме повеќе градови во државата, но и надвор од неа… Зошто да не?

Фото: Мирослав Митиќ

Ирена Поповска

Објавен : јуни 15, 2022