Излагање на Драги Неделчевски во ПРКОС

ПРКОС со задоволство ве поканува на излагањето „Фотографирањето како оддишка“ на Драги Неделчевски. Тој, како татко на син со тешка психо-физичка попреченост, ќе презентира фотографии и ќе зборува за тоа колку неговото хоби му помага да остане ментално јак и покрај мачното секојдневие, колку процесот го одлепува од реалноста, колку е важно да се има вентил што те прави среќен итн.
Драги Неделчевски е роден 1958 година во Тетово. По образование е дипломиран правник, а активен фотограф е повеќе од 40 години. Негов примарен интерес во фотографијата е документарната фотографија.
Во 1980 година е еден од основачите на Фото кино студиото во Домот на културата во Тетово, а во 2003 година е еден од основачите на Фото група „Чкрап!“ од Тетово.
Автор е на неколку самостојни изложби меѓу кои: „Живот во кутија“ [(2009),Скопје, Прилеп, Белград, Сараево, Берн и Нови Сад], „Фотографи(и)“ [(2014), Скопје], „Кратки приказни“ [(2017), Тетово, Струга], „Дијагноза“ [(2022), Скопје].
Повеќепати е наградуван на бројни домашни и меѓународни изложби на фотографија. Носител е на звање Фотограф I класа кое го доделува Фото сојузот на Македонија.
Коавтор е на монографијата „Живот вреден за живеење“ [(2016), со Мимоза Петревска Георгиева и Емилија Георгиевска Наневска], како и на фото-монографијата „12 македонски фотограф(к)и“ [(2019), со Никола Гелевски].
Предавач е на програмата „Курс по фотографија“ и ментор на Академијата за фотографија во SKALA School – Џолев и уметностите од Скопје.
Драги Неделчевски е член на ПРКОС од самото основање, а последните две години е и во Управниот одбор на организацијата.
Настанот ќе се случи на 25 октомври во 19:30 часот во психолошкото советувалиште ПРКОС, лоцирано во Тафталиџе 2, близу Реплек. Адреса: Ванчо Мицков, 7А, стан 2. Повелете на интерактивно дружење!
И. П.
Објавен : октомври 21, 2023