Јулија Граматикова Лукиќ: Образовната асистенција е хумана професија

Јулија Граматикова Лукиќ е лиценциран образовен асистент со четиригодишно искуство. Во нејзиното портфолио има многу обуки, стекнати вештини и лични карактеристики како одговорност, совесност, прецизност. Со неа разговаравме за убавините и предизвиците на оваа суптилна работа.

Јулија, вие веќе 4 години работите, за наши прилики, една сосема нова и непозната професија. Луѓето кои не се во контакт со попреченоста знаат малку или не знаат ништо за ова занимање. Некои ги мешаат личните и образовните асистенти. Затоа, на почеток, објаснете што е всушност образовен асистент и кои се вашите дневни задолженија?

Да, токму така. Јас веќе 4 години работам како лиценциран образовен асистент. Ова е мојот животен избор. Да бидеш образовен асистент значи да сакаш нешта што се поврзани со хуманост и емпатија. Всушност, пред и над сѐ, значи да им подадеш рака на оние на кои им е таа најпотребна.

Покрај секодневните задолженија, да бидам присутна на часовите, да учиме заедно и да постигнунуваме успех во тековните наставни содржини, ние истовремено се дружиме со другарите од одделението и со наставниците. Се смееме, пееме, правиме откачени фотки, се ,,журкаме“ и слушаме музика.

Образованата асистенција за мене не е само учење од учебниците и следење на наставата, туку е и да бидеш главен мотиватор во она што тие наумиле да го направат и да ги поддржиш во тоа. Во овие деца има огромен потенцијал кој само треба да го насочиш и оформиш. Нешто како добро парче злато кое што треба да се обликува за да стане ремек дело.

Едноставно, се чувствуваш како да си дел од нив, а и тие од тебе, се поврзуваш и се сплотуваш. Делиме иста клупа, појадуваме заедно, небаре ти е најдоброто другарче од школските денови. Дени Жерновска ми вели: „Јуле, ти си мојата најдобра другарка, и многу ми е мило што те имам!“ Јас ѝ одговарам „И ти на мене Дени. А сега касни од крцкавото перече, па да фатиме малку да поучиме за тестот утре.“

Ѕвони ѕвончето, време е за дома. Но, мене денот не ми завршува после часовите. Мене ми ѕвони и потоа; што ќе ѝ донесе и како ќе го помине до вечер. Секој ден е важен и секој ден подеднакво се памети.

Условите за едуцирање на ученици со посебни потреби кај нас се генерално лоши; од неприфаќање на различностите преку немање инфраструктура до непознавање на наставниците на вештините за работа со нив. Во ваква средина, образовниот асистент има клучна улога. Како одлучивте и што ве поттикна да се занимавате со оваа исклучително комплексна и хумана работа?

Стигматизацијата на овие лица секогаш постоела и ќе постои, но јас се трудам ете колку можам да ја неутрализирам.

Полека се будиме, се рушат тие бариери, но мора целосно да паднат за да имаме квалитетна инклузија. Точно, јас како образовен асистент ја имам можноста директно да придонесам за поквалитетен живот на лицата со попреченост.

Соработката со наставниот кадар е добра. Најголемиот товар е реално токму врз нивни плеќи, но со обуките мислам дека имаат мало олеснување во работата, колку – толку.

Најголемиот проблем е во инфраструктурата, која и тоа како мора да се подобри. Ама не само во градските средини, туку секаде низ земјата.

Каде се пристапните рампи, тактилните патеки, лифтовите, тоалетите? Едноставно ги нема! Ги нема, да, или брзо се вон функција оти од вандализам се уништуваат. На остатоците од некогашните тактилни патики низ градов и тој што гледа може да се повреди. Оф, си велам, тешко на слепите лица!

Еве, на пример, не може дете од Центар или од било каде во количка да стигне безбедно на училиште, затоа што плочникот во Градски ѕид е целосно уништен, автобусите немаат пристапност, тротоарите се секогаш со автомобили затрупани.

Мора еднаш засекогаш сите да се разбудиме и да се свестиме дека за да ни успее инклузијата во целост треба да престанеме да ги гледаме ,,нив“ како низ магла. Крајно време е да почнеме да ги перцепираме овие лица сериозно и да разбереме дека сите еден ист воздух дишеме!

