Изолираноста е правило за лицата со попреченост

  • Во целиот свет живеат околу милијарда и триста илјади луѓе со посебни потреби на кои не им е туѓа исклученоста што корона вирусот сега им ја наметна на остатокот од населението.
  • Измените во работните практики докажуваат дека слични прилагодувања би можеле да се направат и за луѓето со посебни потреби.
  • „Инклузивната револуција” поседува силен бизнис императив, но и уште посилен морален императив.

Низ целиот свет властите го ставаат своето население во некаков вид карантин како што вирусот на Ковид-19 фаќа се’ поголем замав меѓу светското население. Одеднаш, и за прв пат по долго време, огромни бројки население се соочуваат со чувство на исклученост од нормалниот живот и со чувство на изолираност кога поединци заразени со вирусот и другите членови на нивните домаќинства ги ставаат во карантин дома или во болници.

Но, за многу луѓе ова чувство на издвоеност и изолираност од „нормалниот” живот не е само привремена фаза; тие не чекаат да заврши карантинот за да продолжи нормалноста. За голем процент од населението, вклучувајќи ги постарите и многумина од 1.3те милијарди луѓе со посебни потреби низ целиот свет, секојдневното искуство на изолираност и исклученост е правило.

Многумина од оние што живеат со различни посебни потреби нема да можат да се вратат на „вообичаените практики” кога пандемијата ќе заврши. Такви се нивните вообичаени практики. Но, она што е вообичаено за нив ќе мора да се промени со оваа пандемија, зошто луѓето со посебни потреби се предолго исклучени од секојдневниот живот.

Докази за ова постојат долго време: знаеме дека кај луѓето со посебни потреби на работоспособна возраст вработеноста е 28,6 проценти пониска отколку кај луѓето без посебни потреби, и дека само 4% од бизнисите се фокусираат на понуди за работа кои се инклузивни за луѓето со посебни потреби. А сепак, исклученоста поради посебни потреби ги чини земјите на OECD 7% од нивниот бруто домашен производ, а луѓето со посебни потреби, заедно со нивните семејства и пријатели имаат куповна моќ од 8 трилиони долари.

Она што го гледаме денес е голема раздвиженост на бизнисот: брзо и флексибилно одговара на ударот и влијанието на вирусот и презема итни мерки за заштита и на вработените и на клиентите. Видовме колку брзо и нашироко се примени работењето од дома, се посвети време за купување на ранливите и се случи огромно зголемување во користењето на технологијата за виртуелни конференции.

Промените во бизнис практиките на светско ниво што можевме да ги согледаме последниов месец одговорија на фундаменталното прашање за многу компании: Може ли мојот бизнис, не само да се прилагоди, туку и да цути кога најголем дел од моите вработени работат од дома? За повеќето компании одговорот е да. Сознанието дека ова може да функционира е со огромни импликации за вклучувањето на луѓето со посебни потреби во бизнисите, бидејќи многу од практиките што толку брзо беа обмислени во текот на изминатиов месец се истите оние што им дозволуваат на луѓето со посебни потреби, не само да учествуваат, туку и да бидат успешни во бизнисот.

Мораме да се осигураме бизнисите да ги применат сознанијата од овој период за да се подобри вклученоста на луѓето со посебни потреби низ целиот свет со користење на истите алатки што се користат и сега за да и’ се овозможи на оваа заедница потполно да учествува во работната сила. Нема никакви изговори да не се стори тоа – видовме дека функционира за голем дел од 7,8 милијарди од светското население, па така сега ќе мора да продолжи да функционира и за овие 1,3 милијарди.

Згора на тоа, пандемијата на корона вирусот сосема ја изјасни критичната важност на дигиталната комуникација за непреченото функционирање на бизнисите во овој период, како и нејзината важност за оние кои остануваат дома да бидат поврзани со семејството и пријателите, на тој начин спречувајќи ја осаменоста. Вредноста што ја согледуваме во дигиталната комуникација мора исто така да се примени и врз луѓето со посебни потреби. Ќе мора да се осигураме како што ќе продолжуваме веб страниците и дигиталните медиуми да бидат целосно пристапни, како и тоа титловите и аудио-описите да станат правило, а не исклучок, за луѓето со посебни потреби да продолжат да уживаат во сите придобивки што сите ги искусуваме во моментов.

Веќе знаеме дека бизнисите испуштаат огромни можности да допрат до клиенти поради недостаток од пристапност. Во 2016, истражувањето Click-Away Pound во Велика Британија покажало дека повеќе од 4 милиони луѓе ја напуштиле веб страница за продажба поради пречките на кои наишле, повлекувајќи така според проценките 11,75 милијарди фунти потрошувачка. Во 2019 година таа изгубена продажба се зголемила до 17,1 милијарда фунти. Би била голема придобивка за бизнисот да се промени ова и сега е времето да се стори тоа.

Она што го нарекуваме „инклузивна револуција” добива се’ поголемо засилување во последниве неколку години, онака како што светските компании стануват свесни за моралните, социјалните и економските придобивки од вклучувањето на луѓето со посебни потреби. И навистина по лансирањето на The Valuable 500 – светското движење што повикува 500 национални и мултинационални корпорации од приватниот сектор да ги стават посебните потреби на својата агенда за бизнис водство на сцената на Светскиот Економски Форум во 2019 година, 260 од светските водечки менаџери и глобални брендови се придружија на кампањата. Овие компании ќе бидат пресвртницата за промени и се здружија за да ги отклучат распространетите бизниси, економски и социјални вредности за лицата со посебни потреби низ целиот свет.

Сега ја имаме можноста да го забрзаме разрешувањето на ова прашање, да градиме врз сознанијата од последниве неколку недели и да изградиме нови светски системи што ќе ги вклучуваат луѓето со посебни потреби. Треба подобро да ја препознаваме вредноста на секого за никој да не биде изоставен и да се осигура вклученоста на сите да се вкорени, наместо да биде само исклучок.

Не верувавме дека нашите светски системи можат да се сменат, а сепак докажавме дека можат за време на оваа криза – веќе нема изговори да не се промени иднината. Сега ќе мораме да го преобмислиме системот за пост-Ковид-19 и да создадеме целосна вклученост од самиот почеток.

Извор: World Economic Forum
Превод: Марија Џонс

Објавен : април 21, 2020