Господар на занаетот

Стручњаците се` уште се двоумат дали Il Divino или Божествениот страдал од гихт или остеоартритис. Како и да е, тој имал големи болки и значителни тешкотии со подвижноста на дланките и стапалата. Сепак, до 88 години не престанал да длаби, ваја и слика

Како да се почне приказна за човекот кој го смени светот доближувајќи му ги ренесансните идеали преку своите парчиња уметност? Како да се одберат правите зборови за да се опише мајсторијата или мистиката на уметникот која го одреди текот на Западната уметност, па и цивилизација? И како добога да се сублимираат во еден текст сите негови дела, слабости, вештини, маани, доблести?

Микеланџело ди Лодовико Буонароти Симони (1475 – 1564 г.) е еден од најраните вистински „карактери“ во историјата на уметноста. Тој беше универзален и уникатен гениј, кој се вбројува во најголемите уметници во периодот на италијанската ренесанса, дури и со стекната репутација на незгоден темперамент, на непостојан и тежок човек. Иако Микеланџело беше во голем дел „заживување“ на класичната грчка и римска уметност, сепак неговите исклучителни артистички придонеси ги надминаа мимикриите на антиката. Неговиот опус беше вдаховен со психолошки интензитет и емоционален реализам што никогаш порано не беа видени, и често предизвикуваше многу контроверзи.

И покрај својата бунтовност, тој успеа да најде поддршка за живот за и со уметноста од страна на најпознатите покровители на ерата и така ги создаде најиконичните светски ремек-дела што продолжуваат масовно да се почитуваат, дури и во побожен контекст – лушето се молат и крстат на и во нив и ден-денес.

Неговите рани студии за класична грчка и римска скулптура, заедно со студијата за машки и женски тела, предводени од вонсериската визија и големиот талент, придонесоа тој да стане и врвен експерт за анатомија. Мускулатурата во акција на неговите торза е толку автентично прецизна што за нив се вели дека буквално дишат и се движат како да се пред вас.

Умешноста на Микеланџело да издлаби и изрезба една цела скулптура од еден блок мермер останува неспоредлива и непобедива и после 5 века. Тој еднаш рече:„Го видов ангелот во мермерот и клесав додека не го ослободив“. Иако беше и архитект и поет и сликар, најпознат е како скулптор, оној кој можеше да изведе вистински живот од камен.

Како млад вајар, Микеланџело им го привлекол вниманието на неколку важни патрони така што го претставил негово дело како антиквитет од древна Грција. Кога имал само 19 години, тој ја направил сега изгубената скулптура Заспаниот Купидон, а потоа работел со член од моќното семејство Медичи за да ја направи скулптурата како антиквитет. Младиот уметник дури и ја закопал мермерната скулптура за да изгледа старо и истрошено.

Иако ова му помогнало да ја продаде скулптурата поскапо, истовремено му го привлекло вниманието на важен колекционер. За време на италијанската ренесанса, копирањето класични уметнички дела не било нешто лошо, туку покажување талент. Па кога кардинал Риарио ја купил скулптурата и ја открил измамата, не бил разочаран. Наместо тоа, тој го поканил Микеланџело во Рим да работи за него. Токму оваа покана ја лансирала кариерата на уметникот.

Сладострастната и бурна личност на уметникот е легендарна. Тој честопати ги напушта проектите на половина пат или си игра со својата гордост или пркос на општата конвенционалност преку контроверзни средства и начини, како што е сликањето на сопственото лице фигури од неговите дела, лицата на неговите непријатели во потсмев на модата од тоа време или безобразно прикажување на светите ликови во голотија.

Најзначајните парчиња на Микеланџело се овие три: масивното сликање на 1000 м2 на библиските наративи, особено фреската со драматична релација човек – Бог Создавањето на Адам во ватиканската Систинска капела, 17-метарскиот тестамент за машкото совршенство направен од фрлен мермер Давид сместен во фиренциската Палацо Векио и срцепарателната, оригинална скулптура Пиета која се наоѓа во римската базилика Свети Петар, се сметаат за едни од најгенијалните уметнички дела во светот, привлекувајќи голем број туристи до денес.

Микеланџело Буонароти умрел на 18 февруари 1564, како последица од треска. Својата последна желба ја изрекол во три реченици, како што забележува неговиот биограф Вазари, предавајќи му ја својата душа на Господ, своето тело на земјата и своите работи на најблиските роднини. Телото на починатиот уметник било изложено во саркофаг неколку дена, а само неколку дена по погребот, неговиот роднина Леонардо Буонароти го пренесува телото во Фиренца, во Санта Кроче, каде што и самиот уметник сакал да биде погребан.

Ирена Поповска

Објавен : декември 9, 2020