Мојата љубов кон овие деца е безусловна. Следствено, тоа беше и мојот најголем мотив ова да го работам. Знаете, во хуманоста и емпатијата е клучот!

Вие 3 години работевте хонорарно, а од неодамна сте во редовен работен однос во рамките на ресурсен центар „Иднина.“ Раскажете ни подетално за овој новитет на Министерството за образование и наука. Колку образовни асистенти се вработени во Македонија и дали таа бројка ги покрива потребите за ваков кадар на државно ниво?

Да, јас 3 години хонорарно работев како образовен асистент во средните училишта преку проектот на Град Скопје, каде имав одлична соработка. А од септември оваа 2021 година сум дел од основното училиште со ресурсен центар ,,Иднина“. Поточно, од годинава сум распределена во ООУ „Гоце Делчев“ (во општина Центар).

Овој новитет на Министерството од 1 септември 2021 системски се воведе во петте основни училишта со ресурсен центар на територијата на нашата земја. На огласите можеа да се јават сите лица кои имаат содветни компетенции и завршено високо образование за: Специјален едукатор и рехабилитатор, педагог, психолог, социјален работник, социјален и рехабилитациски педагог, како и оние кои исполнуваат услови за предметна и одделенска настава.

Јас, како дипломиран професор по Филозофија, сум дел од 500-те вработени образовни асистени во државата. Дали сме доволни со број, не би знаела да кажам, но многу никако не сме!

Некои стручњаци и родители на деца со попреченост се на мнение дека инклузија во редовна настава по секоја цена не е секогаш оптимално решение оти лицето може да се чувствува поисклучено отколку вклучено од низа причини. Дали се сложувате со оваа теза? По кои критериуми се одредува дали едно дете со пречки треба да биде дел од стандарден образовен процес и му следува асистент?

За жал, така е. Овие чувствителни прашања секогаш ја отвараат Пандорината кутија. Мора сѐ уште долго и напорно да се работи на инклузивното подобрување. Мислам првенствено на инфраструктурата, пристапните рампи, асистивната технологија, но и многу други технички нешта и човечки вештини и стратегии.

Децата со потешки форми на попреченост на кои им е потребна лекарски терапија и стручен третман, не би можеле да следат редовна настава, а со тоа и образовната асистенција е исклучена.

За среќа, училиштето во кое работам ООУ „Гоце Делчев“ во Центар, владее прекрасна инклузивна атмосфера. Исто така, имам одлична соработка со матичниот ресурсен центар „Иднина“, како и со целиот тим од ООУ „Гоце Делчев.“

Фактот што сте биле образовен асистент на двајца првенци на генерација – средношколци со посебни потреби кажува многу за вас. Вие имено директно влијате врз квалитетот на тековниот и понатамошниот живот на овие ученици. Дали е ова мотив долгорочно да се занимавате со оваа професија? И што им порачувате на тие што се двоумат дали да ја одберат?

Успехот на овие ученици е пред сѐ нивен личен успех, а јас ја имав таа чест да им бидам целосна поддршка во тоа. Таа трае и ден денес. Бев најсреќна кога видов една матурантка како прекрасно и рамноправно блеснува со сиот свој сјај со својата генерација.

Среќна бев и кога ми соопшти дека ќе биде во редовен работен однос, и успешно ќе се справува со работните обврски.

Сакам сите да бидат среќни и успешни, но треба и заедницата да им подаде рака, да им се даде максимална шанса да бидат вклучени во сите сегменти на општеството. Сакам инклузија да постои насекаде, не само во образованието!

Оваа професија или сакаш или не сакаш да ја работиш. Стопати треба да се преиспиташ дали можеш или не можеш бидејќи многу е суптилна и одговорна. Ти самиот одлучуваш и мораш до крај да одиш. Назад нема!

Продолжувам понатаму со нив. Да се бориме заедно, да ги сакам, да ги почитувам, да ги охрабрувам и да ги мотивирам!

Ирена Поповска

Објавен : декември 14, 2021